verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Експлицитните содржини во медиумите и нивниот ефект врз децата

on 7 - 09 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
Eротски содржини на интернет може да бидат поштетни од порнографијата. Илустрација: Seedfeeder, Wikipedia
Eротски содржини на интернет може да бидат поштетни од порнографијата. Илустрација: Seedfeeder, Wikipedia

 

Моралните, верските и одредбите создадени од државата, повикуваат на контрола и менаџирање на експлицитните и вознемирувачки содржини. Што повеќе се зголемува свеста за општата медиумска култура кај новите генерации, толку повеќе ќе се намали количеството на овие содржини во медиумите

 

Пишува: Агрон Врангала

 

Секогаш се зборувало за влијанието на медиумите врз разни општествени категории, и покрај фактот дека дел од современите теоретичари не мислат дека е рационално да се занимаваат со ефектот на медиумите. Главната причина е дека „ефектите“ или влијанијата не доаѓаат од медиумите на ексклузивен начин, туку се последица на неколкуте „агенции“ за социјализација, како што може да бидат семејството, повозрасните браќа и сестри, училиштето, општеството и, на крај, медиумите.

Како и да е, ефектите на медиумите се евидентни во општеството. Тие се засноваат на активното учење, како основа за социјализација и концентрирање на вниманието врз важноста на читањето на медиумот или медиумското пишување и читање (media literacy). Тоа што може да влијае позитивно во разликувањето меѓу разните медиумски содржини е медиумската едукација. Вака, новите генерации ќе имаат можност да создаваат една појасна слика врз основа на тоа што им се прикажува во медиумите. Медиумската култура денес е една целина од потребни способности за да се разликува реалноста од фантазијата и манипулациите во медиумската содржина.

 

КАДЕ ВЕЧЕРАЛЕ СЕСТРИТЕ КАРДАШИЈАН!?

Најчестите елементи што се сметаат како најштетни, особено за категоријата на деца и тинејџери, се сцените со употреба на насилство, содржините што стимулираат зголемување на стравот, поинаку познати како хорор, сексуалните содржини, моменти на користење дрога, алкохол, тутун и други нешта штетни по здравјето, и така натаму. Со појавување на интернетот, консумирањето на овие содржини се зголеми. Ова не значи дека тие не биле или не се присутни и кај весниците или списанијата, аудиоматеријалите, телевизијата, киното и други. Еден феномен што се прошири многу во сите портали по светот, и без да недостига и во порталите од Македонија, е токму употребата на овие содржини за да се зголеми бројот на кликнувања.

Неконтролираното и неоправдано објавување на фотографиите на Ким Кардашијан, на пример, зборува за една перверзна ориентација на многу портали за да ги провоцира емоциите и страстите кај човекот. Во реалноста, сите ние знаеме дека нема никаква важност каде вечерале вечерва сестрите Кардашијан или со кого ја помина ноќта Амбер Роуз. Таквите прототипи не недостигаат ни во албанскиот медиумски свет, како Шкендије Муја, Калаши или некоја друга славна личност за нашата публика. Доколку сте забележале, овие ликови честопати немаат ниту еден талент, и доколку ги немаа мазните физички атрибути (што е секогаш прашање на перцепција), тие никогаш не би ја постигнале таа слава што ја имаат денес. Но, зошто целиот овој интерес за да се употребат овие социјални феномени?! Многу едноставно: собирањето кликнувања во недостиг од способност на медиумите да ѝ понудат нешто поважно за публиката.

Кога зборуваме за публиката под 18-годишна возраст, внимание! Фотографиите или видеозаписите со еротски нијанси што се објавуваат на информативните веб-страници се поопасни од самите порнографски веб-страници. Бидејќи, на крајот на краиштата, постојат програми и опции што овозможуваат блокирање на страниците за возрасни. Но, што да се прави со сличните содржини што се објавуваат на информативните портали? Пред сè, ова е прекршување на самите стандарди во самиот тој медиум, бидејќи првин се претставува како „информативен“, а потоа објавува вести кои е многу тешко да ги ставиш и во „розовата“ категорија!

 

„Една американска студија покажа дека 90 отсто од телевизиските програми поседуваат сексуална содржина, додека 60-75 отсто од музичките видеоклипови имаат таква содржина. Ова не подразбира секогаш прикажување на сексуалните сцени. Овде може да се вклучат и дискусиите со сексуална нијанса или визуелните еуфемизми како и сексуалниот бихејвиоризам. (Извор: Elizabeth M. Perse, Effects of Sexually Explicit Media Content, 2008).

 

МЕДИУМИТЕ И СЕКСУАЛНИОТ БИХЕЈВИОРИЗАМ

Вреди да се напомене дека таквите содржини не им овозможуваат на малолетните сексуална едукација. Напротив, силно влијаат во расипувањето на нивната едукација во оваа социјална област. Преку таквите прикажувања, младата публика мисли дека ова е тоа што му треба на човекот или дека овие се моделите на жени на кои треба да им се восхитува. Значи, во фантазијата на машките се создава една целосно погрешна перцепција за спротивниот пол. Реалноста, пак, се разликува многу од виртуелноста, но постојаното наметнување на овие содржини влијае негативно во создавање на едно здраво мислење за реалноста. Овде се опфаќа и мешањето на чувствата, неисполнувањето на очекувањата, желбата за да се остане поврзан со виртуелното и дистанцирање од реалноста, губењето на самодовербата, социјалното депримирање и др.

Честопати, овие содржини се дефинираат како еротски или порнографски, иако овие два термини се разликуваат. „Еротика“ како термин доаѓа од античкиот грчки јазик што подразбира ерос (љубов), реферирајќи на сексуално експлицитни содржини. Терминот „порнографија“, пак, исто така произлегува од грчкиот јазик, и се употребувал од писателите кога пишувале за проститутките. Овој термин го опфаќа насилството и акциите што ја деградираат и ја понижуваат жената.

 

МОРАЛНИТЕ АСПЕКТИ  

Сексуалните содржини спакувани на овој начин предизвикуваат пречки или социјални незадоволства, создавајќи на еден начин погрешно или нездраво знаење за сексот. Претераноста на овие содржини може да ги корумпира моралните вредности на луѓето. Сексуалните медиумски содржини, исто така, може да ги поттикнат луѓето за да ги помешаат нивните социјални улоги.

Поради оваа причина, моралните, верските и одредбите создадени од државата, повикуваат на контрола и на менаџирање на овие содржини. Што повеќе се зголемува свеста за општата медиумска култура кај новите генерации, толку повеќе ќе се намали количеството на овие содржини во медиумите. Самите барања на публиката ќе станат поквалитетни и вака ќе ги натераат медиумите да мислат малку повеќе, особено во моментите кога објавуваат вести од типот „Руската манекенка не остава ништо на фантазијата“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести