verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дежа ви

on 26 - 11 - 2014       
Политичко дежа ву: главата во куфер. Фото: Déjà vu, Michael Shaheen, 2013
Политичко дежа ву: главата во куфер. Фото: Déjà vu, Michael Shaheen, 2013

 

Кон слабата аналитичка страна на македонските медиуми може слободно да се приклучи и отсуството на потсетувањето. А, сè има свој репер во минатото, сè е веќе видено. По правило, медиумите ретко ќе потсетат на слични или сродни случувања од порано и оттаму да извлечат елементи на аналогија за она што може да се случи во иднина

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Која е разликата меѓу добрата и лошата политика? Помеѓу онаа што мисли долгорочно и она што е со краток здив, онаа што мисли да ги подобри работите или онаа што само гледа да задоволи некои свои прагматични, моментни цели. Разликата е во тоа што првите размислуваат, проценуваат и преземаат мерки и со тоа го проектираат можното. Првите остануваат во позитивното колективно паметење, во историјата, другите остануваат запаметени како апсолутисти, штеточинци, ситни профитери без чувство за општеството и за државата.

Кога на овие вториве на пат ќе им се испречи некој проблем, тие по правило не реагираат мудро, туку веднаш таа пречка или ја минимизираат или ја дисквалификуваат или, пак, се обидуваат да ги потиснат критичарите.

 

УМЕТНОСТА НА ПОЛИТИКАТА

Политиката е умешност или уметност(?!) да се предвиди можното. Односно, како која мерка или потег ќе се одрази во иднина, дали ќе има одраз и во некоја друга сродна или блиска област и така натаму. И најнакрај, секако, треба да се води сметка како тие мерки ќе се одразат на имиџот на власта.

Токму на овие релации може да се размислува деновиве, по студентските протести против екстерното оценување, најновата недоквакана измислица на властите. Покрај револтот за самата намера, се виде јасно дека во студентскиот протест има и релевантен револт против постојаните обиди на власта да ги контролира, да владее со сите сфери на животот, па дури и кога за тоа не е повикана. Студентскиот протест, сепак, во основата беше автентичен! Шпекулациите на Груевски се само злобно подметнување изнедрено од периферни случувања околу протестот. Тоа, сигурен сум,  и власта го оценила и токму затоа така жестоко се нафрли врз нив, обидувајќи се да ја искриви суштината на нивниот протест и да ги компромитира. Дури и премиерот се најде на двапати во ситуација да говори за ова. Прво ретерирајќи малку, ублажувајќи ја и реториката и намерата, за некој ден потоа, поткрепено со шпионски информации за инспирираноста на протестите од страна на опозицискиот СДСМ, да ги дисквалификува. (Колку е таа постапка во ред, тоа е, пред сè, прашање на политичка култура и на лична доблест.)

Веќе видено! Дури кога и површно ќе се припомни за слични ситуации низ политиката. Тука и доаѓаме до моментот кога оваа состојба наликува на толку други досега. Многу често, во оваа релативно куса политичка историја, живо се паметат настаните кои се развиле така како што се развиле, токму заради односот на власта кон нив. Мислам на лошиот и на погрешниот.

Затоа, медиумите би требало да ги потсетат јавноста и власта за некои случаи кои имале пресудно значење за неповолниот развој на општествените процеси. Може да се потсети на студентските протести (главно во Белград) во 1968 година (и како инспирација од истите такви протести низ цела Европа), кои на почетокот наидоа на ужаснување на целата политичка гарнитура и на правоверната јавност. Беа осудувани како контрареволуција, рекционерство, хулиганство, за потоа од итриот Тито да бидат прогласени за претежно исправни. Но, тоа беше неискрено и своевидна замка, а власта не само што не извлече поуки од тоа, туку кришум и тивко, на еден или друг начин, ги елиминираше оние кои беа означени како можни инспиратори или поттикнувачи на протестите. И наместо бараните промени, власта спроведе чистка во измислениот либералистичко-технолошко-менаџерски слој на партијата и општеството и ги засили политичките стеги.

Во 1981 студентските демонстрации во Приштина беа запалката што го разгори огнот на национализмот, која, пак, доведе и до војна и до распаѓање на Југославија. Наместо општествена акција за средување на состојбите на Косово, партијата на власт спроведе нова чистка под името „политичка диференцијација“, елиминирајќи ги сите неподобни и сомнителни, со обвинувања за национализам, иредентизам и за сепаратизам.

Подоцна, на крајот на силите, а како одговор на засилените барања за демократизација на општеството, партискиот врв спроведе и уште еден обид за чистка, овојпат означена како „дејствување од позиција на граѓанска десница“. Фала му на Бога, партијата, тогаш на издишување, не можеше веќе да покажува сила. Но, обидот беше индикативен во смисла на тоа што сè една власт може да направи за да ги компромитира, задуши и да ги релативизира автентичните барања на народот.

Медиумите можат да потсетат и на протестите кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, на работниците на скопската „Железарница“, кои не беа сфатени како знак дека стопанскиот систем веќе не функционира и дека промените треба бргу-бргу да се направат. Немоќна, тогашните штрајкови, власта ги сфати само како – барања за плати!

Не би било на одмет медиумите да потсетат дека политичката гарнитура на власт не се снајде ниту во деведесеттите години на минатиот век, кога сукцесивно се редеа протестите на Албанците кои си ги бараа своите укинати права, но и сите други. Наместо дијалог, власта праќаше специјалци во таканаречениот универзитет во Мала Речица (дисквалификувачкиот збор „таканаречен“ беше задолжителен во медиумите), се апсеа видни албански интелектуалци. Потоа се случи 2001-та.

Во 1996 година, опозицијата собра 170.000 потписи за вонредни избори. Владата успеа да ја отфрли иницијативата со дисквалификации, но и со помош на Уставниот суд. Тогаш самоуверениот Бранко Црвенковски ја исфрли онаа позната: „ќе ве згазиме како шлепер жаба!“ Знаете што се случи потоа.

 

ГУБЕЊЕ ВРСКА СО РЕАЛНОСТА

Вакви примери има цел куп и на разни нивоа. Но, која е врската на овие настани со актуелните студентски протести? Токму во тоа што политиката, се чини, не е веќе способна да ги прими сигналите кои стигнуваат. Замаена во виртуелниот свет на барок-кулисите, власта мисли дека сè она што таа ќе го одреди, замисли, проектира и реши (и кое е, се разбира, во согласност со нивни лични или групни интереси) тоа е во ред и добро за народот. Дури власта се чуди што нивните предлози не се прифаќаат со воодушевување, па го караат народот дека не разбира што е добро за нив.

Очигледно, политичката гарнитура на власт не е подготвена да си ги признае и да ги коригира грешките. Таа упорно настојува на нив. Дури и за релативно банални прашања, каква што е барок-хистеријата, која направи своевидно стампедо низ главниот град. Иако и анкетите покажуваат дека на проектот „Скопје 2014“ народот гледа лошо, власта продолжува, а тоа е веќе чист инает. Егзибициите на министерот за здравство не се покажуваат како најсреќни, но тој, сепак, секој викенд продолжува со своите ингениозни иновации. УЈП се претвори во полициски инструмент за арач-интервенции, наместо да биде одговорна финансиска установа, иако и најситниот трговец ќе ви каже дека му е збоктисано од даночниот притисок.

Сè ова се знаци на замор на власта (што е и сосема нормално по осум години), на губење на врската со реалноста што, пак, прераснува во параноичен обид стварноста да се прилагоди на желбите на власта!

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести