verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Фали го Груевски, плукај по „соросоидите“ и – ете ти текст!

on 29 - 09 - 2016       

kurir

[Рецензија: Груевски со нови проекти, СДСМ/Сорос со деструкција и фарбање]

 

Во овој напис информацијата за настанот за кој станува збор е филувана со политичка пропаганда, на која не ѝ е место во информативен жанр каков што е извештај од прес-конференција, туку во коментар. Текстот  што го рецензираме е хибрид кој не ги исполнува основните новинарски стандарди за објективно, точно, непристрасно и целосно информирање на медиумските консументи, бидејќи им наметнува ставови и им сугерира мислење за она за што информира.

Рецензија: Плукај по „соросоидите“, фали ја власта и ете ти текст!Линк до оригиналниот напис: Груевски со нови проекти, СДСМ/Сорос со деструкција и фарбање

Датум и време на објавување: 26.09.2016, 20:23

Датум на рецензирање: 28.09.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

Она што овој текст, сосем некоректно им го премолчува на своите читатели е дека се известува за настан на кој лидерот на најголемата партија на власт промовира дел од својата предизборна програма, што значи дека се работи за ветувања кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реализира доколку ја освои власта на вонредните парламентарни избори. Колку и да се прифатливи, прогресивни, економични или еколошки предложените решенија за намалување на емисијата на штетните гасови од возилата што лидерот на партијата ги обелодени на прес-конференција, тие се само предизборна партиска понуда и ништо повеќе.

 

ПРЕДИЗБОРНИ ПАРТИСКИ ВЕТУВАЊА ПРЕТСТАВЕНИ КАКО ВЛАДИНИ ПРОЕКТИ

Но, во текстот тие се претставени како проекти што ќе се реализираат и искористени се да се истакне божемната посветеност на ВМРО-ДПМНЕ на интересите на граѓаните, додека СДСМ се занимава само со деструкција.

„Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ промовира конкретни проекти од кои директна полза ќе имаат граѓаните, најголемата опозициска партија поддржана од соросовите платеници продолжува да демонстрира деструкција и да фарба низ скопските улици“.

Во оваа реченица е содржана целата смисла на написот – ВМРО-ДПМНЕ да биде прикажана како партија која се грижи за народот, додека опозицијата и „Шарената револуција“ го прават токму спротивното – не се грижат за граѓаните, туку го уништуваат она што е изградено. Ова е опасна теза која не илустрира само непрофесионализам и пристрасност на медиумот, туку и отворено дискриминира и потикнува негативни чувства кај поддржувачите на владејачката партија кон опозицијата, кон „Шарената револуција“ и кон невладините организации што критички ја опсервираат власта.

„Наспроти ова, СДСМ денеска ја продолжи својата деструкција и повторно по подолг период соросовите платеници го блокираа главниот град и фарбаа низ улиците. По летната пауза, платеничката револуција повторно се активираше“.

 

НАВРЕДЛИВОТО ЕТИКЕТИРАЊЕ  „СОРОСОИДИ“ Е ДИСКРИМИНАЦИЈА!

Вториот спорен момент во врска со овој напис е тоа што во него, како во насловот така и во самиот текст, се става знак на равенство помеѓу Социјалдемократскиот сојуз, „Шарената револуција“ и „Сорос“ односно„соросовите платеници“, што е многу експлоатиран наратив, но тоа не го прави поточен или пооправдан и поприфатлив. И скромно информираните читатели знаат да направат дистинкција помеѓу СДСМ и „Шарената револуција“, без оглед што најголемата политичка партија им дава отворена поддршка на овие граѓански активисти. Синтагмата, пак „соросовите платеници“ во препознатливиот вокабулар на провладините гласила треба сите граѓански активисти, па и поинакумислечки поединци да ги сведе на антидржавни елементи. Иако многупати се повторени, вреди да се потсети дека етикетирањето со „соросоид“, „соросови платеници“, освен што е апсурдно (познато е дека претставници на власта немале проблем со комуникација и со соработка со Џорџ Сорос и неговата фондација) е и дискриминирачко, а со самото тоа треба да биде посочено како пример за грубо кршење на новинарскиот Кодекс.

Во завршниот дел на написот се кажува зошто „Шарената револуција“ одржа протест пред Собранието на РМ:

„Шарените активисти се собраа пред Собранието на Република Македонија, да му дадат поддршка на Специјалното Јавно Обвинителство, но побараа од народните избраници да ги поддржат барањата на Катица Јанева“.

Сепак, се стекнува впечаток дека примарен мотив на овој текст не е да пренесе информација, туку да пренесе порака со политичка содржина. Па, наместо коректно сработен новинарски производ имаме пристрасен и неверодостоен пропагандистички материјал.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

има и точни и неточни наводи

има и веродостојни и неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести