Димитровски: Обвинителот бараше од новинарот да го открие изворот за фалсификуваните лични карти
Објавено во Новинарски лекции
on 18 - 01 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
Новинарот Љубиша Арсиќ беше на распит, како што велите, во својство на сведок, одговараше на прашања на обвинителот неколку часа, и, колку што знам, обвинителот сè уште не завршил со распитот, ќе има и продолжение кое беше одложено. Скандалот е што обвинителството барало од нашиот новинар да им го каже изворот на информациите, што е противуставно, иако „Фокус“ објави дека доставувачот на личните карти до „Фокус“ е непознат. Но, нашата соработка со истрагата ќе продолжи, зашто немаме што да криеме.
Пишува: Владо Ѓорчев
Откако неделникот „Фокус“ ја откри аферата со фалсификувани лични карти, скандалот секојдневно добива нови димензии. Се појавија неколку афери со фалсификувани документи, меѓу кои и возачки дозволи, а истрагата сè уште е во тек. Сето ова беше повод да разговараме со одговорниот уредник на „Фокус“, Зоран Димитровски.
Откако ја откривте аферата со фалсификувани лични карти, следеа голем број напади од провладините медиуми. Потоа имаше затишје со нови текстови. Дали имате нови сознанија или нема повеќе да објавувате информации на оваа тема?
Димитровски: Се разбира дека имаме нови сознанија и правиме и своја новинарска истрага за она што се крие зад аферата со фалсификувани лични карти. Но, фактот што оваа афера власта се обиде да ја заврти против „Фокус“, обвинувајќи нè дека, наводно, со опозицијата сме учествувале во некаков заговор против ДПМНЕ, нè обврзува да бидеме дополнително внимателни. Ги очекуваме наодите на истрагата што е отворена во МВР, а особено резултатите од истрагата во која ќе се вклучи и Специјалното јавно обвинителство, затоа што аферата со лични карти е дел од „бомбите“, а потоа ќе реагираме. Уверени сме дека сето тоа ќе се расчисти и оти на крајот ќе се открие дали некој ја местел аферата, кој ја местел и за кои цели.
Дали новинарот или вие, како уредувачки тим, имавте притисоци од некои луѓе од власта да не се објавуваат вакви сознанија?
Димитровски: Немаме притисоци за објавување нови сознанија, но ќе почекаме да заврши истрагата.
ИСТРАГАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ
Медиумите кои се под капата на власта ве обвинија за соработници на СДСМ во таканаречената „фабрика за лажни лични карти на СДСМ“. Дали контактиравте потоа со вашите извори и дали бевте зачудени од брзото откривање од страна на Јавното обвинителство?
Димитровски: Објавија дека сме биле дел од „Фабриката за афери на СДСМ“, така ја крстија. А што направи „Фокус“? Откако ги добивме 105-те лични карти, прво утврдивме дека се фалсификат, зашто тоа можеше да се забележи лесно, потоа направивме и новинарска истрага на терен на репрезентативен број примероци, за да откриеме чии идентитети се украдени и, евентуално, кои се истите ликови што се појавуваат на личните карти. Ликовите не можевме да ги одгатнеме и да ги откриеме, затоа што ниту МВР не располага со систем за идентификација според ликот и покрај скандалозната и криминална набавка на АФИС, кој служи и за тоа, но за системот нема софтвер!? Истрагата на терен нè насочи кон заклучокот дека има голема веројатност тие лажни лични карти да биле користени на избори. Пред сè, затоа што стануваше збор за кражба на идентитет на личности кои долго време се надвор од земјава и вообичаено не гласаат на избори, за измислени адреси, за броеви на непостоечки згради, станови, куќи. Сето тоа, пак, ни беше познато од забелешките на набљудувачите, како организацијата „Цивил“, на пример, од последните изборни процеси – локални и парламентарни избори во 2013 и во 2014 година, кога во избирачките списоци набљудувачите забележаа измислени згради, влезови и куќи. Потоа, проверивме и веднаш објавивме дека двојните или неколкукратните лични карти со ист лик и со различни матични броеви или адреси, ги нема во Единствениот избирачки список, што едноставно се проверува на интернет. Таква „проверка“ направија и луѓето на министерот Чавков и веднаш објавија дека личните карти не биле користени на избори, за, демек, да нè демантираат, а ние тоа веќе го објавивме. Но, не бевме сигурни дали лажните идентитети ги има во изводите од избирачките списоци, во оригиналните избирачки списоци од изборниот ден на кои се потпишуваат оние што гласаат. Односно, проверката дали со тие лажни лични карти и лажни идентитети некој навистина гласал, не се прави само во Единствениот избирачки список, туку може да ја направи единствено ДИК и тоа ако ги отвори „црните вреќи“ што се чуваат во магацините во касарната „Илинден“ и тоа само три години по изборите колку што законски се чуваат. Искуството од „бомбите“ – кога Миле Јанакиески говори за отворање на „црните вреќи“ од изборите, за да види дали договорените гласачи гласале, нам ни отвори сомнежи дека е можна манипулација со изборниот материјал, вклучително и со избирачките списоци. За жал, ние не можевме да ги провериме „црните вреќи“.
Дали новинарот Љубиша Арсиќ беше повикан на распит во Јавното обвинителство?
Димитровски: Да не заборавиме дека Љубиша Арсиќ, кога ни беше доставен видеоматеријал од т.н. фабрика за пасоши, самиот го предаде во Јавното обвинителство на РМ, но видовме дека Обвинителството тогаш не спроведе никаква истрага. Сега, пак, 105-те примероци од фалсификуваните лични карти Арсиќ ги предаде во МВР, и тоа не на министерот Оливер Спасовски од СДСМ, како што излажа ДПМНЕ, туку во Бирото за јавна безбедност, со кое раководи кадар поставен од министерот Чавков. Оттаму, пак, личните карти завршија во Основното јавно обвинителство, кое веднаш го повика нашиот новинар да сведочи. Зарем „Фокус“ ќе ги предадеше личните карти на надлежните органи ако сме учествувале во каков било заговор!? Не сум адвокат на СДСМ и не знам каква улога има партијата во оваа афера, тоа треба да го открие истрагата, но мислам дека би било вистинско политичко самоубиство за опозицијата да влезе во акција на печатење лажни лични карти само за да ја обвини власта за фалсификат на изборите, ако е јасно оти има многу докази од „бомбите“, а сега и од МВР, со институционално произведените оригинални незаконски лични карти за стотици гласачи од Пустец.
Новинарот Арсиќ, пак, беше на распит, како што велите, во својство на сведок, одговараше на прашања на обвинителот неколку часа, и колку што знам, обвинителот сè уште не завршил со распитот, ќе има и продолжение кое беше одложено. Скандалот е што Обвинителството барало од нашиот новинар да им го каже изворот на информациите, што е противуставно, иако „Фокус“ објави дека доставувачот на личните карти до „Фокус“ е непознат. Но, нашата соработка со истрагата ќе продолжи, зашто немаме што да криеме.
Што мислите, што се крие зад брзото откривање на фабриката за лажни лични карти?
Димитровски: Фактот што кога го објавивме видеоматеријалот и приказната за тајната фабрика за пасоши, есента 2014 година, ексминистерката Гордана Јанкулоска ја минимизираше аферата и немаше никаква акција на МВР и на Обвинителството за откривање на „погонот“ и соодветна истрага, а сега со откривањето на фалсификуваните лични карти имаше експресна реакција, со посочување на „Фокус“ како актер во аферата, како и поради тоа што е очигледно дека станува збор за лични документи кои се произведувани во ист простор, значи и фабриката за пасоши и за лични карти била во ист стан – само говори дека МВРО-ВМРО, односно ДПМНЕ, има замешано прсти во аферата. Зошто инаку цела година МВР и Обвинителството не спроведоа истрага за т.н. фабрика за пасоши? Дали тоа било нивна автентична криминална операција?
ДА СЕ ИСКОРЕНИ ПОЛИТИКАТА ВО МЕДИУМИТЕ
Дали во Македонија има услови за истражувачки новинарство?
Димитровски: Истражувачкото новинарство по дефиниција е макотрпна професионална работа на новинарите на откривање непознати факти за прекршувањето на законите, за корупцијата, криминалот на поединци или групи во државните институции, во други сегменти на власта на локално или на национално ниво, во бизнисот, итн. Првиот услов за истражувачко новинарство е слободата на медиумите. Познато е дека доминантните медиуми во Македонија се брутално контролирани од владеjачката партија и кај нив не може да се случи ниту елементарен дневно-политички критички текст против политичките моќници, а да не говориме за откривање покрупни афери. Кај тие медиуми може да се забележи унисоно организирана хајка против критичарите на власта, со нарачани полициско-разузнавачки памфлети. Медиумите кои не се контролирани од власта, пак, се соочуваат со многу притисоци и со ограничени средства за да можат да се занимаваат со истражувачкото новинарство, кое бара многу време, пари и труд. Дополнителен проблем е нетранспарентноста на институциите, кои и покрај законската обврска одбиваат да одговараат на прашања и да даваат податоци за сензитивни прашања. Културата на страв, пак, ги спречува потенцијалните пријавувачи на корупција, на кривични дела во институциите или во партиите да откриваат вакви афери. Но, работата се менува, сè повеќе луѓе се охрабруваат, особено по „бомбите“. А, од пред неколку години има повеќе острови на истражувачко новинарство во Македонија. Радува фактот што има неколку проекти на електронските медиуми, информативните портали, помогнати од странски донации кои негуваат истражувачко новинарство. Многу од коруптивните афери и криминалот што го чувме од „бомбите“, нашите колеги веќе го имаа истражено. Наградата за истражувачко новинарство на Македонскиот институт за медиуми, но и на некои европски институции, е добар поттик во таа смисла. Дури и новинарската награда што ја доделува Здружението на новинарите на Македонија, последните неколку години се доделува за истражувачки текстови, а не како порано за новинарски труд на годината, без оглед на жанрот, така што сметам дека перспективата на истражувачкото новинарство е добра. Десетина колеги кои последниве години ги добиваат наградите, навистина направија вистински пробив во тој правец.
Дали мислите дека треба да има промена на Законот за медиуми, како што бара олеснувачот во преговорите на потписничките на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте?
Димитровски: Го слушам премиерот по пропаѓањето на последната рунда на преговорите во Пржино како вели дека тоа што го барала опозицијата во областа на медиумите го немало во ниту една земја од Европа. Факт е оти олеснувачот Питер Ванхауте предложи решенија за медиумите кои се комбинација од законодавствата на повеќе европски земји, а новинарите преку ЗНМ ги поддржаа тие решенија, иако беа исклучени од преговорите за решавањето на прашањето за медиумите. Клучните промени се бараат во Агенцијата за медиуми и во Советот на МРТВ, односно во законите со кои се регулира раководењето на овие институции и делегирањето членови во нивните совети, како и во санкциите за повреда на професионалните стандарди. Сега овие тела, главно, се составени од претставници на институции што ги бира владеjачката партија, без оглед дали претставниците се на предлог на Собранието, на ЗЕЛС, на универзитетите, на Академијата… Предлозите на Ванхауте се повеќе невладини, новинарски и други граѓански организации, каде што власта нема влијание, да делегираат членови во овие тела. ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на ова, со образложение дека во многу европски земји највисоките претставници на власта, претседателот, премиерот или кралот, таму каде што има кралства, делегираат членови во советите и дека тоа е вообичаено. Но, во тие земји не може да се замисли на националниот јавен телевизиски сервис да се води секојдневна хајка против опозицијата и против критичарите на власта и да се објавуваат политички памфлети без да се наведе изворот на информацијата. Исто така, во тие земји регулаторните тела, без оглед кој ги делегирал членовите во нив, не замижуваат пред отвореното кршење на законите од страна медиумите, пред говорот на омраза, пред пристрасното информирање, како што е кај нас, туку преземаат законски мерки за санкција, кои, на пример, во Франција, водат до одземање на лиценцата. Ете, затоа е потребно професионални и политички независни луѓе да седат во тие институции и да го спроведуваат законот. Премиерот е во право – во Европа нема земја со такви решенија за медиумите – ама само дотука. Зашто, во Европа нема ни земја со „куртон-вести“ на телевизиите, а кај нас такви се четири од петте национални телевизии. Во Европа нема земја каде што директорот на Центарот за комуникации на ДПМНЕ, по СМС на уредниците на ТВ-дневникот во националните комерцијални, приватни телевизии им го испраќа редоследот и содржината на вестите што треба да ги објават. Многу нешта нема во Европа, ама тука, за жал, ги има и мора да се искоренат.
Дали Ве допираат муабетите за Вас, кога велат дека не можете да бидете независен новинар затоа што долго време сте биле под закрила на медиумите контролирани од ВМРО-ДПМНЕ?
Димитровски: Не верувам во фразата „независен новинар“. Новинарството е високософистицирана интелектуална работа, која зависи од интелектуалниот капацитет на новинарот, од неговата професионална обученост, од неговото искуство, а, се разбира, и од медиумот во кој работи. Сопствениците на медиумите каде што сум работел, секогаш кога ме ангажирале ми говореле дека е важно да бидам поблиску до вистината и да се држам до професионалните стандарди. Се разбира, тоа е фраза, зашто новинарството во основа е потрага по вистината, но потоа сопствениците барале од мене отворено да застанам зад интересите на владејачката партија или ме дисциплинирале затоа што сум пишувал критички за власта. „Фокус“ е исклучок, се разбира. Инаку, новинарот, како и сите други професии, има право на политички став, на мислење, на идеолошка определба. Јас сум десно, десно-центристички ориентиран и тоа често го злоупотребувале луѓето што го воделе ДПМНЕ, која се прикажува за десница. Но, идеологијата денес со актуелната власт ја загуби воопшто смислата. Може да ја поддржуваш нацијата, семејството, историјата, религиозните вредности, но не може во тоа име брутално да крадеш, да лажеш, да местиш афери и да убиваш. Границата на идеологијата во новинарството, се разбира, се професионалните стандарди. Не смее да се шират лаги, говор на омраза, да се организираат хајки против критичарите на власта, да не се пренесува втората страна, да се премолчуваат прес-конференции на опозицијата, итн. Инаку, во медиумите каде што сум работел не сум прифаќал „курирски“ штанцани соопштенија од центарот за лаги и дезинформации на ДПМНЕ за отстрел на опозицијата, без оглед какви ставови сум бранел. И не сум пишувал славопојки за водачот. Не верувам дека има чисти новинарски професионалци – независни, во текот на ова зло што нè снајде. Важно е тоа да се препознае и да се има морален и професионален интегритет да се осуди и доблест да се признаат грешките ако си ги направил. Многумина не го прават тоа.
ПОМАЛКУ ПРИТИСОЦИ
Како функционира „Фокус“ во услови кога е под постојан притисок од владејачките структури?
Димитровски: По последниот случај со казната од 10.000 евра во корист на „братучедот“ Сашо Мијалков (која солидарно ја плативме со колегите), поради неговите „душевни болки“, за кои гледаме како ги лечел, слушајќи ги разговорите на илјадници граѓани, или подоцна со летување на Санторини, челниците на владеjачката партија, поради преокупираноста со спасувањето на својата кожа во процесот од Пржино, не можат да постигнат да се занимаваат со брутален, отворен и директен притисок врз опозициските медиуми. Малку олабавија… Но, да не заборавиме дека на „Фокус“ му се одмаздија со тоа што скандалозно го лустрираа нашиот главен уредник, без елементарен доказ. Се разбира, тие не прекинуваат да влијаат врз фирмите да не се рекламираат во опозициските мeдиуми, вклучително и во „Фокус“ и во своите пропагандистички билтени продолжуваат да нè клеветат, да нè оцрнуваат. Тужби за клевета за објавени текстови во „Фокус“ има и сега, од пониски ешалони на „фамилијата“. Но, луѓето очигледно не се информирани дека состојбите во Македонија се менуваат и дека судовите по правило и досега главно го штитеа само највисокиот врв на ДПМНЕ. Ќе видиме што ќе се случува во иднина, но мислам дека отворен и брутален притисок, со тужби и со пресуди за клевета како во минатото ќе биде многу потешко да се практикува. Сметам дека на подолг рок диктатурата во Македонија е неодржлива. Особено ме радува што во мејнстрим медиумите на албански јазик има плурализам, жива дебата, нови слободни телевизии, а челниците на владеjачката ДУИ се однесуваат далеку подемократски од својот коалициски партнер и учествуваат во нивните информативно-политички програми.
Има ли надеж за новинарството во Македонија?
Димитровски: Новинарството, зборувам сега за она во контролираните, во заробените медиуми, не може да оди подолу од ова што е денес. Се разбира, „фамилијата“ во паника пред избори може да менува главни уредници, како што се случи во „Вест“ и во „Утрински весник“, може да ја засилува пропагандата, да отвора нови пропагандистички дувла со криминално заработени пари, како најавената телевизија, но верувам оти кога ќе се расчисти маглата, онаа покрупната, политичката, што може малку и да потрае, сè ќе биде поинаку. Новинарството ќе почне да им се враќа на новинарите, или, подобро речено, можеби првпат ќе дојде во нивните раце, зашто и на почетокот од транзицијата, во деведесеттите години на минатиот век, тоа не беше идеално, беше монополизирано од владеjачката партија. Но, ова сега е невидено дно, кое го нема во ниту една земја во Европа. Инаку, направената штета е огромна, зашто во меѓувреме изминативе десетина години се создадоа генерации млади новинари кои немале никаква шанса да се соочат со вистинските стандарди на професијата, туку работат исклучиво како пропагандисти и така го разбираат новинарството. Сепак, слободата е чудна ѕверка, кога ќе ја почувствуваш, тешко се откажуваш од неа, па верувам дека просветлувањето ќе се случи. Инаку, политичарите, во принцип, сакаат да ги контролираат медиумите, работата е во тоа да се создаде амбиент – правен, политички, културен, за тоа да се ограничи.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).