verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прикриен поттик на насилство за реална закана

on 17 - 06 - 2015       

FireShot-Capture-https___www.facebookcom_MilenkoNede-crop-resize

 

 

Иако Неделковски не повикал децидно на физичка пресметка или ликвидација на Поповиќ, тој сепак отворено повикува на некаков облик негативна интеракција со него, а токму така бил разбран и од своите фејсбук-следбеници. Со оглед дека Неделковски, на чиј профил овие предлози „паднале“, не покажал никакво каење ниту, пак, осуда на навредливите и заканувачки написи на лицата што коментирале под неговата објава, може да се заклучи дека тој го одобрува тоа или, во најмала рака, не го осудува.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

„Ова е српскиот терорист Срџа Поповиќ од Канвас. Доколку го сретнете во живо, знаете што треба да направите“.

Со овие зборови, објавени на сопствениот фејсбук-профил, македонскиот телевизиски новинар Миленко Неделковски ги повика своите ФБ-пријатели и лицата што го следат неговиот профил да се пресметаат со Поповиќ, српски политичар и активист, познат како лидер на Канвас, посочувајќи го како „пријател на Сашо Ордановски, идеологот на обоената револуција“. Неговата објава генерираше голем број коментари што се надоврзуваа на повикот на Неделковски:. „Куршум во чело!“ „Да се фати жив и на ражен да гори!“, „Кој ќе го сретне и препознае, по можност да организира ликвидација“, порачува трет, а има и понуди за парична награда за реализирана ликвидација: „Одма да се заколе, да се ликвидира плаќам кеш 3000 евра“.

 

Новинарска лекција: Фејсбук говор на омраза на новинарот Миленко Неделковски САЈБЕР-ПОТТИК ЗА РЕАЛНИ ЗАКАНИНАВРЕДИ И ЗАКАНИ ЗА НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ

На објавата на Неделковски ѝ претходеше серија текстови во медиуми наклонети кон власта, во која Поповиќ беше посочуван како личност која ѝ помагаше на опозицијата во подготовка на бунт против владата на Никола Груевски, преку менаџирање на објавувањето на снимените разговори и организацијата на протестите. Поповиќ и организацијата Канвас, чиј извршен директор е тој, се глобално познати по својата инволвираност во организирањето на отпорот и на протестите што доведоа до падот на режимот на Слободан Милошевиќ во Србија, како и во таканаречените „обоени револуции“ и во Арапската пролет.
Иако во она што го напиша на својот профил Неделковски не е содржан експлицитен повик за насилство, тој во јавноста веќе неколкупати досега искажуваше и конкретни закани за своите политички неистомисленици, од кои најмногу реакции предизвика следнава:

„Ќе им порачам дека оваа финална битка на македонскиот народ со предавниците во своите редови треба да се заврши на начин да треба сите тие предавници, гниди македонски, за жал македонски, да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана, бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува.“

Таа беше повод Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија да излезе со соопштение во кое информира дека во иднина нема да комуницира ниту со Неделковски, кого го нарекува „контроверзен новинар“, ниту „со сите медиуми што му обезбедуваат платформа за да ги искаже таквите ужасни пораки“.

Аргументот дека „знаете што требате да направите (ако го сретнете српскиот терорист Срѓа Поповиќ)“ не значи и де факто произнесување дека тој треба да биде убиен или на друг начин физички загрозен, може да се земе предвид, но, исто така, треба и мора да се земат предвид и манирот на говор и на поттикнување омраза и насилство кои оваа личност и во другите јавни настапи отворено ги искажувала. Според тоа, иако Неделковски не повикал децидно на физичка пресметка или ликвидација на Поповиќ, тој, сепак, отворено повикува на некаков облик на негативна интеракција со него, а токму така бил разбран и од своите фејсбук -следбеници. Со оглед дека Неделковски, на чиј профил овие предлози „паднале“, не покажал никакво каење ниту, пак, осуда на навредливите и заканувачки написи на лицата што коментирале под неговата објава, може да се заклучи дека тој го одобрува тоа или, во најмала рака, не го осудува.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА – ДА ИЛИ НЕ

Дали во објавата на Неделковски за Срѓа Поповиќ има говор на омраза или друго кривично дело, дали се работи за практикување слобода на говор, колку сериозно треба да се сфати пишувањето на една индивидуа на социјалните мрежи и дали постојат елементи за повикување на одговорност? Ако се тргне од најшироката дефиниција на тоа што е говор на омраза, таа ги опфаќа:

„сите облици на изразување што шират, распалуваат, поттикнуваат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или станати облици на омраза заснована врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолерантност изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација или непријателство против малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло“. (Препорака бр.Р(97)2 на Комитетот на министри на Советот на Европа за говорот на омраза од 1997 година).

Според Прирачникот за слобода на изразување и говор на омраза на ОБСЕ (д-р Елена Михајлова, д-р Јасна Бачовска, м-р Томе Шекерџиев, Скопје, декември 2013 година), пак,

„Говорот на омраза подразбира изразување на омраза за определена група. Тој се користи за да се навреди едно лице преку расната, етничката, религиската или друга група на која тоа лице и припаѓа.“

Од практиката на Европскиот суд за човекови права, кој се занимава со вакви дела, се развиле неколку елементи на говорот на омраза: намерата, содржината, односно контекстот на изразувањето и забранетата последица. Според нив, говорот на омраза подразбира изразување зад кое стои намера за поттикнување, промовирање или оправдување омраза кон лицата што припаѓаат на определена група. Процената за тоа дали едно конректно изразување претставува говор на омраза ќе зависи како од содржината на тоа што е изразено, така и од конкретните околности на случајот, т.е. покрај содржината, важен е и контекстот на конкретното изразување. На пример, дали изјавите ги дава политичар, новинар, уметник, обичен граѓанин, во кои околности, на кое место и во кое време итн. Од аспект на последиците, говорот на омраза, покрај тоа што причинува повреди на достоинството на лицата на кои се однесува, исто така е и говор кој има способност да доведе до нарушување на јавниот ред и мир или насилство.

Прикриен повик на насилство деновиве М.Неделковски објави и кон новинарот Бранко Тричковски
Сличен статус деновиве М.Неделковски објави и за новинарот Бранко Тричковски

Ако се анализира објавата на Неделковски низ призмата на овие наброени елементи кои определуваат кој говор е говор на омраза, самото апострофирање на епитетот „српски“ и етикетирањето како „терорист“ (не е потребно да се елаборира каква перцепција јавноста има за оној кој е наречен „терорист“. Според една од многуте дефиниции за терорист, тоа е лице кое „тероризира или заплашува други луѓе“) на Срѓа Поповиќ, веќе го доведува во рамките на дефиницијата за говор на омраза, врз основа на негово издвојување како припадник на одредена етничка заедница. Тежината на зборовите е дотолку поголема што нив ги искажува новинар, јавна личност на која ѝ верува определен број луѓе, и тоа во време на изразени политички и општествени тензии, како и зголемена сензибилност на публиката. Нарекувањето на Поповиќ „српски терорист“ преку социјална мрежа, пред околу 25.000 следбеници (оние кои кликнале дека им се допаѓа неговиот јавен профил) им испраќа конкретна порака не само да го перцепират на ист начин, туку и да преземат конкретни чекори – „знаете што треба да направите“. Дека пораката стасала онаму каде што е испратена и дека правилно е разбрана, сведочат и коментарите под објавата, веќе споменатите понуди за ликвидација, куршуми во чело и горења на ражни.

 

„ЗНАЕТЕ ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИТЕ“

Тука е добро да потсетиме на случајот на белгискиот новинар Жорж Ругиу, кој во 2000 година беше осуден на 12 години затвор од Меѓународниот суд за воени злостори во Руанда затоа што, од самиот почеток, па до крајот на крвавата цивилната војна во Руанда, како водител на најпопуларното радио-шоу во таа земја на радиото РТЛМ, секојдневно повикувал на крвопролевање, охрабрувал и поттикнувал припадници на племето Хуту да одат и да убиваат припадници на племето Тутси, нарекувајќи ги вториве „лебарки“ кои треба да се уништат. Пораката „знаете што треба да направите“ морничаво се совпаѓа со повиците кои Ругиу им ги испраќал на своите слушатели Хуту, поттикнувајќи го геноцидот во Руанда, во кој биле убиени речиси милион мажи, жени, деца.

Легислатива во Република Македонија предвидела начини на справување со вакви случаи. Според Кривичниот закон на Република Македонија:

„тој што по пат на информатички систем ќе се закани дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна против некое лице поради нивната припадност на одреден пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или браќна состојба, имотен статус, здравствена состојба или на било која друга основа предивидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со казна затвор од една до пет години“ (чл.144 ст.4 од КЗ, Загрозување на сигурноста).

Во Кривичниот законик има и посебно кривично дело за „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (чл. 394 г). Со најновите измени, ова дело не опфаќа само забрана на јавно ширење преку компјутерски систем на расистички и ксенофобичен материјал туку и на содржини што помагаат, промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство против кое било лице или група, врз која и да е дискриминаторска основа. Забраната се однесува и на јавното ширење говор на омраза преку други средства за јавно информирање.

„Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија што помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група,етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верскоуверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или на која било друга основапредвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.“

Објавата на Неделковски има основа да биде санкционирана според овој член на Кривичниот законик, бидејќи користи компјутерски систем, односно интернет и на него базираната социјална мрежа „Фејсбук“ за да дистрибуира „ксенофобичен пишан материјал“ (српски терорист) како и идеја или теорија која „промовира или поттикнува омраза, дискриминација и(ли) насилство“ (ако го сретнете, знаете што треба да направите).

 

КАДЕ ЗАВРШУВА СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ?

Дали говорот на омраза на новинарот Неделковски и нему сличните примери можат да се опфатат со категоријата „слобода на говорот“, односно каде завршува слободата на говорот, а каде почнува неговата злоупотреба? Концептот на слободата на говор, како едно од фундаменталните права на човекот предвидени и во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, донесена во Рим во 1950 година, според некои толкувања, што главно се потпираат на американскиот концепт на слобода на говорот, го опфаќа и говорот на омразата. Сепак, европското право, на кое се потпира и правниот систем во Република Македонија, прави јасно разграничување на тоа што се смета за слобода на говор, а што претставува говор на омраза.

„Говорот на омраза причинува голема штета и тоа како на конкретните индивидуи на кои се однесува изразувањето, така и на општеството во целина. Тој го повредува идеалот на еднаквоста или еднаквиот третман и принципот на недискриминација кои се фундаментални за секое демократско општество. Говорот на омраза има штетно влијание на општествениот ред, мир и квалитетот на животот во заедницата – овој говор има капацитет сериозно да ја оштети социјалната ткаенина и да ги раздели заедниците. И, конечно, говорот на омраза потенцијално води кон криминал од омраза, а исто така може да води и кон геноцид“,

стои во Прирачникот за слобода на говорот и говор на омраза на ОБСЕ. Европската правна практика довела до заклучокот дека слободата на изразување и еднаквоста на индивидуите се тесно меѓусебно поврзани и дека стеснувањето на слободата на говорот со забраната на говорот на омраза не му нанесуваат штета на едно демократско општество туку овозможуваат поголем социјален простор за слободно изразување на сите општествени групи. И обратно, кога расистичкиот, хомофобичниот или кесенофобичниот говор е слободен, тогаш говорот на некои општествени групи се задушува.


„Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без какво било мешање на јавната власт и без оглед на државните граници… Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристраноста на правосудството“ (Европска конвенција за човекови права, чл.10)



Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести