verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Двоен удар за двојна манипулација

on 6 - 12 - 2016       

kurir-mk_makedonija_vesti_g

[Рецензија: Гласот за десно-центристичките коалиции е глас во прилог на намерите на Заев за двојазичност и редефинирање на државата]

 

Овој текст, всушност, е пропаганден материјал за позициите на власта која, пак, во последните денови од кампањата, најсилно што може игра на националистичката карта. Стратегијата е едноставна – „ние сме патриотската, а опозицијата е предавничката опција“. Очекувано е политичките партии да ги пласираат своите програми и тактики што е можно поагресивно, но она што никако не е прифатливо е валканата работа за нив медиумски да се одработува преку конструкција на изнасилени спин-написи. Таков е конкретниот случај.

 1111Линк до оригиналниот напис: Гласот за десно-центристичките коалиции е глас во прилог на намерите на Заев за двојазичност и редефинирање на државата

Датум и време на објавување: 05.12.2016,  14:42

 Датум на рецензирање: 06.12.2016

 Рецензент: Владимир Мирчески

 

 

ИЗНАСИЛЕНА СПИН-КОНСТРУКЦИЈА

Максимален спин. Главен таргет – разочараното т.н. вмровско гласачко тело, кое можеби се крши за кого да гласа в недела. Изборот на овој дел од избирачите кои претпочитаат „десна опција “ е меѓу две коалиции, со опозициски и со десничарски шмек. Тоа претпоставува дека овие гласачи би се одлеале од владејачкото множество и би се прелеале на друго место. Опасноста тие да донесат пратенички мандат(и) за партија која по 11 декември би се придружила на опозицискиот блок, изгледа го вклучила алармот во некој си центар и ете напис кој силно „мириса“ на нарачка зашто ги има сите елементи: мултиплицираност на квадрат, пристрасност, спин, манипулација, коментар…

„Гласот за десно-цетристичките коалиции е глас во прилог на намерите на Заев за двојазичност и редефинирање на државата. Според сите испитувања на јавното мислење, шансите за остварување на некој посериозен резултат на коалициите „ВМРО за Македонија“ и „Коалиција за промени и правда“ се практично минимални. Прашање е дали воопшто двете коалиции може да освојат пратеничко место“.

Опасна теза со двоен ефект – ем да се наклеветат помалите десни партии, ем уште повеќе да се брендира лидерот на опозициската партија како човек што сака редефинирање на Македонија. Вистинитоста е силно еродирана зашто воопшто не се води сметка за ситуацијата на теренот и за позициите на СДСМ кои раководството секојдневно ги повторува, наспроти офанзивата на владејачката партија:

„Федерализацијата е само во главата на Груевски. Кантонизацијата којашто ја споменува не знам од каде му паднала на памет. Веројатно мисли на конфискацијата, конфискацијата ќе ја има после овој грабеж што се случи“. (Зоран Заев, Радио Слободна Европа, 04.12.2016)

 

ЧЕТИВО – СОЈУЗНИК НА ВЛАСТА

Чудна и контрадикторна е тезата со која сака да се направи линк меѓу помалите десничарски коалиции и опозицијата предводена од СДСМ. Ем овие партии нема да освоеле ниту еден мандат, ем гласот за нив би бил заобиколување на народната волја.

Па, нели „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“ (Устав на РМ).

„Во ситуација кога СДСМ и Зоран Заев на преговарачка маса ги ставија највисоките национални интереси, прашањата за двојазичност, редефинирање на државата и промената на Уставот, секој глас може да го намали капацитетот при идните преговори за формирање на новата Влада“.

И од овој пасус се гледа пристрасноста и одработувањето за владејачката партија. Па, безмалку истите формулации секојдневно ги користи раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски: „Ова се клучни моменти за твојата и иднината на Македонија, секој глас е битен“.

Спасов: „Граѓаните веруваат во економската програма на ВМРО-ДПМНЕ, веруваат дека водиме многу подобра грижа за Р. Македонија, за македонската економија и поради тоа на 11 декември ќе го дадат гласот за ВМРО-ДПМНЕ. Гласот против СДСМ е глас против редефинирање на државата и воведување на албанскиот јазик на целата територија на државата“.

Значи, така се завршува работата со оцрнувањето на политичките противници, за потоа да се премине на фалбите за власта.

„И додека Заев се расфрла со двојазичност и менување на Уставот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата За подобра Македонија“ Никола Груевски од македонскиот народ бара поддршка за 63 пратеници за да се зачува унитарноста и самостојноста на Р. Македонија и конечно да се стави крај на кризата затоа што отворањето на чувствителни прашања како двојазичност и менување на Уставот може само да значат нов конфликт во Македонија“.

Овој настап зачинет со уште две изјави од претставници на две сателит-партии на власта треба да го бетонира впечатокот кај јавноста за тоа „кој е, а кој не е“ за националните интереси.

Единствено што е бетонирано е дека имаме работа со тендециозно, ептен непрофесионално и четиво – сојузник на власта.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

делумно

официјални, анонимни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести