Фотографијата од земјотресот во Албанија со кучето и сопственикот е манипулација
Објавено во Рецензии
on 27 - 11 - 2019 Автор: АдминДел од медиумите во Северна Македонија со сензационализам известија за земјотресот во Албанија. Најочигледен случај беше оној со кучето, што се покажа како лажна фотографија
Линк до оригиналниот напис: “Фотографија која ги расплака сите, кучето не се тргнува од телото на сопственикот кој се наоѓа под урнатините“ „Fotoja që po i përlot të gjithë, qeni nuk largohet nga trupi i pronarit qe ndodhet nën gërmadhat e tërmetit (FOTO)“
Датум на објавување: 26.11.2019
Датум на рецензија: 26.11.2019
Рецензира: Фатбарда Цури
Најсензационалистичко беше известувањето на порталот на политичката партија Демократската унија за интеграција, „Башке.тв“, кој случајот со кучето го опиша како „трогателна слика“.
„Трогателна слика денес кружи на социјалните мрежи. Во трагедијата што се случи рано изутринава во Албанија, некој доловил тажна слика. Едно куче стоеше пред раката на сопственикот, кој се наоѓаше под урнатините на објектот што беше срушен од земјотресот“, се вели во веста што ја разгледуваме.
Фотографијата со сличен опис ја објави и порталот „ИН7“, исто така од Северна Македонија.
„Трогателна слика денес кружи на социјалните мрежи. Во трагедијата што се случи во раните утрински часови, некој доловил тажна слика. Едно куче стоеше пред раката на сопственикот, кој се наоѓаше под урнатините на објектот што беше срушен од земјотресот“, се наведува во написот на „ИН7“.
Ова е во спротивност на основните принципи на новинарството, во кои се вели дека пред да се објави информацијата во јавност, вестите мора да бидат проверени. Исто така, се вели дека известувањето за природни непогоди мора да биде ослободено од сензационализам.
“Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда“, се вели во осмиот принцип на Кодексот на етика на новинарите.
Потврдувањето на изворот на информации важи и за фотографии и видеа. Меѓутоа, доколку медиумите одлучат да објават стари фотографии, мора да наведат дека е од архива или дека служи само за да се илустрира ситуацијата.
Пребарувајќи во „Google Images“, потврдено е дека фотографијата со кучето што ги преплави социјалните мрежи и медиумите, е стара фотографија и не се совпаѓа со земјотресот во Албанија.
Дека сликата е стара и не соодветствува со моменталната состојба во Албанија, објави и Лајми.нет, кој со докази покажа дека таа слика била ставена во нивниот систем на почетокот од годинава.
За читателот: Точното информирање е ваше уставно право
Мора да запомните дека точното информирање е ваше уставно право, затоа инсистирајте тоа да биде од медиуми кои користат точни и проверени извори. Во овој случај, дадените медиуми не го почитувале вашето уставно право.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.