verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Државната ревизија помага во откривање и во истражување на корупција и на измама

on 13 - 09 - 2016       
Државната ревизија може да биде од голема помош во медиумското истражување на корупцијата. Фото: ДЗР/Гугл
Државната ревизија може да биде од голема помош во медиумското истражување на корупцијата. Фото: ДЗР/Гугл

 

Кога правосудните органи не реагираат на индикациите за корупција и за измама што ги даваат ревизорските извештаи за работењето на државните органи, тоа е знак дека правосудните органи не се независни и дека се корумпирани, што медиумите мораат да го идентификуваат и да ѝ го предочат на јавноста

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Функционирањето на институциите што ја контролираат власта (нивните забелешки, извештаи, наоди, препораки) претставува еден од релевантните извори на податоци и на сознанија за медиумите, кои можат да бидат употребени во функција на процена на состојбите, поставување прашања на органите на власта, понатамошни анализи и вкрстувања, извлекување на заклучоци…

Особено значаен контролен механизам претставува Државниот завод за ревизија. Овој завод има задача да утврди дали државниот орган кој го истражува има финансиски извештаи кои вистинито и објективно ја искажуваат финансиската состојба, да ги оцени извештаите на интерната контрола, да види дали државните органи ги користат средствата од граѓаните законски и наменски, да процени дали користењето на средствата е економично, ефикасно и ефективно, да оцени дали државните органи постапуваат по дадените препораки за надминување на проблемите што веќе се воочени.

Податоци што се добиваат од официјален извор, како што е Државниот завод за ревизија, имаат големо значење, како поради степенот на нивната веродостојност, така и поради обврската на соодветните правосудни и други државни органи да ги земат предвид и да постапуваат во врска со нив. Ревизорскиот извештај не е само уште едно мислење, тоа е официјален документ врз основа на кој се бара материјална, прекршочна и кривична одговорност од носителите на државни функции.

Разоткривањето и обелоденувањето на можната корупција, крадење, измами, злоупотреба на службената должност, самовластие (кои претставуваат посебен интерес за медиумите) се непосредно поврзани со работата и со извештаите на Државниот завод за ревизија.

Анализата на работењето на Државната комисија за спречување на корупција, на јавното обвинителство и на судовите е директно и во многу голема мера поврзана со анализата на нивното постапување по наодите на Државниот завод за ревизија и ревизорските извештаи за работењето на конкретни државни институции.

Меѓутоа, и покрај сето ова, ревизорските извештаи побудуваат многу ограничен и парцијален  интерес кај медиумите и не се користат за понатамошни продлабочени анализи, вкрстувања, прашања и контрола над органите на власта (особено на правосудните органи и на независните контролни механизми, како што е Комисијата за спречување на корупција, а кои се воспоставени токму за контрола на власта).

Само како пример, на 6 септември 2016 г. беа објавени серија извештаи на Државниот завод за ревизија на регуларноста за повеќе државни органи:

  • Агенција за вработување на Република Македонија – Сметка на буџет на фонд
  • Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија
  • Фонд за здравствено осигурување на Република Македонија – Сметка на буџет на фондови
  • Секретаријат за европски прашања – Сметка на основен буџет (637)
  • Секретаријат за европски прашања – Сметка на основен буџет (631)
  • Секретаријат за европски прашања – Сметка на буџет на донации, Кралство Норвешка (785)(631)
  • Државен просветен инспекторат – Сметка на основен буџет

Во врска со сите овие извештаи, во медиумите се појавија само неколку наслови, односно информации, кои во најголем дел од случаите претставуваат повторување на еден ист напис објавен на порталот „Фактор“: „Непријавени работници во Агенцијата за вработување!

Мал број медиуми покажаа интерес и за ревизискиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (повторно најчесто со пренесување на еден ист напис):

Пензискиот фонд им исплаќа пензија и на починати лица зашто нема целосна контрола, утврди Државниот завод за ревизија. Во извештајот објавен денес, овластениот државен ревизор констатира дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување нема целосни и точни информации кому сѐ по закон треба да му исплаќа пензија или да врши други исплати.

Дел од медиумите (особено тие што важат за блиски до власта) и пропагандните центри на власта, по обичај, воопшто не ја информираат јавноста за постоењето на ревизиските извештаи и за нивната содржина и не ѝ свртуваат внимание на јавноста на пропустите на државните органи во работењето со парите на граѓаните.

Меѓутоа, дури ни тие малку медиуми што ја пренесуваат информацијата за извештаите на Државниот завод за ревизија, ни оддалеку не даваат ниту доволни, ниту соодветни податоци за направените ревизии, не се впуштаат во поопсежни анализи и не поставуваат понатамошни прашања (до Јавното обвинителсто или Комисијата за спречување на корупција) поврзани со судбината на извештаите од аспект на поведување кривични постапки и кривично гонење на одговорните лица.  Следствено, јавноста не може да види дека правосудните органи (особено Јавното обвинителство и Комисијата за заштита од корупција) свесно ги игнорираат ревизорските извештаи за партиските функционери да останат неказнети.

На пример, ревизискиот извештај за АД „Македонски пошти“, направен во 2014 година по пожарот во кој изгоре голем дел од документацијата, е предмет на интерес на исклучително мал број медиуми, и покрај јасно презентираните индикации од страна на Државниот завод за ревизија за направени криминални дејства и големи проневери на парите на граѓаните.

Ревизорскиот извештај за „Македонска пошта“ денеска стасал до скопското Јавно обвинителство. Постапката за разгледување треба да почне деновиве, а во почетокот на идниот месец може да се очекува и првиот извештај, информираше вчера државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Извештајот бил испратен од Државниот завод за ревизија до Државното јавно обвинителство, од каде што пред два дена го препратиле до скопското Обвинителство.

Меѓутоа, дури и оние медиуми што во одреден момент ја поврзале информацијата со надлежноста на правосудните органи, не ја следат приказната и не нудат завршница (или нејзино отсуство) за случајот, која треба да даде податоци и за функционирањето на правосудниот систем. Во медиумите не може да се дојде до податок за тоа што се случило понатаму со оваа истрага и дали има судски епилог за криминалот индициран од Државниот завод за ревизија.

Кога правосудните органи не реагираат на индикациите за корупција и за измама што ги даваат ревизорските извештаи за работењето на државните органи, тоа е знак дека правосудните органи не се независни и дека се корумпирани, што медиумите мораат да го идентификуваат и да ѝ го предочат на јавноста.

Во отсуство на анализи поврзани со извештаите на Државниот завод за ревизија, медиумите не само што не ја информираат соодветно јавноста за трошењето на парите на граѓаните, туку пропуштаат шанса за континуирано следење на судските постапки и на судските разврски поврзани со овие извештаи, а со тоа и за контрола над јавното обвинителство и на судската власт во постапувањето во случаи кога постои индикација дека државните органи работат спротивно на законите.

На овој начин остануваат незабележани и изјави, како онаа на јавниот обвинител Зврлевски дека „…се работи само за ревизорски извештај, без никакви докази…“, но и податоци дека претставниците од судството, обвинителството, државната ревизија и од органите за внатрешни работи учествуваат на заеднички средби и обуки на кои се дури донесени и заклучоци:

…дека борбата против корупцијата и измамите, кои можат да бидат откриени во процесот на вршење државна ревизија, зазема се повисок приоритет кај обвинителството и истражните органи.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести