Етер-ветер-магла!
Објавено во Рецензии
on 12 - 09 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Престројувања на медиумите под контрола на СДСМ/Сорос]
Новинарски трансфери претставени како партиско-политички потези. Но, нема ниту „А“ од аргументи или „Д“ од докази за низата констатации во рецензираниот текст, кои треба да покажат дека „опозициска невидлива рака“ стои зад преминувањата на репортери и на уредници од еден во друг медиум. Текстот продава „етер-ветер-магла“ во сериозен обид да етикетира низа новинари и телевизиски куќи како некакви си експоненти и филијали на социјалдемократите. Дегутантно!
Линк до оригиналниот напис: Престројувања на медиумите под контрола на СДСМ/Сорос
Датум и време на објавување: 08.09.2016 15:11
Датум на рецензирање: 10.09.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ЕТЕР-ВЕТЕР-МАГЛА!!!
Приказните за конспирација на релација Сорос-СДСМ како да немаат крај во Македонија. Чиниш, веќе не можат да добијат некоја нова димензија и, ете, изникнува нов аспект за тоа до каде длабоко е навлезено „сдсмсороидното диво месо“ во државата. Токму тоа ни го нуди овој текст. Би рекле, ептен упростување на медиумската ситуација преку инволвирање на „страшилото“ или „баба рогата“ во равенката, а тоа, секако, е Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, односно, како што голем број медиуми ја нарекуваат, „Сорос-фондацијата“. Работата е дека сè што не ѝ се допаѓа на власта или, пак, нејзините спинери не можат толку лесно да го објаснат, веднаш се припишува на т.н. Сорос-феномен. Така е и во овој случај.
Неколкуте најавени новинарски трансфери од една во друга куќа или, пак, напуштања на одредена телевизија, веднаш се квалификуваат како дело на опозицијата и на озлогласената фондација. Можеби е така, ама во тој случај мора да се имаат некакви саглам аргументи, за да не испадне дека е само „чамче муабет“.
Да, точно е дека се зборува за одредени преминувања, да, точно е дека некои новинари тоа веќе и го потврдија, а некои го најавиле, да, точно е дека имаше и трансфер од новинарство во политика, што и беше јавно обеледонето, ама, сепак, тоа не ги оправдува заклучоците од типот:
„Смени, откази и трансфери ги одбележаа последниве десетина денови во медиумите под контрола на СДСМ/Сорос.
Бројните рокади на големо се коментираат во новинарските кулоари, но причината за овие чекори веројатно ја знаат само Заев и скапо платените советници од Србија кои го добија прекарот продавачи на скапа магла.
Останува дилемата дали лично Заев ги влече овие чекори или влијание во трансферите има и Роберт Поповски, директорот на Центарот за комуникации на СДСМ, кој порано работеше во Телма и беше близок соработник од МТВ на Оливера Трајковска, но и Претседател на ЗНМ.“
ХРАБРОСТ-ЛУДОСТ
Треба јаки докази или храброст-лудост, ама зачинета со партиски одредници, за да тврдиш дека две од петте приватни национални телевизии во земјава, во превод 40 отсто, се под најдиректна контрола на СДСМ и дека лидерот на опозицијата е одговорен за кадровското прегрупирање во тие медиуми. Но, од понуденото во написот, јасно е дека во игра е втората варијанта, зашто извори нема, постојат дилеми, односно шпекулации, без притоа да се бара официјален став од засегнатите страни. Јок, се користат фејсбук-статуси на извесен медиумски одработувач за власта и пост-одговор на директор на една од споменатите телевизии. Па, барем еден телефонски повик „Ало СДСМ, вие ли сте одговорни за ова“ колку за да се испере устата, ќе покажеше некаков посериозен ангажман од некакво си озборувачко фејсбук-новинарство.
Во услови на незавидна медиумска ситуација, што е толку чудно и невообичаено ако новинари заминуваат онаму каде што сметаат дека ќе добијат подобри услови? Не треба да се заборави и контрадикторноста – ако овие две телевизии се на СДСМ, тогаш зошто би се правеле трансфери од една во друга што му доаѓа како префрлање пари од левиот во десниот џеб.
ШПЕКУЛАЦИИ ПЛАСИРАНИ БЕЗМАЛКУ КАКО ВИСТИНА
Внимавајте, во самиот текст се вели на ваквите шпекулации по социјалните мрежи…. Тоа значи дека кога се пишувал написот се имало предвид дека станува збор за шпекуалции, ама сепак тие се пласирани безмалку како апсолутна вистина.
Ќе кажеме повторно, да, вистина е дека има трансфер на новинари од еден во друг медиум, но чиста шпекулација е дека зад нив стојат партиско-политички мотиви зашто тоа е апослутно непотврдена информација.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно – член 2 од Кодексот на новинари.
Шпекулантско-коментаторски материјал со, за жал, недвосмислен партиски предзнак. Еден од многуте, а најверојатно, од уште повеќето што ќе ги гледаме до изборите во декември.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
не, за главните тези во текстот
нерелевантни,
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови