verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Добиената битка за слободата се претвора во изгубена војна за пари

on 11 - 07 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
vladini kampanji
Фото: Гугл. Интервенција: СПФМ

 

Кој сака да ги „протурка“ интернет-порталите на мала врата и да ги инаугурира како медиуми? Ова прашање, со сета силина и контроверзност, исплива на површина овие денови со иницијативата на Владата да донесе закон за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Острите противречности што произлегуваат од иницијативата за донесување закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, а што се препозанаваат во предлог-законот, кој овие денови е пуштен на јавна расправа, се однесуваат на тоа дека овој закон во најава предвидува дека „носачи“ на владините кампањи ќе бидат медиумите, печатени и аудио и аудиовизуелни, односно радијата и телевизиите, но и – внимавајте – интернет-медиумите!!!

Интернет-медиумите!!! „Интернет-медиуми“ не постои како термин во актуелната позитивна законска регулатива во нашата држава. Постојат термини како интернет-портали, интернет-платформи, содржини на интернет, електронски публикации…, но не и – интернет-медиуми!

Заради овој факт, оваа иницијатива отвора многу прашања, прво, поради враќањето на темата дали интернет-порталите се медиуми или не и, второ, прашањето за самата легалност на иницијативата.

Дека интернет-порталите не се медиуми на начинот на кој прифатените закони кои се однесуваат на медиумската сфера утврдуваат што е медиум, е утврдено со самите закони, врз основа на жестоката јавна расправа што им претходеше во 2013 и во 2014 година.

Суштинскиот резултат од таа расправа, во најголема и пресудна мерка од стравот да не се воспостави контрола врз слободата на изразувањето на интернет, е дека во двата закона, Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, интернет-порталите – не се медиуми.

 

ИГРАЧКИ СО ЗАКОНИТЕ

Не е првпат овој лимбо статус на интернет-порталите да предизвикува прашања и проблеми. Во една редовна и контиунирана состојба, ова прашање е секогаш актуелно кога е во прашање говорот на омраза. Заради тоа што интернет-порталите не се медиуми, говорот на омраза таму го санкционираат други закони и подзаконски акти, но статусот на не-медиум им дава на порталите една комотна позиција која ги ослободува од одговорност кога се во прашање Кодексот на новинарите и другите етички стандарди на професионално и етички исправно однесување.

И кога веќе ја споменуваме надлежноста, бидејќи интернет-порталите не се медиуми, тие се лишени и од надлежноста што ја имаат, секој во својот домен, и здруженијата на новинарите, но, најважно од сѐ – и од надлежноста што ја има Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).

Впрочем, на оваа правна и саморегулаторна празнина во која се наоѓаат интернет-порталите, во интервју за „Сервисот за проверка на фактите од медиумите“,  укажа многу едноставно и прецизно извршниот директор на Агенцијата, Зоран Трајчевски, во кое тој вели дека АВМУ нема надлежност врз интернет-порталите.

Прашањето на правната празнина во која функционираат интернет-порталите, можеби најдраматично исплива на површина оваа година кога заради закажаните, па одложени вонредни парламентарни избори, на Агенцијата ѝ беше наложено да врши надзор и на интернет-порталите во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања. Во однос на ова прашање, агенцијата во збирниот извештај од надзорот ја потврди својата ненадлежност во однос на интернет-порталите, откако претходно излезе со едно темелно и многу поучно мислење.

Агенцијата, по едномесечни темелни истражувања, анализи и консултации, чија цел беше да се утврди опфатот на поимот електронски медиуми (интернет-портали) во Република Македонија и начинот на кој тие би се надгледувале, соопшти низа причини поради кои беше невозможно оваа институција да ги надгледува електорнските медиуми (интернет-порталите).

Како прво, Изборниот законик не го дефинира поимот „интернет-портали“, ниту неговиот опфат, а ваква дефиниција нема ниту во другите домашни закони. Оваа констатација на Агенцијата, уште еднаш, по којзнае кој пат, утврдува дека интернет-порталите во актуелната легална рамка – не се медиуми.

Следната констатација на АВМУ е многу важна: „Во Република Македонија не постои регистер на интернет-портали, како што, на пример, има регистри на издавачи на печатени медиуми, на радија и на телевизии“. Оттаму, уште на самиот почеток станува проблематично решението во предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, во кој е предвидено дека медиуми за објава на кампањи се „… комерцијалните телевизии, радија, печатените медиуми и интернет-медиумите кои се заведени во соодветните регистри на Агенцијата, кои доставиле годишни извештаи за медиумот до Агенцијата и кои објавиле саморегулаторен акт согласно закон“.

Овде треба да се запамети и треба да се истакне следново: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги нема регистар за интернет-портали и тоа го прави ова решение незаконско!!!

Сега засега.

Не е исклучено оваа обврска да ѝ биде наложена на АВМУ. Но, тоа значи дека ќе треба да се промени и Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, во кој е утврдена надлежноста на агенцијата. Таквата интервенција ќе ги направи интернет-порталите медиуми, но тогаш тие влегуваат во приказната на регулацијата, а тоа е нешто против што толку жестоко се бореа застапниците на слободата на интернет-просторот.

 

ВРАЌАЊЕ НА ПОТИСНАТАТА ЖЕЛБА ЗА КОНТРОЛА

Имајќи го предвид сето ова, останува нејсно зошто Министерството за информатичко општество и јавна администрација, надлежно за законите за медиумите, а сега гледаме и со посакувана надлежност и за регулацијата на платените владини кампањи, ги изедначува, па дури и им дава на интернет-порталите статус кој тие го немаат. Јасно е, тие не се медиуми.

Кој сака да ги „протурка“ интернет-порталите на мала врата и да ги инаугурира како медиуми? Ова прашање, со сета силина и контроверзност, исплива на површина овие денови со иницијативата на Владата да донесе закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, особено поради фактот дека не може се избегне впечатокот дека Владата, со овој предлог-закон, практично ја спроведува идејата за враќање на укинатите владини реклами, кои, по препорака на Европската комисија минатата година беа привремено запрени додека не заврши политичката криза во земјата и додека не се спроведат реформите, меѓу кои оние за медиумите, кои се високо на агендата.

Во исто време, на мала врата се враќа уште една потисната желба на Владата – да го контролира интернет-просторот, односно оние портали кои сега, според измените што ги наложува Законот за информативни и рекламни кампањи, ќе мора да се регистрираат како медиуми. Зашто, да не заборавиме, ако не се прогласат за медиуми, голем дел од порталите што ги поддржуваат владините политики ќе останат надвор од богатата медиумска трпеза.

Добиената битка за слободата се претвора во изгубена војна за пари.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести