verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Длабоко грло“ во новинарството

on 21 - 03 - 2015       
Боб Вудворд, 2002 (лево) и Карл Бернстин, 2007 (десно). Фото: Википедија
Боб Вудворт, 2002 (лево) и Карл Бернстин, 2007 (десно). Фото: Википедија

 

„Помислив дека можам да го јавам тигарот“ – Ричард Никсон, единствениот американски претседател кој си поднел оставка. поради аферата со прислушување „Вотергејт“

 

Она што е најбитно од целиот тој преседан во дотогашната журналистичка практика е доказот дека големи нешта се случуваат кога новинарите го одржуваат својот збор, кога држат до својот збор.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Во ноември 2008 година, Боб Вудворд и Карл Бернстин, новинарите од „Вашингтон пост“, двајца, од тројцата клучни луѓе што ја открија аферата „Вотергејт“ и ја предизвикаа првата оставка на еден американски претседател, ненајавено го посетија Марк Фелт, третиот човек, кој во политичката и во историјата на новинарството ќе остане запаметен како „Длабоко грло“.

Оваа средба конечно ја расплетка мистеријата што беше чувана 35 години. Првпат по три и пол децении, се сретнаа јавно луѓето што одиграа историска улога и ги свртеа историските текови на политичката и на новинарската практика. Уште еден куриозитет ја следеше оваа историска сага: Карл Бернстин, вториот од тандемот новинари на „Вашингтон пост“, се сретна со Фелт прв и последен пат. Марк Фелт, „Длабоко грло“, почина еден месец подоцна, на 95 години.

Врската меѓу овие тројца беше комплицирана. Во 1972 година, кога пукна аферата „Вотергејт“ и кога стана анонимен извор на Вудворд и на Бернстин, Фелт беше втор човек во ФБИ. Никогаш нема да се дознае вистинскиот мотив на Фелт зошто се ставил во улога да биде тој што ќе ги води двајцата новинари на „Вашингтон пост“ до конечната новинарска цел во аферата. Тогаш кога тој се согласи да биде откриен неговиот идентитет, веќе страдаше од сериозна деменција.

Никој не може да ги предвиди намерите Господови, вели оваа поговорка, но во случајот на Боб Вудворт таа се покажа толку вистинита. Тој не можеше да претпостави дека случајното запознавање со Фелт, додека беше војник во американската морнарица, ќе му отвори толку тајни врати додека ја разоткриваше аферата заедно со својот колега Бернстин. Кога насети дека има нешто матно во апсењето на групата поранешни службеници на ФБИ и на уште некои сомнителни лица од таа група, Вудворт реши да го побара Фелт, кој во тој момент беше заменик-директор на федералната полиција, и да си ја проба среќата. А таа, среќата, му се насмевна како никогаш дотогаш и никогаш повеќе во неговата новинарска кариера. Единствено што требаше да направи за да ја открие најголемата афера со најголем импакт фактор во историјата на новинарството е да му вети на Фелт дека нема да биде откриен како извор.

И тој, Вудворд, го исполни ветувањето.

 

ДЛАБОК МОЛК ШТО РУШИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ

Во современата историја на новинарството нема сомневање дали „Длабоко грло“ е најпознатиот анонимен извор и дали весникот „Вашингтон пост“ го ризикуваше своето реноме кога одлучи целата афера да ја истурка врз основа на еден анонимен извор. Од друга страна, „Длабоко грло“ ја постави со сета своја контроверза практиката на употреба и на „употреба“ на анонимните извори.

Она што е најбитно од целиот тој преседан во дотогашната журналистичка практика е доказот дека големи нешта се случуваат кога новинарите го одржуваат својот збор, кога држат до својот збор.

Останува запишана во историјата познатата реченица на Вудворд: „Мојот пријател сака да остане целосно анонимен“ (My friend told me on deep background). Исто така, остануваат во историјата белешките во новинарскиот нотес на Вудворд каде неговиот извор од ФБИ е запишан со иницијалите М.Ф. (односно од англискиот My friend, M.F.), иако тие иницијали соодветствуваат со иницијалите на Марк Фелт. Иронично, нели!

Што се однесува до прекарот „Длабоко грло“, тој му се припишува на еден од замениците-уредници на одговорниот уредник на „Пост“, Бен Бредли, односно на Хауард Симонс. Името е преземено од истоимениот порнографски филм кој предизвика скандали кога беше премиерно изведен истата таа година, 1972, кога пукна аферата „Вотергејт“. Вудворд и Бернстин се сеќаваат дека прекарот на анонимниот извор ептен им легна и на уредниците.

Јавноста првпат дозна дека анонимниот извор на двајцата новинари бил именуван „Длабоко грло“ дури во 1974 година, кога во магазинот „Плејбој“ ексклузивно беа објавени делови од книгата „Сите луѓе на претседателот“ од Вудворд и од Бернстин. Фелт беше само еден од многуте анонимни извори што ги контактирале двајцата новинари, но токму „Длабоко грло“ предизвика најмногу внимание и симпатии, меѓу најважното, и поради секси името.

Марк Фелт дури тогаш дозна како го нарекувале во „Вашингтон пост“ кога разговарале за него и за неговите изјави. Според сеќавањата на Вудворд и на Бернстин, Фелт бил многу бесен и засрамен заради прекарот. Дури му рекол на Вудворд дека се чувствува предаден. Вудворд и Бернстин доживеале исти реакции и по премиерата на филмот со истиот наслов, како и по промоцијата на книгата во 1976 година.

Бесот на Фелт предизвикал нервоза кај Вудворд и кај Бернстин, но ниту еден од нив не бил поколебан во врска со ветувањето дека никогаш нема да го откријат неговиот идентитет. Во текот на сите години што следуваа, стотици новинари се обидуваа да испровоцираат одговор на прашањето кој е „Длабоко грло“, но двајцата истражувачки новинари никогаш не го дадоа одговорот, ниту, пак, каков било детаљ што можеше да упати на Фелт.

 

СЛЕДИ ГИ ПАРИТЕ

Уште за време на најжешките денови на аферата, многумина се обидуваа да го откријат идентитетот на изворот во Департментот за правда кој ја „предаде“ администрацијата на Никсон. Играта „откријте го кртот“ беше најиграната салонска игра меѓу новинарите и историчарите. Многу статии и книги беа напишани со прст вперен кон еден или кон друг. Следуваа деманти и ништо друго. Една цела генерација студенти по новинарство на универзитетот „Илиноис“ имаа истражувачка задача да ги проучат сите достапни и недостапни извори на податоци и да дојдат до идентитетот на „Длабоко грло“. Во 2003 година одржаа прес-конференција и го „открија“ човекот зад „Длабоко грло“. Обајвија дека човекот во сенките на гаражите на „Вашингтон“ бил Фред Филдинг, адвокат на Џон Дин, главниот советник во кабинетот на претседателот Ричард Никсон. Се разбира, погрешија, но го свртеа вниманието на јавноста, а Универзитетот „Илиноис“ си направи добра реклама.

Секогаш кога некој автор на книга, новинар или историчар ќе објавеа дека го имаат идентитетот на „Длабоко грло“, Вудворд и Бернстин – длабоко молчеа. Исто така и Марк Фелт. Уште повеќе, Марк Фелт во своите мемоари под наслов „Пирамидата на ФБИ“, објавени во 1979 година, отфрли каква било поврзаност со „Длабоко грло“. Во својата книга тој напиша дека со Вудворд се видел само еднаш за време на истрагата поврзана со аферата.

Вистината е дека Вудворд имал 18 тајни средби со Фелт од моментот на отворање на аферата до оставката на Никсон во 1974 година.

The-Washington-Post-Nixo-Resigns
Насловната на „Вашингтон пост“ на 9 август 1974 година.

 

Најпозната средба е онаа последната, во гаражата во Арлингтон, во Вашингтон, кога Фелт, повлечен длабоко во сенката на еден од столбовите, му ја кажува на Вудворд познатата историска реченица „Следи ги парите“. Реченица која подоцна ќе стане основна алатка на истражувачкото новинарство. Тоа е седмата средба во таа гаража. Во новинарскиот нотес на Вудворд се запишани сите седум, заедно со седумте телефонски разговори, една средба во домот на Фелт, една средба во една таверна, како и уште една средба, единствената „он-д-рекорд“, во канцеларијата на Фелт во ФБИ. Тој нотес, заедно со нотесот на Бернстин, со неговите белешки за аферата „Вотергејт“, во 2003 година, универзитетот во Тексас ги откупи за 5 милиони долари.

Мистеријата „Длабоко грло“ траеше 33 години и постави рекорд во градот на озборувањето, како што го нарекуваат Вашингтон. Тој рекорд беше поставен заради одржување на ветувањето на Вудворд и на Бернстин. На Бен Бредли, главниот уредник на „Вашингтон пост“, идентитетот на Фелт му бил откриен дури во 1976 година.

Хауард Симонс, заменикот на Бредли, во едно интервју поврзано со работата на „Вашингтон пост“ на аферата „Вотергејт“, објаснува дека тој и Бредли се договориле дека нема да инсистираат Вудворд и Бернстин да им кажат кој е „Длабоко грло“. Не сакале нивните новинари да почуствуваат каков било притисок за да можат слободно да работат.

До 1980 година само пет луѓе го знаеле идентитетот на „Длабоко грло“: Фелт, Вудворд, Бернстин, Бредли и сопругата на Вудворд, која оваа информација ја добила од својот сопруг во 1980 година.

 

ЦЕНАТА НА ЧЕСТА НА ПАНАЃУРОТ НА СУЕТИ

На 31 мај 2005 година, како резултат на одлуката на Марк Фелт и на неговото семејство да ја откријат најчуваната тајна во историјата на модерното новинарство, во престижниот магазин „Венити фер“ се појави сторија во која конечно беше разоткриен идентитетот на „Длабоко грло“. На Фелт и на семејството тоа им донесе договор за книга и за филм. Сега се очекува да ја видиме и личната приказна на Фелт и на неговите мотиви, стравови и ситуации од моментот кога одлучил да се впушти во една ваква авантура.

Марк Фелт, (Wikipedia)
Марк Фелт. Фото: Википедија (датум непознат)

Иако Вудворд и Бернстин следеа сосема вообичаен и очекуван протокол кога се работи за извлекување информации од анонимен извор, како и етички исправната одлука да не го откриваат идентитот на својот „информатор“, оваа нивна постапка потоа влијаеше на нивната кариера зашто сите идни нивни извори имаа целосна доверба дека си имаат работа со новинари од збор.

Воедно, двајцата новинари на „Пост“ станаа пример и за сите останати новинари во нивната земја и во светот бидејќи демонстрираа професионализам опсојувајќи на правилото дека секој извор во новинарската работа заслужува заштита. Без разлика на неговото потекло. Сè додека изворот ја кажува приказната и додека за тоа не бара каква било непристојна противуслуга, тој ја заслужува довербата на новинарите и тие никогаш нема да го откријат својот извор.

Со одржувањето на зборот и на ветувањето, Вудворд и Бернстин им помогнаа на многу други новинари кои го следеа нивниот пример. Тоа ги охрабри сите оние кои имаат нешто да кажат, а се плашеа да го направат тоа, бидејќи сфатија дека на новинарите може да им се верува.

Таа заемна доверба меѓу новинарот и изворот, со гаранција за анонимност е апсолутен договор“, изјавил Вудворд за време на еден од своите говори на универзитетот „Харвард“. „Тоа е договор кој никој не може да го компромитира или да го прекрши. Сè додека имате работа со чесен човек и сè додека тој не ве лаже“.

А Фелт, никогаш не ги излажал. Ниту, пак, тие него.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести