verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Европските избори и медиумските дебати

on 14 - 05 - 2014       
13085791063_79fdc0bcbe_b

Билборди за промоција на изборите на зградата од Европскиот Парламент. Фото: © European Union 2014 – European Parliament

Дел од медиумите наместо да нѐ информираат за конкретните состојби во ЕУ, како се одвива дебатата на кандидатите за претседател на Европската комисија, (…) се занимаваат со тоа како дошло домашен миленик да биде ставен на списокот за гласачи во  Велика Британија, за казната која може да ја добие неговиот сопственик, затоа што се пошегувал и својот домашен миленик го пријавил како член на семејството.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Велјановска, доктор по меѓународно право

 

 

Земјите членки на Европската Унија од 22 до 25 мај треба да го изберат составот на новиот Европски Парламент. Веднаш потоа следува изборот на претседател на Европската комисија, кој за првпат ќе биде избран со почитување на начелата на Лисабонскиот договор. Она што е најважно за изборот на претседател на Европската комисија е фактот што номинацијата на кандидатите треба да е во согласност со волјата на мнозинството во Европскиот парламент, бидејќи тој ќе биде првиот човек на новоформираната „Европска Влада“.

Вообичаено е да се очекува медиумите во предизборието да известуваат за програмите, политиките на кандидатите кои се во потесниот круг на победници на изборите, нивниот став кон Република Македонија, како ќе го третираат нашиот статус во ЕУ и сл. Меѓутоа, од она што деновиве може да се прочита, по сѐ изгледа,  за нашите медиуми поинтересни се некои други работи.

Па, така, ќе прочитате дека :

Колку и да е необично, дел од медиумите наместо да нѐ информираат за конкретните состојби во ЕУ, како се одвива дебатата на кандидатите за претседател на Европската комисија, како и дали има дебати  на кои се презентираат ставовите и политиките кои секој од нив ги нуди, се занимаваат со тоа како дошло домашен миленик да биде ставен на списокот за гласачи во  Велика Британија, за казната која може да ја добие неговиот сопственик, затоа што се пошегувал и својот домашен миленик го пријавил како член на семејството. Исто така, аспектот за познавањето на јазици се третира како централно прашање за креирање на ставовите во ЕК, па, дури се пренесува и ставот на еден од кандидатите дека:

„Тоа што зборува многу јазици е  предност за него, но и дека поради тоа  подобро го разбира француско-германскиот однос, како движечка сила на ЕУ.“

За среќа имаме и медиуми кои сериозно се потрудиле да ја доловат суштината на  претстојните избори за Европскиот парламент и за првиот човек на Европската комисија.

 

Што не известија македонските медиуми за изборите во ЕУ

 

Па, така,  на интернет страната на ТВ Нова ќе прочитате дека  Европските кандидати за претседател на ЕК вечерва дебатираат на ТВ. Во Дневник дека Kритичарите на ЕУ фаворити на европските избори , На Канал 5 дека Мартин Шулц ја почна кампањата за Европската комисија, на 24Вести за Прва телевизиска дебата на четворицата кандидати за претседател на ЕК,на  Плусинфо за Дебата на кандидатите за претседател на Европската комисија според американскиот урнек и уште неколку вакви информации.

Што е важно за нашите граѓани и што треба да го дознаат од медиумите, а се однесува на претстојните избори во Европскиот Парламент и за првиот човек на Европската комисија?

  • Да нѐ информираат дека кандидатите се од различни опции и дека  не е сеедно дали првиот човек на ЕК ќе биде социјалдемократот Мартин Шулц, народњакот Жан Клод Јункер, либералот Гиј Ферхофштат,  некој од кандидатите  на зелените Ска Келер или Жозе Бове, или, пак, грчкиот кандидат Алексис Ципрас.
  • Дека прв пат за избор на првиот човек на ЕК се овозможува јавна дебата, бидејќи досега него го избираа шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во потполна тајност.
  • Дека прашањата кои се поставуваат во рамките на дебатата се од студенти од сите земји на ЕУ кои можат директно да им се обратат на кандидатите.
  • Дека има отворена можност на социјалните мрежи да се комуницира со кандидатите и да им се поставуваат прашања.
  • Дека ова е дебата која го користи теркот на претседателските кандидати во САД во кои јавно се изнесуваат ставовите и подоцна по изборите се очекува тие да бидат исполнети.
  • Дека ќе има седум дебати, а првата беше на три теми: европската економија, иднината на Европа и порастот на евроскептицизмот и европската надворешна политика.

Секој медиум кој има намера на својата публика да ѝ ја долови европската реалност кон која се стремиме, би требало, ако не повеќе, барем да ги пренесе ставовите на кандидатите со најголеми шанси да станат прв човек на ЕК. Конкретно, по прашањата од првата дебата тоа би значело да се пренесе дека:

  • Лидерот на коалицијата на грчката радикална левица Сириза, Алексис Ципрас, кој за изборите за челник на Европската комисија се натпреварува како кандидат на Обединетата европска левица (GUE), одби да учествува во дебатата.
  • Клод Јункер, чијашто партија ЕРР според предизборните анкети води со многу мала разлика пред социјалистите на Шулц, се претстави како кандидат кој сака да ја обедини Европа и да се фокусира на главните цели, економскиот раст и Европа со социјална димензија.
  • Мартин Шулц истакна дека сака да биде првиот претседател на ЕК чиј избор е исход на демократски процеси, а не на договор зад затворени врати. „Посакувам Европа на граѓаните, а не Европа на банките и на шпекулациите”, рече социјалистичкиот кандидат.
  • Гиј Верхофстад рече дека на Европа ѝ е потребно ново водство, бидејќи „конзервативците се за статус кво, а социјалистите мислат дека со трупањето на новите долгови може да се излезе од кризата”.
  • Ска Келер рече дека Европа треба да им овозможи на сите граѓани да се слушне нивниот глас, вклучително и на маргинализираните луѓе.

 

Иднината на Унијата

 

Исто така, би требало да се пренесе и мислењето кое генерално преовладуваше на оваа дебата, дека европските граѓани не ги сфаќаат доволно сериозно овие избори и дека е можно  Европскиот Парламент да  се екипира со луѓе кои не веруваат доволно во заедничката иднина на народите на Европа и веруваат оти голем дел од проблемите ќе исчезнат ако секоја земја се повлече во рамките на националните граници.

Дебати како оваа ќе се случуваат и наредните денови с ѐ до завршната која е закажана за 15 мај. Која е важноста на овие дебати за Република Македонија и зошто нашите медиуми треба сериозно и студиозно да ги следат?

Пред с ѐ, поради темите на кои ќе се дебатира: вработеност, енергија, економија, но и визијата за иднината на ЕУ. Тие ги загрижуваат Европјаните, но уште повеќе треба да не загрижуваат и нас како потенцијална членка на ЕУ. Потоа, за правилата на дебатирањето кои може да се искористат и кај нас во некој од следните изборни циклуси. Уште една причина е важна за организирањето на овие ТВ дебати: партиите кандидираа политичари за кои сметаат дека ќе го привлечат вниманието на гласачите и дека ќе ги натераат да излезат на гласање. Причината за тоа е што во најголем број европски земји учеството на европските избори е многу ниско.

С ѐ ова е во интерес на граѓаните, а медиумите се тие кои треба да ни ја дадат оваа можност. Не е на одмет некоја од националните ТВ куќи  директно да ја пренесува главната дебата закажана за  15 мај, с ѐ со цел изворно да сме информирани во која насока ќе се одвиваат идните политики на ЕУ.

Ако ова не се случи, тогаш како утеха  би можел да ни послужи следниов податок: Француската државна телевизија Франс Телевизион одлучила да не ја пренесува оваа дебата на малите екрани, туку само на нејзиниот интернет сајт.

Ова одбивање за директен пренос на дебатата било негативно прифатено од  француските социјалисти кои очекувале дека тоа соочување е добра прилика нивниот претставник  да добие подобри позиции во однос на демохристијаните во ЕУ.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести