verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Факти и/или интерпретации (1)

on 27 - 06 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Faktet dhe/ose interpretimet (1)

Fakti i ili interpretacii 1Фотографија: Дел од насловната страница на Извештајот за трговија со луѓе за 2013 г.

Медиумот информира, анализира, искажува ставови, критикува или поддржува. Во секоја информација, анализа, став, критика или поддршка треба да има факти и интерпретации. Во различен обем. Информациите вообичаено содржат пред сè или единствено факти, за разлика од анализите, ставовите или критиките и поддршките, кои треба да се базираат врз факти, меѓутоа, содржат и голема доза на сопствена интерпретација и прикажување.

Јасното разликување на фактите од интерпретациите и исцртувањето на прецизна граница меѓу нив, претставува клучен момент во медиумското работење.

Фактите вообичаено одговараат на прашањата:

  • кој? (име, презиме, возраст, род, професија, образование, формација, институција, организација…);
  • што? (настан, однос, предмет, состојба, активност);
  • кога? (час, ден, година, милениум …);
  • каде? (географска или просторна локација).

Не случајно, токму овие прашања се издвоени како суштински и незаобиколливи во новинарството.

Фактите се лесно проверливи, неспорни и еднозначни. Фактите ќе ги препознаеме по тоа дека се: измерливи и утврдени величини (бројки, места, датуми); конкретни податоци (документи, програми, договори… ); називи и имиња (лични, на организации, институции, структури – официјално регистрирани или дадени од сопствените носители); цитати од искажани мислења (ставени во контекст).

За разлика од фактите, интерпретациите имаат многу пофлексибилен пристап кон материјата на која се однесуваат. Интерпретацијата може да биде: заклучок, вреднување, претпоставка, објаснување, толкување, мислење, идеја, алтернатива, искажана поддршка… Интерпретациите зависат од тоа: кој ги прави, од која позиција, во кое време, со која цел, врз основа на што, на кој начин.

Интерпретациите не се факти, не можат да се сметаат за информација и не смеат да ги изостават фактите од својата содржина.

Во македонските медиуми не ретко интерпретациите се толкуваат или прикажуваат како факти, односно, не се прецизира разликата меѓу едните и другите.

На пример, во поголем дел од македонските медиумите се појави наслов: „Македонија лидер во борбата против трговијата со луѓе“ .

Според  веста на Алфа ТВ:

„Македонија е во групата со најразвиените западни земји во борбата со трговијата со луѓе. Стејт Департментот во најновиот извештај ја става земјава во државите кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против овој облик на организиран криминал.“

Кајгана извести дека:

„Според најновиот Извештај на Стејт департментот на САД, Македонија повторно и во 2012 година, исто како и за 2011, 2008,2009 година е рангирана во групата ТИЕР 1 – држави коишто целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе.“

Според написот во Утрински весник:

„Македонија го задржа статусот на Прво ниво во борбата против трговијата со луѓе, се посочува во Годишниот извештај на Стејт Департментот за трговија со луѓе. По тој повод, САД преку нивната Амбасада во Скопје упати честитки до Македонија што повторно има статус на Прво ниво во годишниот извештај на Стејт Департментот за Трговија со луѓе.“

Иди види објави:

„Република Македонија е рангирана во групата држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе со што е дел од 31 земја  заедно со САД, Велика Британија, Австралија, Австрија, Финска, Франција, Германија од вкупно 187 држави во светот во најновиот глобален извештај на американскиот Стејт департмент кој ја оценува глобалната состојба во борбата против ова ’современо ропство‘.“

Додека Лидер посочи:

„Овогодишниот извештај на Стејт Департментот за трговија со луѓе покажал дека Македонија го задржала статусот на прво ниво во борбата против трговијата со луѓе.“

Дали овие написи се повикуваат на факти или на интерпретации? Дали овие написи ја прикажуваат фактичката позиција на Република Македонија во однос на борбата со трговијата со луѓе? Дали читателите добиваат релевантна информација за состојбата со борбата со трговија со луѓе во Република Македонија или не?

Заедничко за сите овие написи е тоа дека се направени на начин кој поттикнува позитивни чувства кај читателите Македонци и во секој од овие написи доминира пораката дека Република Македонија фактички претставува позитивен пример за борбата со трговијата со луѓе. Заедничко за најголем број од овие медиуми е дека оваа вест е пренесена на начин кој нуди минимум или, никакви факти.

Еден од ретките медиуми кој се обидува да даде информација базирана на минимум факти е  гласот на Америка на македонски јазик, во кој под наслов “Македонија целосно ги почитува минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе“, можат да се препознаат неколку факти:

  • Дека станува збор за извештај на Стејт департманот
  • Дека во извештајот земјите се поделени на три групи
  • Дека според овој извештај Македонија е сместена во првата група на земји кои во целост ги исполнуваат минималните стандарди од Актот за заштита од трговија со луѓе
  • Дека има препораки упатени до државата
  • Дека според категоризацијата на Стејт департманот земјите во соседството –  Косово, Хрватска, Србија,  Бугарија, Босна и Херцеговина и Грција се едно скалило подолу, односно, во Втората група.

Она што е избегнато да биде јасно кажано е Актот кој се спомнува претставува национален акт на САД и дека методологијата која е употребена воопшто не се базира на факти.

Сличен е написот на 24 Вести, кои единствени во насловот ги спомнуваат минималните стандарди како дел од оценката и понатаму во текстот се обидуваат да посочат делови од извештајот.

Меѓутоа, дури и во овие медиуми отсуствуваат два битни елементи кои на читателот ќе му овозможат да добие вистински увид во фактичката ситуација поврзана со предметот на известување.

Прво, отсуствува линк (врска) со Извештајот на Стејт департманот кој сам по себе како документ претставува факт, со што читателите ќе можат да ја добијат на увид изворната вест.

Второ, во ниту еден од написите не е направена елементарна анализа со која би се избегнала манипулацијата на јавноста на која една интерпретација ѝ се сервира во форма на факт.

 

Продолжува…


 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести