verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Фикција што не е интересна, а ниту логична

on 22 - 07 - 2016       

 

Infomax - Fotomontaza Spasoski

 

[Рецензија: СЕ ФИНАНСИРА ЛИ СДСМ СО ПАРИ ОД ТЕРОРИСТИТЕ: Оливер Спасовски земал пари од терористите кои влегле кај Липково?!]

 

Веќе подолго време се шетаме по дното на она што треба да е новинарство, а низ овој пример што го рецензираме само докажуваме дека немаме веќе ниту „монтирани, лепени и сечени“ вести, туку дека имаме комплетен „фикшн“, значи „литература“ која е целосно измислена сторија, само што наместо искреирани имиња на јунаците, имаме конкретни ликови од стварноста, обично политичката. Немате ниту еден факт кој се извлекува од реалниот живот и се става во хронолошки или логичен ред, туку се прави сторија која, дури и како таква, производ на некаква фантазија, просто не е интересна, а ниту логична! Како наместо со новинарски производ да сте на некоја писмена вежба, при што наставникот ви ги дава ликовите кои треба да ги оцрните, а сѐ друго е прашање на „творечка слобода“.

 

 

FireShot Capture 21 - СЕ ФИНАНСИРА ЛИ СДСМ СО ПАРИ ОД ТЕРОРИ_ - http___infomaxЛинк до оригиналниот написСЕ ФИНАНСИРА ЛИ СДСМ СО ПАРИ ОД ТЕРОРИСТИТЕ: Оливер Спасовски земал пари од терористите кои влегле кај Липково?!

Датум и време на објавување: 19.07.2016

Датум на рецензирање: 21.07.2016

Рецензент: Љубомир Костовски

 

 

ВЛЕГОЛ ЛИ БАТАЛЈОН?

„Освен тоа што Оливер се изживувал со парите на граѓаните, безбедноста на државата и безбедносните сили, според последните информации кои ги доби редакцијата … се дека терористите кои пред четири месеци влегоа во реонот на Липково всушност биле во постојан контакт со Спасовски. Како што дознава … влезот на терористичката групација кај Липково броела 50-тина лица, наместо претходно споменуваните 40 терористи, за кои се шпекулира дека имале намера да изведат терористички напад во затворите каде што се затворени терористите од Диво Насеље.“

 

Се работи за, наводно, некаква ексклузива, која секако би била важно сознание ако навистина сме имале пред четири месеци (крајот на март) акција на полицијата во која се користела толкава ефектива на МВР. Влегла група која требало да ги ослободи затворените заради случајот „Диво Насеље“, а ние како јавност не сме почувствувале многу?!

Најпрвин, читателот ќе се запраша дали тој настан навистина се случил: да имавме така крупен настан со влез на 40 односно 50 до заби вооружени лица, а за тоа да не се говори, односно власта да не го искористи – не преку медиуми, некако ептен зад сцената – туку со барање јавна одговорност, просто не е можно?! За ваков влез дури имаме и меѓународен скандал – тие вооружени терористи влегле, значи, од Косово, а група во таков обем, речиси баталјон војска, е скандал пар екселанс! Настрана што за таква група би се подигнал и странскиот елемент (да се сетиме само каде се наоѓа базата Бондстил). А зошто во текстот не се кажува од која земја дошле вагабонтите и каде евентуално се вратиле! Демек, нема никој да се сети.

 

БРОЈКАТА „ПЛОВИ“

Со тврдењето во текстот дека терористите не биле 40, туку 50, текстот е во контрадикторност со изјавите на министерот од власта Чавков, па и со делови од претходен текст објавен на медиумот, каде е објавен текстот што го рецензираме, дека имаме „изживување врз парите на граѓаните“.

Тоа Чавков го повтори и на прес-конференцијата одржана деновиве во МВР, а на истиот медиум од каде доаѓа рецензираната статија, е објавен текст со комплетна пресметка, која јасно оди во насока дека немало ништо на границата, туку само се потрошиле пари. Јасно е дека тука извор за пресметка на чинењето на акцијата е самото МВР (поради наведеното сметководство и изброените работни часови), ама пак немаме одлука: дали тие пари се залудно потрошени или сме спасени од голема опасност? А што ако, како што се тврди во текстот, за безбедносното загрозување на границата јавиле службите, кои тука се фалат, а на кои потоа не им недостига влакно на главата? И, конечно, од каде таа сума подоцна медиумот ја претвора, онака, без да нѐ подготви за тоа, во „рекет“ кој го зел Спасовски за СДСМ, според насловот, бидејќи им нашол пат на терористите за да излезат… Еднаш истата сума се троши, а потоа се зема во паричникот – ја носеле терористите во ранците… Ова едноставно замирисува дека се правеле две варијанти на приказни за ист настан, а потоа се миксале, ама не се внимавало на контрадикторностите меѓу нив.

 

ФАКТИ ИЛИ ПРЕКАЖУВАЊЕ ГЛАСИНИ?

Творбата требало да се одреди во жанрот и содржината. Ни се нуди како текст со факти или се коментираат разни гласини? Насловот е сензационален и не се потврдува во текстот, а фотографијата е компјутерска творба, која треба да направи спој меѓу УЧК и СДСМ.

Впрочем, во тек е судење за случај за кој и светската јавност јасно го кажа своето мислење, при што лесно се утврдени поврзаноста на партиите од власт и на терористите, главно платеници дојдени од Косово. Заради таа врска имавме нишки кои лесно нѐ доведуваат до поранешни раководители на МВР, кои потоа си дадоа оставка  – Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска (мај 2015).

Тоа се факти, а сѐ друго се „болни рани,“ кои не се лекуваат со минхаузеновски четива. Кои, патем, нѐ потсетуваат на приказната на Цепенков за ѓупците – тапанџии кои здогледале дузина мечки, при тоа постојано ги менуваат бројките колку ѕверки навистина здогледале, за на крајот да признаат – ниту една. Дури, што ти е фантазија, во прилогот ни се нуди заклучок дека можеби биле дури и 70 терористи, кои ни ги оставиле панцирите! Добро е што сторијата, сепак, има крај, инаку терористите ќе нѐ поплавеа…

 

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

нерелевантни

не може да се утврди

Тие се еднострани, ама контрадикторни

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност,

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

политичка дискриминација,

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

не апликативно

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести