verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дали Северна Кореа навистина егзекутираше пациент со ,,коронавирус”?

on 2 - 03 - 2020       
[Рецензија:Северна Кореа егзекутираше едно лице заразено од корона вирус, за да спречи понатамошно ширење ]
На македонските медиуми не им избега сензационалната вест за наводен случај на заболен од коронавирус во Северна Кореа, кој, наводно, бил застрелан од тамошните власти кога го прекршил правилото за карантин и заминал во јавен тоалет. Според краткото истражување во пребарувачот Гугл, првпат на македонскиот интернет простор ваквата вест е преведена на тринаесетти февруари, а прв медиум кој ја објавил, или меѓу првите е Мајмунче.мк.  Вистината е дека оваа информација за наводната егзекуција на пациентот, е непотврдена, неверодостојна и нема како да се провери.
Датум на објавување: 13 февруари 2020
Датум на рецензирање: 1 март 2020
Рецензент: Мирослава Бурнс

Веста која што ја рецензираме, не се повикува на ниеден извор. Тоа не е чудно, затоа што за оваа конкретна информација, дека е егзекутиран носител на „Ковид 19“ во Северна Кореа, нема ниту една потврда. Како тогаш, една таква информација, заврши како вирална и многу споделувана на социјалните мрежи и дојде до македонските медиуми?

Сѐ почнало, кога неидентификуван корисник на Твитер, кој се претставува како ,,Тајниот Пекинг” (Secret _Beijing), а кој себеси се опишува како општествен набљудувач и аналитичар за Кина и поширокиот регион – објавува дека е убиен првиот човек со коронавирус во Северна Кореа. Авторот на твитот, не кажува кој му е извор за информацијата околу наводната егзекуција, но ширењето на веста на глобален план покажува дека гладта за сензационализам за вести од земјата полна тајни Северна Кореа е голема.

Твитот на ,,Тајниот Пекинг” е споделен 960 пати откако е постиран. Неговата содржина гласи: ,,Најново, лицето кое е првиот потврден случај на коронавирус во Северна Кореа, е убиено, извештај “. Нема други детали, ниту пак прашањата на другите твитерџии за тоа кој е изворот на информацијата се одговорени.
Потоа твитот го видел IB Times од Сингапур, медиум за кој личи дека целата своја сторија ја базирал на единствениот твит. Потоа од ИБ Тајмс, информацијата завршо на блогот Zero Hedge и од таму со илјадници споделувања на социјалните мрежи до целиот свет па и во Македонија.
Во светските медиумски кругови, првпат сторијата се појавува на сингапурската верзија на вебсајтот Тајмс, со наслов: ,,Прв потврден случај на пациент со Ковид 19, кој е застрелан и убиен”
Во овој текст се вели дека лидерот на Северна Кореа Ким Јонг Ун ја одобрил егзекуцијата на првиот заболен во земјата со Ковид 19.
Но, британскиот национален сервис Би Би Си, во своето издание за мониторинг, прави една детална вивисекција на тоа како веста се раширила на глобално ниво и уверливо потенцира дека нејзината точност не може да се верифицира односно потврди.
Со оглед на тоа што ПјонгЈанг веројатно нема ниту да ја потврди, ниту да ја демантира информаицијата, приказната најверојатно ќе се шири како вирус по сите медиуми гладни за информации од Северна Кореа, пишува Би Би Си.
Како што додава британскиот јавен сервис, барањето за вести од Северна Кореа, значи дека и вести кои се добиени од извори кои се недоволно поткрепени, често се земаат здраво за готово. Тие никогаш не стигнуваат до степенот да бидат демантирани или потврдени, туку само се шират како оган. Доведувајќи ја во прашање кредибилноста и начинот на пласирањето на новинарски производи во Северна Кореа, Би Би Си наведува дека особено во севернокорејските таблоиди, анонимни приказни и трачеви се доволни за да се формираат вирални наслови. Во минатото, приказните дека Ким Јонг Ил наводно е зависен од сирење, или дека егзекутирал некого со графички описи, добија глобална експанзија и покрај тоа што имаше или многу малку или воопшто поткрепувачки извори за нив.
Како што додава Би Би Си, поради комплетната државна контрола врз информациите и вестите во Северна Кореа, вистинската и целосна слика околу коронавирусот таму веројатно никогаш нема да биде доловена. Официјалната верзија на државните власти е дека таму нема заболени од Ковид 19. Во овој контекст, државните медиуми кои инаку се  опираат на тоа да пренесуваат интернационални вести во случајот со коронавирусот, посветуваат огромен простор за да прикажат како вирусот се шири на глобално ниво, а во многу краток медиумски простор информираат за состојбата во нивните граници.

Затоа, сите тврдења од Северна Кореа за Ковид 19 не можат да се верифицираат односно потврдат, а надворешните извори можат само да шпекулираат за вистинската слика во границите на земјата. Самото ова е доволно за заклучокот, дека сите вести кои доаѓаат од Северна Кореа треба да се доживуваат со резерва, вклучително и непотврдената – дека земјата го егзекутирала првиот заболен од Ковид 19.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести