verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Фушерска држава

on 12 - 09 - 2016       
geograph-2925353-by-christine-matthews
Распадната куќа. Фото: Christine Matthews

 

Фуш насекаде околу нас. Од медиуми, преку „Скопје 2014“ и фушерска политичка криза, до објаснување земјотреси 

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Не знам дали е збор од некој туѓ, немакедонски жаргон, но бидејќи и кај нас е одомаќен, тоа е зборот, дијагнозата, кој(а) најдобро ги отсликува структурите на нашата држава. И тоа оние најважните, највидливите.

Фуш е крпеница, нестручност, аматеризам, крпарење, непрофесионалност, почетништво, брљотина, површност, дилетантизам…

Можеби може да се додаде уште нешто, но, еве, нека биде толку од мене, а многу повеќе нека дојде од вас како проширена и надградена национална стратегија и карактеристика.

Дали е претерано и несоодветно ова споредување? Ајде да го провериме и да почнеме од медиумите. Мојата област, мојата тема.

Од минатата година нашата земја е ставена во категоријата неслободни земји во однос на медиумите и слободата на изразувањето. Зошто?

Затоа што уредниците во најголемиот дел од медиумите во Република Македонија се или во доброволна спрега со двата одлучувачки фактори – сопствениците на медиумите и политичките центри на моќ, или се под нивен бескрупулозен притисок.

Амбиентот на особена политичка поларизација и партизација на севкупниот систем создаде и поделба во медиумската сфера, меѓу новинарите и уредниците. Перцепцијата што преовладува е дека постојат само провладини и опозициски медиуми.

Иако постои добра медиумска легислатива, законите не функционираат зашто не функционира системот, а системот не функционира според законите, зашто е направен за да функционира на принципот на услуги и на клиентелизам.

Во триаголникот сопственици-политичари-уредници, поголем број уредници се ставија во улога на политички комесари. Некритички ги застапуваат интересите на политичките центри на моќ или бизнис-интересите и ги кршат професионалните стандарди. Од таквата нивна улога произлегуваат невистинити информации како вести, квазивести, паравести, медиумска реалност што не постои.

Тоа е резултат на медиумскиот фуш!

Сакате ли да зборуваме за градежништвото во Македонија? За најголемата инвестиција на владата „Скопје 2014“ вредна 650 милиони евра. Досега!

Фонтана која не работи, фасади од стиропор, мост кој распукува, ограда која рѓосува, објекти кои се дават во вода… Ова се само дел од аномалиите на контроверзниот проект „Скопје 2014“. Во изминатиов период се тема на критика на јавноста и дел од познавачите. Архитектите не сакаат да коментираат колкав ќе биде рокот на траење на објектите, фасадите и на другите елементи, но велат очигледно е дека е градено набрзина и неквалитетно.

Фушерски! Барем кај градежниците овој термин е прилично добро познат.

Земете го кој било извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја и ќе ви стане веднаш јасно зошто пишувам за политички фуш. Во последниот, за 2015 година се вели дека „Република Македонија се соочи со својата најлоша политичка криза од 2001 година. Политичката култура на поделби, недостигот од компромис и прекинот на дијалогот доби форма на континуирана и долготрајна политичка криза, вклучувајќи бојкот на Собранието од страна на главната опозициска партија и дополнителна ерозија на довербата во јавните институции. Кризата дополнително се продлабочи со објавувањето на следените разговори кои вклучуваат високи владини функционери и функционери на владејачката партија, кои сугерираат прекршување на фундаменталните права, мешање во судската независност, слободата на медиуми и изборите, како и политизација и корупција во различни области. Македонската Влада, Собранието и соодветните надзорни тела не успеаја да реагираат соодветно на откритијата“.

Зошто не рагирале соодветно на откритијата? Затоа што се фушерски, односно ги раководат политички дилетанти, според толковникот за зборот фуш.

И хидролозите и сеизмолозите не ни се поарни. Една од нив вели „вакви потреси“ се случуваат на 10 до 12 години, а друг нејзин колега вели ваков потрес немало во последните 200 години, целосно заборавајќи го земјотресот од 1963 година.

Фуш!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести