Генералите на НАТО „шокирани“ од компјутерска анимација
Објавено во Рецензии
on 22 - 07 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Генералите на НАТО шокирани: Еве што Русија долго крие од очите на светската јавност! (Видео)]
Понудениот материјал, во најмала рака, е нешто како од вицевите за тоа што сакал малиот Ѓокица. Компјутерска видеосимулација е претставена како некакво си руско тајно оружје. Ајде што презентираното изгледа смешно, туку наводно од виденото се исплашиле и НАТО-генералите. Несериозност која се граничи со глупост.
Линк до оригиналниот напис: Генералите на НАТО шокирани: Еве што Русија долго крие од очите на светската јавност! (Видео)
Датум и време на објавување: 17.07.2016
Датум на рецензирање: 20.07.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ПРАЗНА КОМПЈУТЕРСКА ФАНТАЗИЈА
Човек да не знае што да каже кога ќе види како нечија компјутерска фантазија, сон од виртуелната реалност, добива облик на веродостојна информација која се пласира како вистинита. Можеби да остане со отворена уста?! Да разјасниме неколку работи – гледаме симулација, материјал кој наликува на вовед од некоја видеоигра. Значи, не станува збор за реална видеоснимка која би го потврдила „наодот“ за ултра-страшно руско оружје кое уништува сѐ што е непријателско, туку за мултимедијална снимка која е забавна, под услов да имате најмногу осум години. Оттука, нејасно е како врз основа на само овој материјал од видеоигра се темелат апокалиптичните тврдења:
„Руското најново наоружување прикажано на видео во ХД резолуција ги шокира грнралите на Пентагон и НАТО.
На видеото се прикажува како ќе изгледа Третата светска војна и што е тоа што Русите толку долго го криеле од очите на јавноста.
Погледајте го видеото кое содржи невероватно софтифцирано одружје од кое со право се шокирани и генералите нa Пентагон и НАТО..“
Ако малку се истражи, се доаѓа до тоа дека видеозаписот е продуциран од одреден руски концерн поврзан со воената индустрија. И под самиот материјал објавен на„Јутјуб“ (Youtube) се наоѓа веќе споменатиот текст од домашниот веб-портал. Недозволиво. Воена пропаганда, памфлет, независно чиј е и од каде доаѓа, без трошка новинарски сомнеж и проверка, е туку-така преземен и објавен како нормална, редовна и вистинита информација.
„Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави“.
„Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“ – член 1 од Кодексот на новинарите.
Непроверено, жолто, сензационалистичко… Пример за тоа како не треба да се пишува новинарски текст.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
наклонетост
политичка пристрасност, друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови