verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Федерализација – најголемиот предизборен спин здушно прифатен од редица медиуми

on 15 - 12 - 2016       
Федрализацијата како шлагворт за атак на опозицискиот лидер Фото: скриншот
Федерализацијата како шлагворт за атак на опозицискиот лидер
Фото: скриншот

 

 

Не малку медиуми некритички и без аналитички пристап едноставно го презедоа наративот и реториката околу темата за употреба на јазиците на малцинствата во Македонија и тоа до таа мера што тој доминираше во безмалку целиот предизборен период. И политичка, но и медиумска кулминација тој доживеа за време на изборната кампања, надграден и проширен со напади и со обвинувања дека тоа автоматски и неминовно води кон федерализација на земјата. Со ова ваквиот наратив и ваквата реторика се претворија во спин, кој претставуваше важен медиумски дел од црната пропаганда во пресрет на изминативе избори

 

Автор: Влатко СТОЈАНОВСКИ

 

Спинот за наводно „неизбежната“ федерализација на Македонија ако на изборите победи опозицијата беше повторувана од ден во ден во редица медиуми и тоа не само при пренесувањето на изјави од страна на политичарите, туку и преку нејзино медиумско надоградување и проширување. Таквата теза овие медиуми си ја презедоа како своја и сметаа за сходно да ја лиферуваат во јавноста непрекинато, дури и по цена ако треба да се повторуваат преку постојано пренесување на истите зборови, истите снимки и истите заклучоци. Од друга страна, забележително беше отсуството на подлабока анализа на оваа теза од гледна точка и на нејзината остварливост, на пример, а да не говориме за тоа дека обвинуваната страна, онаа која наводно се залага за федерализација, не беше прашана да го потврди или негира ваквото „залагање“. Тезата за федерализација едноставно беше наметната како таква и воопшто не беше доведена во прашање. Она што беше постојано повторувано во овие медиуми беше самиот спин и последиците од него, без воопшто да се провери и утврди дали обвинетата страна навистина има намера да спроведува федерализација или не. Ваквиот начин на известување продолжи и траеше до крајот на кампањата и покрај тоа што опозицијата упорно и на секој чекор истакнуваше дека ништо слично ниту има намера да спроведува.

Иако оваа тема во јавноста беше предизборно наметната, сепак, влече корени уште пред повеќе од една година. За потсетување, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го начна ова прашање во мај 2015 година, при гостувањето на емисијата „Јета н Косове“, емитувана на косовската телевизија РТК1, кога изјави  дека треба да се продлабочи употребата на албанскиот јазик.

Оттогаш, тој неколкупати го реафирмираше ваквиот став во поглед на употребата на јазиците на националните малцинства. Па, во септември 2016 година, кога фактички течеше продолжен предизборен период поради двојното одложување на изборите, Заев во Прилеп порача дека и во овој град, доколку има потреба, односно доколку има Албанци, треба да им се дозволи да го користат албанскиот јазик во сите образовано-воспитни нивоа, комуникацијата со јавните органи и слично.

Така, малку по малку, оваа тема стана предмет на континуирана политичка и медиумска експлоатација. Отприлика во истиот период, лидерот на СДСМ, во интервју за порталот „Нова ТВ“, дообјасни дека кога говори на темата за двојазичноста мисли на тоа дека „прагмата во Македонија мора да биде следена“ во внатрешните односи, без оглед дали станува збор за јавната сфера или бизнис-секторот, меѓутоа истовремено и јасно посочи дека во надворешните односи т.е. во комуникацијата со другите држави, службен би бил стриктно македонскиот јазик.

Набргу потоа, ваквите тези беа тригер за еден од учесниците во дебата на „ТВ21“ директно да го праша Заев дали не се исклучува и промена на Уставот за да го спроведе концептот на граѓанска државата? Во таа ситуација, лидерот на СДСМ одговорно потврдно, притоа нагласувајќи дека тоа би се случило во соодветно време и ако би се јавила прагматична потреба за таква интервенција.

Патем, јадрото на владината пропаганда против опозицијата беше настапот на неформалниот опозициски лидер пред албанската дијаспора во Швајцарија, каде тој го повтори ставот дека Рамковниот договор не треба да биде рамка на ограничување, туку македонската Влада треба да оди над Рамковниот договор, во насока на изградба на Македонија како држава на едно општество. Воедно, тој во позитивна смисла го сподели искуството од оваа развиена европска земја со федеративно уредување, каде впрочем секое село е посебен кантон кој одлучува само за себе.

Токму тоа владејачката ВМРО-ДПМНЕ и медиумите наклонети на владејачката партија го искористија како шлагворт за нивната атака дека опозицискиот лидер се залага за федерализација и за кантонизација на земјата. Според ВМРО – ДПМНЕ, ваквите заложби на водачот на опозицијата подразбираат напад на Уставот и на уставното уредување на земјата, кое може да доведе до поделба, па и до целосно распарчување на Македонија.

Испровоцирани од таквиот пристап од политичкиот противник, од СДСМ реагираа дека овие медиуми блиски до партијата на Никола Груевски манипулирале и спинувале, бидејќи Заев во ниту еден миг не споменал двојазичност на цела територија на Македонија, а во никој случај федерализација или кантонизација. Оттаму возвратија дека не се залагаат за редефинирање на државата, туку за унитарна Македонија на рамноправни и на еднакви граѓани, во која ќе се почитуваат и ќе се реализираат Уставот и законите.

 

 

ШТО ВЕЛАТ УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ?

Што точно предвидуваат Уставот и законите во делот на употреба на јазиците? Имено, членот 7 од Уставот на РМ пропишува дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, но во единиците на локалната самоуправа каде како мнозинство живеат припадниците на националностите или, пак, тие се опфатени во значителен број, покрај македонскиот, во службена употреба се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

Понатаму, амандманот 5 од Уставот, усвоен по воениот конфликт во 2001 година, врз основа на Рамковниот договор, вели дека на целата територија во РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, но друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик заедно со неговото писмо.

Амандманот 8 од Уставот на РМ, пак, во делот на правата на припадниците на националностите да го изразуваат, негуваат и да го развиваат нивниот идентитет, меѓу другото се наведува дека „припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон, додека во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик, се изучува и македонскиот јазик.

Имајќи го тоа предвид,  Собранието во 2008 година усвои Закон за употреба на јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните и во ЕЛС , кој пропишува дека јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во РМ се употребува во Собранието, комуникација на граѓаните со министерствата и со локалната самоуправа, во судските постапки и управната постапка и извршување на санкции, во рамки на изборниот процес, при издавањето на личните документи на граѓаните, водењето на матичната евиденција и примена на полициски овластувања, во финансиите, економијата, образованието и науката, културата и во други области и институции согласно овој закон.

Програмскиот директор на Институтот за демократија и магистер по политички науки, Јован Близнаковски, кој работи во области поврзани со мултикултурните и идентитетски политики, демократизација и добро владеење, во една колумна објавена на „Дојче веле“ насловена „Лажните митови за опасноста од двојазичноста“, пишува дека долгогодишните повеќејазични политики не се новитет во Македонија. Според него, тие не само што не се предворје за федерализација, туку го зајакнуваат унитарниот карактер на државата.

Всушност, уште до Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година го утврдува правото на „националните малцинства“ на заштита на културниот идентитет и на употреба на јазикот е предвидена, додека со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година им се гарантира правото на „народностите“ слободно да го употребуваат својот јазик, да ја изразуваат и да ја развиваат својата култура и да се основаат установи и организаци. Уставот од 1991 година, пак, ги реафирмира овие права, додека тие беа дополнително надградени по 2001 година, кога „заедницата“ со повеќе од 20 отсто на национално ниво доби можност да го користи својот мајчин јазик во службена употреба.

Иако компаративните искуства покажуваа дека најпознатите примери на повеќејазичност се типични за федерации (Белгија, Канада, Швајцарија), сепак, тоа воопшто не е правило, бидејќи постојат многу унитарни држави во Европа кои практикуваат различни модели на повеќејазичност. На пример, Словенија им овозможува напредни јазични права на Италијанците и на Унгарците од своето осамостојување, Италија во неколку свои провинции овозможува службена употреба на повеќе јазици различни од италијанскиот, а во Финска службеници јазици се финскиот и шведскиот, и покрај тоа што шведската лингвистичка група составува само 5 отсто.

 

 

УНИТАРНА ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАНА ДРЖАВА

Во секој случај, предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ се темелеше на обвинувања дека проширувањето на Рамковниот договор за унапредување на двојазичноста и за кантонизација на Македонија по урнекот на Швајцарија водат кон федерализација на државата, што беше вградено и во предизборните спотови.

Во поткрепа на пропагандата против социјалдемократите, ВМРО-ДПМНЕ се повика и на нивната предизборна програма, каде во делот за локалната самоуправа, освен дополнителни финансиски средства за ЕЛС, се предвидува и „пренесување на нови надлежности кои локалната самоуправа може поуспешно да ги извршува на централната власт“, меѓу кои и некои полициски овластувања (страна 163 од програмата на СДСМ).

Арно ама, ваквите предлози и идеи немаат никаква врска со федерализација или кантонизација на државата, туку со унапредување на процесот на децентрализација. Универзитетскиот професор по Уставно право, Светомир Шкариќ, во книгата „Уставно право“, публикувана во 2006 година, во делот за облици на државно уредување, прави дистинкција меѓу унитарното и федеративното уредување, така што Македонија ја дефинира како унитарна децентрализирана држава.

Инаку, унитарната држава е облик на државно уредување со повисок степен на концентрација на државната власт во централните државни органи. Од гледиште на остварување на власта, пак, унитарните држави се јавуваат во два облика – централизирана и децентрализирана. За првиот облик карактеристична е концентрацијата на власта, а за вториот пренесување на власта од повисоките на пониските државни органи, односно од државните на недржавните органи на регионално и на локално рамниште, како што, на пример, е локалната самоуправа.

Федеративната држава, пак, претставува сложен облик на државно уредување, во чии рамки постојат сојузни органи и органи на федералните единки, како и сојузни закони и закони на федералните единки. Практично, ваквото уредување е составено од сојузно државно уредување и од уредување на федералните единки. Федеративните државни се разликуваат од унитарната децентрализирана држава, бидејќи федералните единки се држави, а децентрализираните единки го немаат тоа својство, надлежностите на федералните единки се утврдени со Устав, а на децентрализираните единки со закон, итн.

Оттука, Македонија се дефинира како унитарна држава затоа што на нејзина територија постои само една власт, но и како унитарна децентрализирана држава, имајќи предвид дека постои локална самоуправа, автономни универзитети, културно-јазична автономија на локално ниво (страна 484, Уставно право, Светомир Шкариќ, 2006 година, Матица). Со оглед на сето тоа, повеќе од јасно е дека опозицијата се залага за почитување на постоечката правна регулатива во остварување на правата на граѓаните во една унитарна држава, со унапредена децентрализација.

Тезите за федерализација и за кантонизација, пак, како што оцени и стручњакот за политички маркетинг, Славица Мирчески, во дебата на телевизијата „Новa“, се предизвикување на таканаречена „морална паника“ кај граѓаните. На овој начин, целта е да се претстави дека, наводно, нешто многу страшно ѝ се случува и допрва ќе ѝ се случи на државата, ако граѓаните не ја спасат на избори со убедлива поддршка за коалицијата која десетина години владее со државата. Но, всушност, вистинскиот мотив кај пропагаторите на ваквиот спин не беше наводниот спас на државата, туку на сопствените позиции.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести