verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Денот кога државната информативна агенција го изеде зборот „оставка“

on 12 - 11 - 2015       
Фотографиите на МИА од Клиничкиот центар на 9 ноември 2015. Протестот го нема никаде.
Фотографиите на веб-страницата на МИА од Клиничкиот центар на 9 ноември 2015. Протестот го нема никаде.

 

Македонската информативна агенција (МИА) даде голем придонес во прикривање на настаните во Клинички центар на 9 ноември – во вестите оттаму не се споменува зборот оставка, ниту протестот на лекарите и инсистирањето министерот Тодоров да понесе одговорност, како услов луѓето во бели мантили да се вратат на работа, како и масовното враќање на пациентите од кругот на Центарот. А агенцијата имаше дури 11 наслови поврзани со ова место, каде имаше многу динамични собитија

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Еден од клучните настани на 9 ноември во земјава несомнено беше обидот за убиство на лекар од дигестивната хирургија при Клиничкиот центар во Скопје. Логично беше што сите медиуми испратија во кругот на т.н. државна болница свои екипи или известувачи и што интензитетот на вестите оттаму беше постојан и изобилуваше со нови и нови детали, зависно од развојот настаните.

Во таа трка по нови сознанија, се вклучи и државната агенција МИА, што е сосема очекувано и разбирливо. Поради низа последици, кои овој инцидент ги предизвика во здравството, добро ќе беше сите медиуми кои се напојуваат со вести од МИА да пренесат, на пример, дека одредена клиника или целиот Клинички центар ги враќа пациентите што имале закажано за тој ден и дека операциите кои биле на листата за понеделник, 9 ноември, едноставно биле тој ден избришани од распоредот! Да замислиме дека некој пациент треба од Битола да дојде попладнето на закажан „мој термин“ на некоја од клиниките на Клинички и да му биде бадијала патот, трошокот и, секако, малтретирањето, со оглед дека се работи за болни лица, кои често со себе мораат да носат и сопатник, како возач, или едноставно „за не дај Боже“?! И сè тоа зашто тој пациент не чул прецизна информација за тој настан, односно не осознал дека пациентите од Клинички не се примаат во добар дел од работниот ден!?

 

ИМПРЕСИВЕН БРОЈ НАСЛОВИ ИЛИ ИМПРЕСИВЕН БРОЈ СООПШТЕНИЈА?

МИА, по повод овој настан, тој ден имаше, колку што можеше да се изброи вечерта, 11 наслови за периодот меѓу 10 и 18 часот. Секако, импресивно! Но, ако некој ги следел само вестите на оваа агенција, би добил строго редуцирани сознанија, во кои ги нема зборовите „протест против министерот“, „барање негова оставка“, „чувство на морална одговорност на министерот“ и слично. Нема сознанија ниту за прекинот на работата на клиниките, особено не во обем и со содржина што би биле корисни за пациентите.

Агенцијата уредно ја следела генезата на настанот кога тој бил во доменот на црната хроника. Ги имала и реакциите на многуте фактори на јавниот живот кај нас, ама ја изгубила новата димензија на тој настан кога истиот од криминален станал општествен настан, со многу реперкусии кои се јавиле веднаш или кои биле очекувани, а биле битни за јавноста. Имено, откако непосредно по истрелите во дигестивна хирургија веста за тоа што се случило со еден нивни колега се претворила во брз и масовен револт во кругот на целиот Клинички и кога централна точка на спонтаниот собир на вработените била итна оставка на министерот за здравство Никола Тодоров, со назнака дека протестантите нема да се вратат на работа ако јавниот функционер не даде отставка, почна „кроењето“ на вестите при јавувањето на МИА од теренот. Тука постоела очевидна намера да се спасува ликот и делото на Тодоров, иако со таа намера се прикрива суштината на собитијата на Клинички!

Да одиме по ред.

Првата вест за обидот за убиство на Клинички ( МИА ја има во 10.12 часот, што е добра брзина ако се има предвид фактот дека настанот бил во 9.30 часот, по што, веројатно, уследиле некакви проверки од агенцијата. Втората вест доаѓа еден час потоа и таа е дополнета со детали – мотивот за обидот за убиство, бројот на учесниците, здравствената состојба на застреланиот, неговото оперирање и, конечно, приведувањето на три лица на испитување, со детали за нивната возраст, при што се внимавало и на елементот – презумција на невиност.

 

НЕВИДЛИВИ ЛУЃЕ ПРЕД КЛИНИКИТЕ

И потоа настанува „мрак“, имаме временска отсечка во известувањето од два часа, во која, според МИА, на Клинички не се случува ништо. А не ќе да е така, бидејќи таму, во кругот на болницата, имаме динамика која ретко му се случува на еден новинар-известувач. Значи, имаме спонтан и масовен протест на лекари и на медицински сестри, се одржал протестен собир во амфитеатарот на Медицински факултет, пациентите масовно се враќаа дома, прекинати беа сите активности за тој ден… И додека „тикерот“ на МИА мируваше за овие настани, другите медиуми (или поточно дел од нив) имаа полни раце работа. Така, во тоа време беше емитувана веста – да ја земеме за пример – од агенцијата „Мета“, со изјави на лекарите што протестираа. Протестот кој се одржа точно напладне беше некаде и најавен еден час претходно, како на „А1 он“.

Порталот „Новини“ јави дека „група лекари излегоа денеска на протест во кругот на Клиничкиот центар со кој побараа одговорност од министерот за здравство Никола Тодоров, поради хирургот кој беше ранет утрово. Тие ги откажуваат закажаните операции и најавија дека ќе ги примаат само итните случаи за оперирање и за прегледи се додека не се донесе нов закон за лекари, со кој ќе се зголеми нивната безбедност. Бараме морална одговорност од министерот за здравство, Законот за здравствена заштита да се врати како што беше пред 2011 година, од кога со измените лекарите се доведени во ваква состојба, а Лекарската комора да предложи закон за лекари што Владата ќе го прифати без забелешки“.

 

„ИЗБРИШАНИ“ ДВА ДРАМАТИЧНИ ЧАСА

И порталот „МКД.мк“ објави дека „овој инцидент предизвикува големо незадоволство помеѓу лекарите. Тие сметаат дека мора да се зголеми нивната безбедност, а веќе се разговара и за можен штрајк пред Министерството за здравство“.

И да се вратиме на МИА. Следната вест оттаму се случува нешто по 13 часот и таа како да навестува дека „нешто се тркала“ во некогашната државна болница, ама само преку пренос на партиското соопштение на СДСМ, кое, белким, не можело да се одбегне. Тука, во тоа соопштение, кое е дадено накусо, имаме две констатации. Најпрвин дека „пукањето е заради лошата ситуација во здравството“ и потоа „што треба да се случи за да си замине ресорниот министер…“. Ова, секако, значи дека е одбегнато барањето оставка од вработените, туку тоа е претставено и тоа онака бегло, како опозиционен партиски став.

МИА настојува со емитување партиски ставови да продолжи – реално – со помалку релевантни вести, како замена за молкот од теренот. Следува, на пример, партиско соопштение на ДС, каде се констатираат лошите состојби во овој ресор, ама нема персонална одговорност. Следува и мислењето на Министерството за здравство, како и на ВМРО-ДПМНЕ, и при тоа секаде се инсистира да не се политизира овој случај, но каде нема збор за револтот на лекарите и на другиот медицински кадар, а она соопштение на Министерството дури слободно може да се третира како извадок од полициски билтен! Тука веќе станува јасна стратегијата на власта во информирањето за тој настан – тој да биде исклучиво покриван како криминален, ама не и како социјален настан, односно како квасец кој нараснува во масовен протест. А, особено да не се споменува отставката како поим.

Затоа следува вест во 14.25, која настанот, пак, комплетно го враќа на шините на црната хроника и за тоа е најдено оправдување во фактот (веста) дека на оперираниот хирург состојбата му е добра. Тоа е, секако, важна вест, но зазема само две реченици, додека сите други елементи се дел од некакво соопштение на полициската служба за односи со јавноста (најден пиштолот, даден на вештачење, бргу фатени извршетелите) и одново ги немаме другите субјекти тој ден во Клинички центар!

 

ИМАШЕ И ПРАШАЊА ЗА МИНИСТЕРОТ

И потоа пак имаме двочасовна пауза, кога се „сондира“ начинот на кој во јавноста ќе излезе човекот од кого се бараше отставка – министерот Тодоров. И малку по 16 часот, јавноста го дозна ставот на најодговорниот во здравствениот систем за настанот.

По седум часа од обидот за убиство, тој повторува во изјавата дека се работи за криминален чин, веднаш дава алиби дека во консултации со браншата веќе донеле закон со кој се заострува казната за напад врз лекар. Но, додава – како форма на критика и врз протестантите, но без да го спомене зборот протест, штрајк и слично, дека „системот не смее, не може и нема да биде поткопан од кој било неодговорен чинител“. Оној кој знае да чита вакви текстови, би согледал дека министерот излегува од ареалот на кривичната одговорност и се занимава со пошироките импликации на настанот, ама без да има „прирок и подмет“, туку само упатувајќи порака која треба да ја сфатат тие на кои им е наменета: медицинскиот персонал на Клинички! Читателите на вестите од МИА одново се во аут и поголем дел од говорот на министерот нема ни да го разберат!? Но, не добивме никаква информација околу клучното нешто – дека на новинарско прашање за неговата одговорност, Тодоров одговори дека „чувствува морална одговорност“, но дека нема да поднесе оставка и дека не ја гледа своја поврзаност со настанот. За најголем број провладини медиуми, кои се мнозински во земјава, ова нешто не се случило; не дај Боже некој да го споменува тој збор „оставка“! МИА постапила по директивата! А, дека може доста да се дебатира околу поимите морална одговорност и отставка – да не говориме.

Речиси на крајот на бурниот ден, преку МИА го добивме и ставот на Лекарската комора, каде би очекувале, кога веста, односно соопштението стигнува доцна (17.39), да ги имаме сите димензии на случајот. Но, не е така. Навистина, веста содржи само многу мал дел од тоа соопштение, ама и во таа отсечка не е ставен акцент на тоа дека „последните години 1.500 доктори или биле изложени на навреди или биле изложени на закани…“ Тоа, секако, вреди за наслов, ама очигледно би бодело очи во однос на тукушто објавените анкети дека имаме „најдобро здравство на светот“!
И, конечно, во 18 часот, завршуваат вестите во низа на МИА со долгото соопштение на Клиниката за дигестивни болести, во кое во детали се дава медицинската анамнеза на покојната пациентка (која беше повод нејзин роднина да стрела во хирургот) и се бара да се гарантира безбедноста на медицинскиот персонал.

И толку од МИА – многу наслови и содржини, ама никаде нема ни слика ни збор за терминот „оставка“ (освен во споменатото соопштение од СДСМ), враќањето на пациентите и за протестите на вработените на Клинички. Ако ова не е монтажа и креирање на стварноста, што ќе да е? Следниот ден ќе разбереме и за големите притисоци врз лекарите да продолжат со работата која била делумно испочитувана. Патем , МИА на крајот на следниот ден (по 17 часот на 10 ноември), дава информација од раководителот на васкуларна и торакална хирургија дека кај нив се работело (оперирало) претходниот ден. Ова требало да значи, белким, негација дека имало прекин во исполнувањето на работните обврски? Но, одново хроничарот на настаните преку информациите на МИА не би разбрал зошто се дава тоа соопштение кога не е познато дека имало варијанта „и да не се работи“. Агенцијата, барем, да направеше преглед по другите клиники како стои работата со приемот на пациентите таму, колку од практична гледна точка!

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести