verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Деца и избори: политичка злоупотреба и право на критичко мислење

on 28 - 03 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Девојче на еко демонстрации за воведување на данок на загадувачки гасови. Источен Мелбурн, Сојузна држава Викторија, Австралија. Фото: Luisa Billeter, 2011 година

Девојче на еко демонстрации за воведување на данок на загадувачки гасови. Источен Мелбурн, Сојузна држава Викторија, Австралија. Фото: Luisa Billeter, 2011

 

Забраната за политичка присила и организирање на децата не значи забрана тие да се интересираат за политичките случувања, да контактираат со политичарите, да влијаат на процесите на одлучување. Децата се рамноправни граѓани на Република Македонија и треба да бидат третирани како такви.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Народниот правобранител ни соопшти, и сите медиуми пренесоа: “Да не се злоупотребуваат децата во политичките кампањи“:

Апелот го упатувам со цел да не се повторуваат случаите од минатите изборни циклуси во кои децата беа користени во политички настани, спотови и билборди. Исто така, потсетувам дека злоупотребата на децата за политички цели се смета за кршење на нивните слободи и права, а со тоа и прекршување на сите меѓународни и домашни правила за заштита на правата на детето, вели народниот правобранител.

Во некои медиуми, пораката е засилена со наслови како: “Народниот правобранител: Децата подалеку од партиско-политички цели!“, “Народен правобранител – децата да не бидат инволвирани во изборните кампањи“.

На порталот Бриф се појави и мала анализа под наслов “И децата играат избори“ во која се свртува внимание на содржината на учебниците за основно одделение и се цитираат експерти според кои:

“преку учебниците децата прерано се учат на основите на демократијата бидејќи според него најпогодна возраст за учење на политичките поими е дури после 12-тата година“

“Не е тоа време кога се формира мислењето, тие се жртви на возрасните кои однапред им го формираат мислењето. Но, да ги злоупотребите на таков начин е недозволиво“

Според здружението на граѓани “Меѓаши“ “последниве години децата се користеле како средства во рацете на одредени политички партии. Како примери ги набројуваат присуството на децата на митинзи, потоа во изборните штабови, во рекламните спотови, или, пак, во случаи кога лепеле плакати или делење летоци со политичка содржина и друг пропаганден материјал“.

 

Децата и политиката

 

Прашањето за односот на децата кон политиката, постапувањето на политичарите кон децата и инволвирање на децата во изборните кампањи, е сложено и зад еден ваков апел мора да стои објаснување за тоа: што точно се подразбира под злоупотреба на децата за политички цели.

Во 1991 година Собранието на Република Македонија донесе Декларација за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Во неа е направен обид за идентификување на проблемот со политичката манипулација и може да биде корисна алатка за новинарите кои го адресираат ова прашање. Според оваа декларација:

Се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје.

Меѓутоа, ова не значи забрана на децата да се интересираат за политичките случувања, да контактираат со политичарите, да влијаат на процесите на одлучување. Децата се рамноправни граѓани на Република Македонија и треба да бидат третирани како такви.

Она што би требало да го направат новинарите е да направат врска со Конвенцијата за правата на детето.

  1. Според Конвенцијата дете е секое човечко суштество од 0-18 години. Секое дете има право сите да постапуваат кон него на начин кој соодветствува на неговиот најдобар интерес.
  2. Меѓутоа, детето има право и да добива и дава информации, има право да учествува во процесите на одлучување, има право да се слушне неговото мислење и да се посвети соодветно внимание на тоа мислење, и, треба да биде во целина подготвено да живее самостојно во општеството.
  3. Детството не е чекална пред да се стане возрасен. Детето е активен чинител, а не пасивен објект на влијание од страна на возрасните и активноста подразбира и знаење и реално влијание врз прoцесите на одлучување.
  4. За практикување на правата кои ги има, не е сеедно дали детето има 1, 10 или 17 години. Посебно кога станува збор за партиципацијата и влијанието врз одлуките кои се однесуваат на него. Доколку видот на посвојување зависи од детето кое има наполнето 12 години, детето може да поведе постапка за престанок на родителското право, во судовите е задолжително да се чуе и земе предвид мислењето на децата кога се работи за семејните прашања, децата со навршени 15 години може да работат и да формираат здруженија, а со навршени 16 години да стапуваат во брак и да формираат семејство, тогаш учеството во политичкиот живот мора да се сообрази со нивната возраст и зрелост.

 

Злоупотреба и партиципација

 

Тоа значи, дека никако не смее да се меша злоупотребата на децата во политички цели и нивната партиципација во процесите на одлучување. Има разлика меѓу фотографирањето на политичарите со деца и остварувањето средби со деца и разговор со нив.

Татко го изнесува своето дете од автомобил пред митинг за поддршка на можниот кандидат за претседател на САД, Рон Пол. Фото: Tyler Merbler, 2012

Татко го изнесува своето дете од автомобил пред митинг за поддршка на можниот кандидат за претседател на САД, Рон Пол. Фото: Tyler Merbler, 2012

Децата имаат право да го кажат своето мислење и треба да се најдат соодветни начини тоа и да го направат. А, за да може нивното мислење да биде релевантно, тие мора да бидат од најмали нозе обучувани во смисла на развивање на нивното тнр. „критичко мислење“ (во некои поразвиени едукациски системи со ова се почнува буквално од градинка). Притоа, од нив не се бара некакво познавање на политичкиот систем и внатрешно-политичкото уредување. Впрочем, тоа не го бараме ниту од возрасните, односно од оние што гласаат.

Децата имаат право да бидат информирани за сите нешта кои се однесуваат на нив (а изборот на Претседател на државата и претставници во највисокото законодавно тело, дефинитивно се значајни за нив).

Децата имаат право да ги претстават своите потреби, да формулираат и да поставуваат барања до идните пратеници.

Децата имаат право да бараат во понудените изборни програми, визии и ветувања на политичките партии да најдат место и нивните специфични интереси. И не само родителите, туку целото општество е должно тоа да им го овозможи и тоа да биде дел од изборниот процес на едно навистина демократско општество.

Ова значи дека новинарите треба да се заинтересираат за тоа дали како дел од изборните активности се одржуваат содржајни и осмислени средби меѓу децата и партиските кандидати на кои децата имаат можност да ги искажат своите очекувања, своите желби и своите загрижи.

Новинарите треба да се заинтересираат дали има петиции, писмени или усмени барања упатени од страна на различни групи деца до одделни кандидати или политички субјекти.

Новинарите треба посебно да се заинтересираат за тоа дали во отчетот на владеачката структура има дел во кој се објаснува како е подобрена положбата на децата, како се остваруваат нивните права и на кој начин се обезбедува да се слушне нивното мислење.

И секако, новинарите треба да се заинтересираат дали во изборните програми на политичките партии има делови кои се однесуваат на децата, затоа што секој во државата е должен да води грижа за најдобриот интерес на децата, а тоа меѓу другото значи и дека “секое дете ќе биде почитувано и ќе биде чуено и секое дете ќе го има правото на учество во демократскиот процес“ (Европска Агенда за Децата, “Активни Граѓани – Избори на Децата”, Белфаст Еуронет Симпозиум 28/29 Мај 1998).

(крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести