verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Цинизам и замена на тези место објективно информирање

on 24 - 10 - 2015       

skrinsot-janeva-crop-resize

 

[Јанева во координација со СДСМ повторно контрадикторна: Пред два дена рече дека ќе работи со половина тим, сега се премисли]

 

Текстот што го рецензираме почнува со толку лажно, тенденциозно и цинички интонирано тврдење во насловот, што не остава голема надеж дека и остатокот од содржината ќе донесе некое придвижување во насока на објективното и вистинито информирање. Како што ќе покаже исчитувањето на целиот текст, јасно е дека со него требало да се постигнат две цели – да се дезинформира јавноста дека специјалниот јавен обвинител Катица Јанева не е објективен и непристрасен професионалец, бидејќи едно ветува, а друго прави, и, второ, да ја дискредитира неа лично, обвинувајќи ја дека работи во содејство со опозицијата.

Рецензија: Цинизам и замена на тези место објективно информирањеЛинк до оригиналниот напис: Јанева во координација со СДСМ повторно контрадикторна: Пред два дена рече дека ќе работи со половина тим, сега се премисли

Датум и време на објавување: 16.10.2015, 16:47

Датум на рецензирање: 20.10.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Во текстот се користат вистинити изјави дадени од специјалната обвинителка Јанева, но проблемот со овој текст лежи во тоа како тие изјави се интерпретираат и како се коментираат.

„Ќе продолжам и натаму да работам и со половина тим“

е навистина изјава која обвинителката Јанева ја даде за медиумите по проблематичната одлука на Советот на јавни обвинители да не ѝ го изгласа целиот тим што го предложила, иако е тоа само прашање на формалност, според Законот за специјален јавен обвинител. Но, заклучокот дека:

„Јанева со ваквите постапки се однесува како орган на СДСМ. Таа по само два дена си ја порекна изјавата дека ќе продолжи да работи и со половина тим, со што се отвора прашањето кој и направил притисок и со кого се координирала, бидејќи станува очигледно таа е алатка на опозицијата, која има цел да избега од избори“,

не може да се смета за објективно и непристрасно коментирање кога се знае дека Советот имал законска обврска да ги изгласа сите 14 помошници на Јанева, а не го сторил тоа. Јанева со својата изјава упати јасна порака која јавноста убаво ја разбра – дека наспроти опструкциите, таа ќе го работи она на што се нафатила.

Проблематизирањето на однесувањето на Јанева во овој случај и обвинувањето за политичка инструираност или обоеност на Јанева поради нејзината реакција на ова очигледно незаконско опструирање наместо критика за постапката на Советот е чиста замена на тези. Кога ќе се прочита последната реченица на текстот, сите сомнежи во вистинските мотиви од кои бил инспириран овој текст, се разјаснуваат:

„Однесувајќи се како член на претседателството на СДСМ, се поставува и прашањето дали таа одработува за целта на СДСМ да се одложат изборите и опозициската партија да избега од соочување со волјата на народот.“

Тврдењето дека обвинителката Јанева се однесувала „како член на Претседателството на СДСМ“ само затоа што барала почитување на законот, е, во најмала рака, невкусно и непрофесионално.

Пристрасноста во текстов е нескриена и е директно насочена против специјалната јавна обвинителка Јанева, која е обвинета дека соработува со опозицијата само затоа што бара да се почитува законот за специјален јавен обвинител, донесен неодамна во Собранието на РМ. Цинично прозвучува божем непристрасното потсетување на Јанева дека само неколку дена порано дала изјава дека ќе работи и со половина тим (кога Советот на обвинители не изгласа половина од нејзиниот тим) иако и на лаик му е јасно, следејќи ги настаните и изјавите на засегнатите страни во врска со овие случувања, дека Јанева таа изјава ја дала за да појасни дека нема да дозволи ова непочитување на закон да ја спречи да го работи она што се нафатила да го работи, а во никој случај тоа не значело дека таа прифаќа незаконито преполовување на нејзиниот тим. Јасно е дека Јанева не го променила ставот, односно дека прво сакала да работи само со половина тим, а сега „нејзиниот став се промени на иста линија со оној на СДСМ“, па решила да не работи, туку дека манифестира решителност, и покрај опструкциите кои ѝ се прават, да се нафати за работата за која е избрана.

Не може да се утврди кој е авторот на текстов и од каде тој потекнува, но евидентно е дека тој користи делови, па и цели реченици од текстови од други медиуми. Еве еден пример:

„Она што зачудува е тоа дека Јанева како долгогодишен обвинител наместо да говори со аргументи и да посочува членови од законските правила, таа реши како и Оливер Спасовски од СДСМ да прогласи дека договорот од Пржино не се почитувал, што е политички договор, без да се задржи во кои сегменти не е испочитуван законот за специјалното обвинителство.“

Овој став, коментар, е објавен во текстот под наслов „Катица очекувала да почне да владее правото – па зар не го спроведувала до вчера?“ на порталот „Максим“. Тој го објави два дена пред текстов што го рецензираме и во него постои истата доза на малициозно коментирање на сметка на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева. Со оглед дека целата реченица е од збор до збор препишана и стои во текстот што го рецензираме, во најмала рака зачудува непрофесионализмот на авторот, кој плагира дел од туѓ текст. Втората опција би била дека се работи за намерно координирање во нападите и на обидите за дискредитирање на Јанева.

Насловот е сè што еден добар наслов на вистински новинарски текст не смее да биде: прво – невистинито, навредливо, шпекулативно тврдење, второ – во насловов е целосно раскажан текстот кој со него е насловен, па читателот не мора ни да се труди да го чита, сè му е јасно однапред, а згора на сето ова уште и непотребно долг, експликативен, здодевен, неатрактивен.

Текстов има навредлив говор, насочен кон дискредитација на специјалниот јавен обвинител, Катица Јанева, која е директно обвинета за незаконито и за непрофесионално однесување, односно блискост со една политичка партија, поточно опозицискиот СДСМ и тоа уште пред и да почне со работа за која е избрана. Иако е употребена формулацијата:

„Сето ова јасно покажува дека при секој чекор Јанева се кординира со СДСМ за потегот кој ќе го повлече“,

ништо во текстот не докажува или елаборира како тоа Јанева се координира со Социјалдемократскиот сојуз. Тоа што специјалната обвинителка Јанева побарала од своите соработници да не ја положат свечената заклетва, бидејќи Советот на обвинители не го почитувал законот за специјален обвинител и не ги избрал сите предложени членови на нејзиниот тим, што му е обврска според законот, и што опозицискиот СДСМ укажа на овој факт, барајќи законот да се почитува, во никој случај не може да се смета за некаква политичка координација на постапки, туку, попрво, како реакција со која и двете страни бараат законот да се почитува и да важи за сите еднакво. Овој едноставен и очевиден факт е, очигледно намерно, занемарен при пишувањето на овој текст.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

се повикува на изјава дадена за други медиуми, не наведува во кои

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

не наведува кои извори се користени

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести