verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дискредитирање наместо информирање

on 1 - 07 - 2016       

sitel

[Рецензија: Пратеничката на СДСМ Лидија Димовска се повика на пратенички имунитет за да се заштити од казна за сообраќаен прекршок]

 

Вистината вреди толку колку што со неа може да се манипулира, би можелo да се заклучи од информацијата што ја рецензираме. Повод за написот е еден вистинит настан во кој е инволвирана пратеничка на опозициска партија, примарен извор на информацијата е автентична снимка од местото на настанот, епилогот е јавно познат, но, сепак, сето тоа е искористено за манипулација со вистината во полза на спротивниот политички табор и за оцрнување на политички неистомисленик.

Рецензија: Дискредитирање место информирањеЛинк до оригиналниот напис: Пратеничката на СДСМ Лидија Димовска се повика на пратенички имунитет за да се заштити од казна за сообраќаен прекршок

Датум и време на објавување: 28.06.2016, 16:31

Датум на рецензирање: 30.06.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

СПИНУВАЊЕ

Фактот дека пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз, Лидија Димова, била запрена, легитимирана, а потоа и казнета од страна на полицијата за време на последниот протест во Скопје, додека возела комби на „Шарената револуција“, е несомнен. Тоа таа и самата го потврди во изјава за медиумите кои се затекнале на местото на настанот. Димова пред камерите објасни дека полицијата ја легитимирала, ја прашала дали ќе се повика на својот пратенички имунитет и побарала таа да го отвори возилото, што таа го одбила со образложение дека не е присутен сопственикот на комбито.

Но, оваа вистина служи само како вовед, односно појдовна основа за спинување, извртување на настанот и на вистината, при што, политичкиот опонент, ВМРО-ДПМНЕ, преку настапи на свои претставници ја осуди Димова дека ја злоупотребила својата пратеничка позиција, додека медиумите наклонети на владината коалиција екстензивно пренесоа мислење на еден ист експерт кој често застапува провладини позиции, а кој детално ја анализираше и ја критикуваше Димова за тоа што, наводно, се сокрила зад својот пратенички имунитет за да избегне да биде казнета за сообраќајни прекрошоци. Така, и во написот кој го рецензираме се пренесени истите ставови на професорката Тања Каракамишева-Јовановска.

„За експертите однесувањето на Димова е само уште една слика за тоа колку пратениците на СДСМ го познаваат законот. „Да го знаеја Уставот, ќе знаеја што е пратенички имунитет, до кој степен ги штити пратеничкиот имунитет пратениците и што всушност тој претставува. Вака покажува дека не само што не знаат туку и се срамат пред граѓаните но РМ со своето елементарно непознавање“.

 

НАВРЕДЛИВ ТОН

Написот е полн со навредливи и омаловажувачки констатации и тврдења, пласирани како факти. Во него се коментира, место да се информира.

„Но, ако Димова не го познава законот, тоа не може да се каже и за полициските службеници“,

стои во написот и во прилогот, иако не може да се утврди дали Димова го знаела законот или не, а уште помалку дека овој случај покажувал дека сите пратеници на СДСМ не го познаваат законот. Исто така, случајот тука се користи за осуда на одлуката на социјалдемократите за замрзнување на своето учество во работата на Собранието:

„Тоа ќе ја чини (Димова, н.з.) речиси целата наредна месечна плата, за која ионака, не доаѓа на работа во Собранието“

Освен што е невкусна како коментар, оваа реченица изгледа и како дилетантски обид за подметнување политичка пропаганда онаму каде не ѝ е место, во информативен прилог. Иако не содржи тешки квалификации, ставена во контекст на сето претходно искажано во написов (не ги познава законите, не оди на парламентарни седници, а зема плата, ја злоупотребува пратеничката функција) следната реченица укажува на тоа дека се користи можноста за дискредитација на пратеничката Лидија Димовска.

„Инаку Лидија Димова е позната по своите чести испади во законодавниот дом. Освен лежење во собраниските фотељи, Димова знаеше и да скока врз изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ среде собраниската сала како и да ги покаже своите музички квалитети за реметење на собраниската комисија“.

Очигледно од  прилогов е дека не е научена лекцијата по новинарство за тоа што е новинарски (редакциски) коментар, а што е информација, туку се прават хибриди, кои под превезот на информирање, индоктринираат, спинуваат и дискредитираат.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

и веродостојни и неверодостојни

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести