verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Чуварот на замокот и кафезот во дијаспората

on 13 - 02 - 2015       
MRTsat001-crop-001
МРТ сат – Првиот сателитски канал го презема ТВ-дневникот на МРТВ. Неинформирани и изманипулирани странски претставници ја шират владината пропаганда и во земјата и меѓу нашите иселеници во странство. Фото: видеоклип скриншот

 

Власта со големо внимание ги држи уздите на информирањето кон нашите сонародници во странство. Ги контролира вестите кон дијаспората и од неа кон нас и тоа помоќно од времето кога за тоа беше доволна една радиоемисија во траење од 15 минути дневно

 

Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

 

На 9 февруари се јавиле многу бројни реакции на граѓани на Република Македонија кои живеат во дијаспората за тоа дека им бил исклучен сигналот за следење на телевизиските програми во Македонија. Според порталот „Доказ“, тие на своите приемници единствено добивале сигнал од емисијата на Јанко Илковски „Јади бурек“. Од неа, поради многубројните гневни јавувања на граѓани тој ден, оние кои се информираат на овој начин, секако можеле да разберат дека нешто се случува во земјава, дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев, имал прес-конференција, дека било јавено за некакво масовно прислушување на јавноста, ама тоа ниту од далеку не било јасно, ниту информатички систематизирано, поради карактерот на емисијата.

Ова ја отвора битната тема како ги информираме нашите сонародници и, обратно, колку се сеопфатни вистинити, неканализирани информациите оттаму?

 

НИТУ МАЛКУ НАИВНО

Она што се случило со сигналот не е ниту малку наивно бидејќи поддршката на премиеровата теза за „обидот за пуч“ на опозицијата доаѓаше деновиве интензивно и од некои македонски здруженија надвор од земјава, од САД, Канада, Германија, Австралија итн. И тие беа пласирани во одделни медиуми, со што требаше да се добие впечаток на „општонароден отпор кон загрозената држава“. Но, сега, со овој чекор, се спречува нивната „индоктринација“ со она што по ова прашање го вели опозицијата. Класично еднонасочно информирање – се испраќа некаква сторија (за пуч, загрозеност на државата, на нацијата и слично), се заразуваат со една „вистина“ тие читатели, слушатели, гледачи, а кога доаѓа време да ја чујат другата страна и, можеби, некои од тие здруженија или членовите да видат дека работите не се такви како што им се пренесуваат, „се става рампа“.

Оваа епизода како за миг да нè враќа во времето кога контактот со иселениците, главно, се остваруваше преку познатата радиоемисија, легендарната „Гласот на татковината“. Истата, иако краткотрајна, бидејќи, барем во почетокот одеше со должина од 15 минути, содржеше колаж на прилози од политиката, економијата, културата, ама и беше простор каде со свои прилози гостуваа и сонародници „од другата страна на Барата“. Мора да се рече дека таа емисија и кај нас, меѓу домашните слушатели на тогашно „Радио Скопје“, заслужуваше респект – беше мозаична, со куси и јасни инфромации и особено „живописна“ во презентирањето на животот на иселениците во Америка или во Австралија, но и во Западна Европа.

Првата емисија на „Гласот на татковината“ е реализирана на 29 ноември 1970 година. Првичната замисла за две и полчасовна емисија, двапати неделно, набргу е трансформирана со секојдневна емисија од 15 минути. Првите емисии биле работени со сценарио и со режија, велат оние со добра меморија, ама кои биле и нејзини реализатори. Од 1993 година оваа емисија почнува да се реализира со водителство во живо. Освен контактот со дијаспората, се емитуваа и емисии на српски, бугарски, албански и на грчки јазик за нашите сонародници што живеат во соседството.

Емисијата во изминатите 44 години имаше многубројни трансформации: едно време стана „Радио Билјана“, потоа „Радио Македонија“. Во 2010 година, нејзин главен уредник стана еден од родоначалниците на антиквизацијата – Вангел Божиновски. Тоа, секако, говори за содржините на оваа радиоемисија.

ВРАЌАЊЕ КОН МОНОПАРТИЗМОТ

Кога сме кај „Гласот на татковината“ или како, веќе, емисијата сега се вика, треба да се каже дека таа е создадена во време на социјализмот и на еднопартискиот систем. Во време на плурализмот, таа би требало да се промени темелно, да се деполитизира, колку што е тоа можно и да го одразува новиот амбиент. Ова стана особено важно во време кога дијаспората доби активно гласачко право и кога сите партии можеа да се надеваат на некој глас оттаму.

Од тој миг почна да се шири кругот на незадоволни политички субјекти од тоа како стигнуваат вестите од татковината во странство, меѓу иселениците со наш пасош. „Дијаспората сè уште нема елементарни информации за текот на изборниот процес во Европа, Америка и во Австралија“. Овој став и предупредување стигна од Висар Рамадани, во пресрет на едни од нашите избори (види овде) и тоа само ја илустрираше ситуацијата кога еден дел од популацијата не можеше да биде ниту предмет на информирање на партиите, ниту нивните ставови допираат таму далеку, меѓу потенцијалните гласачи. Рамадани во таа реакција, која сосема случајно ја избравме од многуте слични, тврди дека „ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ намерно спроведуваат тивок бојкот на информирањето на дијаспората“. Тој додава дека нема задоволувачки информации и во обратна насока – од злоупотребите при гласањето во странство и реакции на дел од гласачите кои сами сметале дека и зад границата има сомнеж за изборен фалсификат и, во таа насока, сакале да дадат примери за такви појави.

Секако, оваа забелешка не е за една радиоемисија, иако создадовме милје како таа релација да зависи само од еден радиоуредник! Забелешката се однесува на целокупниот капацитет, кој, во меѓувреме, мора да се признае, не е наивен, а кој го изгради или го презеде актуелната власт во 2006 година. Доволно е да се погледне веб-страницата на Матицата за иселеници (види овде), која и по правило е задолжена да го гради и тој информациски мост кон иселениците надвор. Не само што истиот е еднонацонален, туку тој е и – мора да се рече: монопартиски! До вечерта на 11 февруари, на пример, немаше ниту траги за прес-конференцијата на Заев! Каква коинциденција со прекинот на ТВ-сигналот кон странство… Иако содржините од културата, на пример, редовно се одржуваат, има доволно вести за нови книги и слични содржини, особено од поблиската историја, факт е дека е присутна голема селективност од областа на политичкиот и на економскиот живот во земјава. Впрочем, на веб-страницата за кој говориме сѐ уште најпосетена содржина е „Историскиот говор на Груевски“ од 2012 година (!). А чиј друг „историски говор“ бил пуштен или имал право на граѓанство?

СЀ Е ВО РАЦЕТЕ НА МНР

Информирањето кон странство официјално е водено од Министерството за надворешни работи и неговите цели може да се видат во Програмата за активностите на Агенцијата за иселеништво за 2015 година, која постои во неговите рамки. Министерството за надворешни работи отвори и свој веб-портал, со кој ќе овозможи електронска регистрација на сите Македонци во светот. Целта на порталот е – како што се вели – непречена комуникација на државата со Македонците во светот и нивно информирање за општествениот, културниот, политичкиот и за економскиот живот во Република Македонија.

Би се рекло, тука не престанува просторот за информирање на нашите надвор од границите. Да, постојат многубројни медиуми кои функционираат на тој широк простор. Но, индикативно е дека одново МНР е тоа кое финансиски ги помага. Последната вест гласеше дека по 150 од нив годишно конкурираат за финансиска потпора во Министерството. Една таква вест може да се види тука.

Некои проекти се релативно самостојни, како радиото „3ZZZ“ од Мелбурн на Ицо Најдовски Перин и кое функционира 24 часа, официјално има респектибилни 400.000 слушатели и се смета за медиум на сите помали етникуми на седмиот континент. Тука е и австралиско-македонскиот неделник „Тудеј“ (Today), кој во декември минатата година го прослави 1.500. број, а обата споменати медиуми донесуваат и поинакви содржини освен провладините на седмиот континент, иако не може да се очекува дека, генерално, и обата медиуми сосема може да избегаат од атмосферата што ја натураат некои од иселеничките организации, кои се во силен дослух токму со актуелната власт.

Сигурно дека во модерните услови е многу тешко сосема да се контролира тој протек на информации кон и од странство и покрај видливиот ентузијазам на актуелната номенклатура. Конечно, таа контрола е повеќе во функција да се формира домашното јавно мислење (илустративен е прилогот кој може да се види тука). Надвор се иселија – и официјално, според светските статистики – околу 300.000 лица од земјава, главно високообразовани, со „талент“ да ги користат сите средства за комуникација. И самите имаат начин да нè информираат и да пласираат своето мислење и ставови, особено преку социјалните мрежи кои стануваат сè позначаен сегмент на поврзување на луѓето, без просторни и идеолошки ограничувања.

Да не говориме и за регионалните медиуми – во понеделникот, на 9 февруари, најударен простор на прес-конференцијата на Заев целиот ден (одеше како прва вест, проширена со прилози) беше оној на „Ал Џазира Балкан“!

Хрватската дијаспора, исто така, се информирала по своите медиуми и има релативно задоволувачки фундус на вести за последните настани кај нас (како што може да се проследи тука), што покажува дека сите напори на „чуварот на замокот“ во однос на одливот и на приливот на информации од дијаспората не се секогаш успешни и дека тие почнуваат да се распукуваат. Конечно, живееме во време кога вестите не се гулаби кои можете да ги чувате во својот кафез.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести