verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

До кога медиумски силеџии неказнето ќе поттикнуваат насилство врз медиуми и новинари?

on 2 - 05 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Илустрација: http://alternate-theories.blogspot.com

Илустрација: Alternate Theories Blog

 

Фронтот за слобода на изразување уште еднаш најостро го осудува говорот на омраза од Миленко Неделковски на неговиот портал „Дудинка“, кој поттикнува на насилство кон критички медиуми и кон конкретни новинари, колумнисти и политичари.

Потсетуваме дека пред неколку седмици Фронтот за слобода на изразување јавно го осуди силеџискиот атак на Миленко Неделковски врз учесници на јавна ТВ-дебата, со зборовите: „Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта“.

Сега истата јавна личност, на својот портал, објавува листа на медиуми, новинари и политичари, повикувајќи на „Сечење на чировите“: „… чирот се отстранува хируршки. Со скалпел, со оштро сечиво.“  Групата на именувани медиуми и новинари се наречени „куп на ПЕДЕРИ ШТО РАБОТАТ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРЧКАТА ВЛАДА И ГРЧКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ“ и „странски платеници“. Жртвите на силеџискиот напад се дехуманизираат како  „Чирови и гноеви“ (кои треба да се се отстранат „хируршки“, „со скалпел, со оштро сечиво.“), како „ смрдливиот и лигав шлаем“ и како „вошки и крлежи“. Ваквиот говор на омраза кој поттикнува насилство кон медиуми и новинари има дополнителна тежина, затоа што доаѓа веднаш по изборите, од страна на провладин новинар кај кого редовно гостуваат претседателот, премиерот и министрите. Меѓу другото, во отворениот повик за насилство се повикува на репресалии од страна на државните институции врз медиуми, новинари и невладини организации што имаат различен став, а содржи и закани за јавен линч.

Фронтот за слобода на изразување ги повикува надлежните институции сериозно и соодветно да реагираат на поттикнувањето на насилство кон одредени медиуми, новинари и други јавни личности. Воедно, потсетуваме дека уште во 2010 година Европската федерација на новинари ги обвини властите за „скандалозно занемарување“ на слободата на новинарите, откако полицијата и јавните службеници не интервенираа по поттикнувањето на насилство кон новинари, од страна на Миленко Неделковски. Уште тогаш, тој објавуваше списоци на „новинари-предавници“ поттикнувајќи на нивна ликвидација. Генералниот секретар на Европската федерација на новинари изјави дека станува збор за „смртно сериозен повик до луѓето да извршат насилство врз новинари“, и ги потсети властите дека имаат обврска да дејствуваат против таквиот говор на омраза: „Новинарите не смеат никогаш да поттикнуваат акти на насилство. Одговорните треба да одговараат согласно законот.“

Фронтот за слобода на изразување ги повикува надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на новинарите и медиумите кои уште еднаш се изложени на смртно сериозни повици за насилство од страна на Миленко Неделковски.

Фронтот за слобода на изразување ги повикува сите здруженија на новинар(к)и и здруженија за човекови права јавно да ги осудат ваквите повици на насилство кон медиуми и новинари.

Фронт за слобода на изразување

 

Фронтот за слобода на изразувањето (sloboda.kauza.mk) е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување во, првенствено во Република Македонија, но и секаде во светот.

Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), „Јавност“ – Центар за нови политики и слобода на медиуми, „Јадро“ – Асоцијација на независна културна сцена и Здружението на граѓани Контрапункт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести