verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ЕКСКЛУЗИВНО: На Груевски му е подметнато последното интервју!

on 28 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Погледот далеку, проблемите блиску. Фото: скриншот
Погледот далеку, проблемите блиску. Фото: скриншот

 

Џабе измислени интервјуа, напразни се најавите за задоцнети балкански дипломатски офанзиви кога метастазите на криминалот и на глупоста ги имаат зафатено сите витални органи на власта. Режимот полека згаснува, секојдневно губејќи по некоја функција Еве, тукушто „на оној свет“ неделава се пресели надворешната политика на Груевски. Амин.

 

Пишува: Сашо Орданоски, експерт за комуникациски науки

 

Така ви е тоа во светот на Груевски: со години ќе водиш непромислена надворешна политика на државата, диктирана од приватни финансиски интереси и од регионални криминални зафати, а потоа, кога ќе удриш „во ѕид“ на поставениот меѓународен и регионален поредок, ќе објавиш едно интервју за некој локален „куртон-медиум“ (со непотпишан новинар, се разбира, и со своја пригодна фотографија со блажена „телешка“ насмевка), ќе згазиш врз сѐ што си правел и заради што земјата и граѓаните во неа имаат огромни последици и ќе тргнеш во сосема нова насока! Како ништо да не било!

Таквите нагли свртувања во политиката, обично, имаат висока цена по здравјето. Грујо, несомнено, си го шина вратот.

 

НАМЕСТО ГАС – КАНАЛИЗАЦИЈА

Прво, да се разбереме, и по едно читање, јасно е дека оној што одговара на поставените прашања во интервјуто „Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ“ не е Никола Груевски. Тој ниту има такви ставови, ниту има таква сконцентрирана и јасна мисла, ниту стилот е негов. Всушност, очигледно е дека и поставените прашања и дадените одговори, а особено моментот на појавување на ова фалш-интервју (по дебаклот со бројноста, изгледот и содржината на провладините демонстрации на 18 мај, но и по безбедносното фијаско кај Куманово), се производ на пропагандната машина на нашиот деспот. Речиси сум подготвен на облог дека авторите на ова интервју се Мартин Протоѓер и Срѓан Керим, може и по обратен редослед. Некому во ДПМНЕ (ама не на Грујо!) му станало јасно дека со груевистичкиот „марш кон Исток“ власта се доведе во неодржлива ситуација – и онака сосема разнишаните позиции на власта само дополнително се урнисуваат со експлицитното и јавно воодушевување на елитата на ДПМНЕ од недемократските методи на владеење на Путин и на неговата нова „Антизападна интернационала“. Москва упорно извезува идеолошка чорба во која е насецкано сѐ што се нашло во шпајзот на буѓосаните пан-славистички, авторитарни, конзервативно-револуционерни, илиберални и популистички идеи. Оваа Путинова манипулација, која се состои од замена на демократските институции со персонализираната моќ на деспотот, на Балканот доаѓа низ широките канализациони пропагандни цевки низ кои никогаш нема да протече гас.

Благодарејќи на ова интервју, дознавме дека Груевски секоја вечер легнува и секое утро станува со НАТО и со ЕУ како приоритет во надворешната политика, иако во текот на долгиот ден прави сѐ за овие идеи да ги понижи и да ги разнебити во Македонија. Па, не треба да се оди во поширока анализа, доволно е да се погледаат пропагандните перјаници на власта, како „Дневник“ на Камчев и на Керим, или содржината на емисиите на неколкуте будалетинки по националните телевизии на кои Груевски им гостува секој трет месец со разговори по неколку часа; погледајте го тој антизападен „отров“ и во коментарите на Латас и на Мирка, идеолошко-политичките конфиданти на Грујо; посетете ја веб-страницата на „Курир“ за да ви се разбуди носталгија по квалитетот на комунистичката пропаганда на некогашната московска „Правда“… Сетете се на леснотијата со која режимот на Грујо со години ја шири и ја поттикнува антиевропската и антиамериканска агенда, која по вмровски ориентираните социјални мрежи достигнува нивоа на колективна хистерија и на масовна омраза кон САД и кон ЕУ, рамна само кон омразата кон „Шиптарите“.

 

ДОКАЗИ, ВСУШНОСТ, НЕМА

Но, во ова подметнато интервју на Груевски има уште еден важен аспект кој многумина, можеби, го превидуваат. Имено, со признанието дека не постојат издржани докази за вмешаност на странски служби во телефонските прислушувања во рамките на покренатите „пучистички“ обвиненија против Заев, кој и да го правел интервјуто на Груевски отвора јасен политички простор за судско отфрлање на обвинувањата против лидерот на опозицијата во аферата „Пуч“. Едноставно, со признанието дека сите „докази“ за вмешаноста на странските служби се, во најдобар случај, посредни – „ми кажа Заев“, „разговорите се преведувани на англиски“ и „така рекол Верушевски“ – и официјално е „закопана“ целата правно-политичка конструкција на власта дека не таа, туку некоја странска служба прислушувала 26.000 македонски граѓани за да се растури македонската држава, во колаборација со предавникот Заев!

Е, па, ако судскиот случај „Пуч“ нема никаква правна основа, тогаш апсењето на Мијалков (Сашо) и на Јанкуловска (Гордана) мора да е само прашање на време, заради нивна директна „командна“ замешаност во големата илегална операција на прислушување од страна на МВР, која ја открија „бомбите на Заев“.

И, сега, што правиме? Путин преку ноќ грубо го откачија, со големо понижување на неговиот министер Лавров, кој сега остана „со прстот во уста“ по толкавото јавно бранење на Груевски од „заговорите“ на Западот; а Запад му вели, „Господине Груевски, правете што ќе правите, но истрага за содржината на прислушуваните разговори, како и за големиот инцидент во Куманово, мора да има! А и Вие ќе треба да си дадете оставка“.

Маневарскиот простор за спас на Груевски се намалува со секој изминат ден. Џабе измислени интервјуа, напразни се најавите за задоцнети балкански дипломатски офанзиви, кога метастазите на криминалот и на глупоста ги имаат зафатено сите витални органи на власта. Режимот полека згаснува, секојдневно губејќи по некоја функција Еве, тукушто „на оној свет“ неделава се пресели надворешната политика на Груевски. Амин.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести