verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Фронт за слобода на изразувањето: Владата да ги повлече медиумските закони

on 23 - 12 - 2013       

Фронтот за слобода на изразувањето, имајќи ја предвид очигледната намера на власта, по секој цена и што побрзо, да го донесе законот за медиуми, изразува сериозна загриженост за и онака загрозената слобода на медиумите во Република Македонија.

Последните настани околу предлог-законот за медиуми и наводниот договор меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Здружението на новинари на Македонија, за промени во предложениот законски текст, недвосмислено покажуваат дека Владата сака, пред новогодишните празници, брзо, зад затворени врати, без широка јавна расправа и без меѓународен мониторинг, да биде усвоен законот за медиуми.

Едновремено, нè вчудовидува и поддршката што меѓународната заедница му ја дава на овој нетранспарентен процес на експресно донесување на медиумските закони особено, затоа што, токму Европската комисија, неодамна, јасно и недвосмислено порача дека треба време и сеопфатна согласност за да се донесат законите за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги

Имајќи ги предвид предложените законски решенија, но и ставот на поголемиот дел од новинарите, Фронтот смета дека  тие ќе бидат штетни за слободата на медиумите односно ќе претставуваат дополнителна засилена контрола врз медиумите и новинарите во државава.

Затоа, Фронтот бара од власта да ги повлече предлог-законите  и да создаде амбиент за непречено и слободно функционирање на медиумите и на новинарите во Република Македонија.

Фронтот за слобода на изразувањето е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување во, првенствено во Република Македонија, но и секаде во светот.

Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.

 

Извор: Соопштение од Фронтот за слобода на изразувањето, 23.12.2013

Претплатете се за најнови вести