verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ете ти сега! Требало и да се правдам зашто сум „Шарли ебдо“!

on 11 - 01 - 2015       
Собир на солидарност со Шарли Ебдо. Брисел, 7 јануари, 2015. Фото: Valentina Calà
Собир на солидарност со „Шарли ебдо“. Брисел, 7 јануари 2015. Фото: Valentina Calà

 

Јас сум „Шарли ебдо“. Без задршки и без резерви. Со слободата на изразување не правам компромиси. Дури и кога не се согласувам со начинот како некој ја практикува.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Во Србија почнаа да се реобјавуваат карикатурите со кои сатиричниот весник на својот груб, безобразен и бескомпромисен начин комуницира со јавноста. Двајца српски парамилитарци стојат на преден план, додека зад нив се гледаат расфрлани разголени женски тела и едниот на другиот му вели: „Што, зар нема повеќе кого да силуваме!“. На друга карикатура, Србин држи исечена глава на Албанец и ја бакнува, а текстот вели нешто слично на ова: „Како се разделуваат Србите и Албанците“. Ова се користи за да се покаже дека весникот не бил пријателски настроен кон Србија во минатото и тоа особено за време на бомбардирањето од страна на НАТО и заради тоа, веројатно, Србите не треба да се солидаризираат со масакрот на неговата редакција во Париз. И мене ваквиот директен и шокирачки начин на изразување ми е туѓ. Токму затоа овие две карикатури и не ги објавувам овде, туку само ги прераскажав.

Веднаш на ова во Србија имаше надоврзување со тамошното бомбардирање на РТС за време на војната во 1999 година и загинувањето на 16 новинари од телевизиската куќа, која ја ширеше пропагандата на Милошевиќ и ги прогласуваше западните лидери за фашисти. И почнаа прашањата. Зошто тогаш никој не се побунил? Зошто тогаш немало солидаризирање како и сега?

И сега што правиме? Дали сум лицемер зашто тогаш, во 1999 година, не се солидаризирав со колегите од РТС, а сега се солидаризирам со овие од Париз? Не се сеќавам дека тогаш имаше каква било позначајна акција за солидаризирање. Она што тогаш го почувствував како јавна реакција во земјава беше збунетост и подвоени, придушени мислења. Во таква ситуација, веројатно јас сум виновен што сам не ја покренав поддршката. Уште полошо, месец дена откако заврши бомбардирањето на Србија и откако НАТО влезе во Косово, ги собрав парталите и завршив во Бондстил, во американска униформа, како преведувач на КФОР во тенковска единица која работеше на територијата јужно од Гњилане, неколку месеци возејќи се во тенк преполн со гранати од осиромашен ураниум, кои, за среќа, никогаш не беа употребени. Таму селата се како на шаховска табла – српско, па албанско. Србите ме прашуваа како сум можел да ја облечам таа „срамна“ НАТО-униформа и со тоа да го погазам моето служење војска во ЈНА, а Албанците во автобусот со кој се враќав во Скопје за викенд, за малку ќе ме линчуваа и тоа насред автобус ако веднаш не им извадев македонски пасош и НАТО-легитимација, покажувајќи, барем донекаде, дека не сум српски шпион.

 

ЧИИ ЖРТВИ СЕ ПОВАЖНИ, ЧИИ ПОБРОЈНИ

Истите приказни со сета своја сила почнаа и во Македонија. Светот не се солидаризирал со убиените од Смилковско Езеро, со петмината млади Македонци кои своите животи ги загубија на Велипеток, како жртви на одмазда. Зошто тогаш светот молчел? Зошто јас тогаш не сум излегол на протест или на собир на солидарност? Дали сум лицемер? Не знам. Знам само дека тој викенд кога се случи убиството и оној неколку недели подоцна, за 1 мај, кога осомничените, а сега веќе и осудени, беа уапсени, во двете инстанци бев дежурен уредник во „Плусинфо“ и работев по 14 часови и саботата и неделата и порталот во двата викенди имаше речиси по 100.000 посети дневно. Можев ли нешто повеќе да направам и да се солидаризирам посилно? Не знам. Знам само дека го правев она што најдобро го знам – пишував за трагедијата и за апсењето тие два викенди без прекин. Сакате да ви кажам уште нешто? Пренесов и вест од порталот на албански јазик, „Порталб“, во која се велеше дека еден од притворените, бербер од Јаја-паша, е невин. Веста имаше речиси 17.900 прегледи и околу 200 коментари, во кои бев испцуен на сите можни начини. Главно сите такви коментари ги пуштив. Моите шефови утредента ги избришаа, оние кои беа најодвратни и во кои освен пцуење немаше ништо друго („Абе, 1 Мај е. Не се изнајадовте скара денеска, па мора вечерва и лајна да јадете. Од кај знаете бе дека тој шиптарот е невин?“). Ден, два подоцна, берберот беше пуштен од страна на полицијата.

Фото: Rob Watling, 11, јануари 2015
Фото: Rob Watling, 11, јануари 2015

Но, тука јагмата не завршува. Броењето на мртвите продолжува и понатаму. Далеку повеќе луѓе изгинале во Украина. Уште повеќе во Сирија и со нив никој не се солидаризирал. Ај тоа, туку истиот ден кога се случи масакрот во Париз, далеку поголем масакр се случил во Нигерија, каде што екстремистичката Боко харам на крајниот североисток на земјата убила 2.000 луѓе. Трагедии дента или неделата се случиле во Јемен и во Пакистан. Зошто никој не се солидаризира со овие луѓе? Да беше само ова. Живееме во свет во каков што живееме. Лани, во текот на целата година, Боко харам има убиено повеќе од 10.000 луѓе, а сега го насочува својот екстремистички и насилен гнев кон Мадигури, град од три милиони луѓе и може да се очекува дека во битките или масакрите што ќе следат, бројот на жртвите ќе биде, исто така, голем, ако не и поголем. Во Сирија досега се загинати 300.000 луѓе. Но, што значи тоа сега? Дека заради тоа што на светот има многу јад, болка, многу насилна смрт, не треба да се солидаризираме со никого за оние со кои нема да стигнеме доволно силно да се солидаризираме да не се најдат навредени? Тоа, пак, е уште поглупаво и тоа личи на вистинско лицемерие.

 

ПОКРАЈ УБИЈЦИТЕ, КОЈ ДРУГ Е ВИНОВЕН

Неизбежно, се вмешува и глобалната геополитика. Секој оној што мисли дека знае нешто, барем колку да изгради некаков став, без оглед колку таквиот став има поткрепа во реалноста, се обидува да ја искористи состојбата за да ја протурка својата агенда. Франција си е сама виновна за ова што ѝ се случува. Таа е премногу блиска до САД, кои, „како што е познато“, ја имаат создадено ИСИС, за која двајцата убијци од Париз се бореле во Сирија и што може Франција да очекува друго кога си игра со оган на ваков начин. Да не говориме за тоа и дека САД се виновни за сето она што се случи и во Украина, дека САД, ете, ја растурија и „стабилната“ диктатура, Ирак, како и уште една друга „стабилна“ диктатура Сирија, и сега, откако тие се дестабилизирани, насилството од кај нив се прелева преку нивните граници и стигнува до Европа и до Франција. Се разбира САД и ЦИА ја имаат организирано целата Арапска пролет за да се разнишаат редица „стабилни“ диктатури: Египет, Либија, Тунис, Бахреин. И сето тоа заради нафтата или, едноставно, заради сеење хаос. Не ми паѓа напамет на ова место да спорам со ваквите „кохерентни“, „изградени“ и „логични“ ставови. Тоа не е цел на текстов. Неговата цел е да запраша: кој е сега лицемер? Оној што по трагедија игра на (крајно проблематична и преполна со фантазии) геополитичката карта, во време кога тоа е сосема несоодветно, за да ги промовира своите антиевропски и антизападни гледишта, или оној што решил едноставно да се солидаризира со починатите. И тоа во време кога е најнеопходно да искажеме став дека не се плашиме, дека верскиот фундаментализам не може да победи во Европа, дека сме дел од нејзините идеали кои се градат веќе со векови. Дури и турскиот премиер, кој неодамна беше во земјава, Ахмет Давитоглу, чијашто влада и чијшто претседател, Реџеп Таип Ергодан, имаат цел куп несогласувања и со ЕУ и со Франција (сетете се на караниците меѓу овие две земји за Ерменскиот геноцид) денеска е во Париз и маршира во знак на солидарност заедно со редица други европски лидери. И што значи сега ова? Дека Дативоглу и сите тие лидери, кои сега се во Париз, а не се во Нигерија, се лицемери? Најверојатно единствени лицемери не се само нашите политичари од кои денеска ниту еден не е во Париз.

Само мали деца не знаат дека живееме во свет полн со контрадикторности и не така мал број апсурди, од кои на голем дел немаме одговор. Во таков свет наше е да се обидеме да живееме најдобро што можеме. Контрадикторностите да ги намалиме, а апсурдите да ги сведеме на подносливо ниво и да научиме од нив колку што можеме.

Можеби сум лицемер, но јас барем не тргувам со трагедии и не лицитирам со масакри и со мртви човечки тела. Никогаш. А, да. И не правам компромиси кога е во прашање слободата на изразување. Почни да правиш компромиси со неа и автоматски си ја фрлил демократијата во шолја. За демократијата прифаќам и да бидам лицемер. Како Македонец, ако ја фрлам демократијата во шолја, не сакам ни да помислам кај ќе ми заврши државата.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести