verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Читање на бројките

on 24 - 07 - 2013       

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Може ли да се смета за успех на единицата Алфи големиот број на легитимирани лица или овој податок се објавува само како манипулација за да се покаже дека нешто се работи.Читање на бројките

Фотографија: Jesse Poole

Модерниот свет не може да биде замислен без статистиката, без презентирање во цифри на субјекти, објекти, ситуации и активности, што овозможува идентификување на проблемите и претставува основа за одредување на приоритетите и развој на соодветни  алатки за борба со воочените проблеми и евалуација на резултатите, односно за употребата на статистички податоци во функција на заедницата.

Политиките на сериозните држави се базираат врз статистиките. Контролата над власта во демократските општества се базира врз статистиките. Напредокот или назадувањето можат да се измерат и најлесно да се прикажат низ бројки и со употреба на статистичкиот метод.

Меѓутоа, самото презентирање на бројки не е статистика. Бројките сами по себе немаат никакво значење. Тие треба да бидат анализирани, треба да бидат објаснети, да бидат ставени во контекст на конкретна содржина, врз основа на нив треба да бидат поставени соодветни прашања и да бидат интерпретирани за да станат статистика со употреблива вредност. Во спротивно, она што може да стане солидна и корисна информација се претвора во голема дезинформација, па дури и класичен пример за пропагандно „перење мозок“.

Исто како и читањето на законите, читањето и анализирањето на бројките (посебно оние презентирани од страна на државата), може да биде моќно орудие, па дури и оружје во рацете на медиумите. Она што во никој случај не смее да се направи е просто да се пренесе презентацијата на  одредени бројки без објаснување, анализа и прашања. Бројките можат да имаат различни значења и да водат кон многу различни заклучоци. Само ако се прочитаат на соодветен начин.

Како пример може да се посочат написите под наслов: „Во јуни Алфите привеле 365 лица“, кои се појавија во речиси сите медиуми во Република Македонија. Во сите овие медиуми е пренесена информацијата што ја има објавено МВР на својата интернет страница. Во оваа информација се дадени податоци во бројки за работењето на единицата за борба против криминалот – Алфи.

Навидум тоа е соодветна и доволна информација која дава објективен приказ во бројки за работењето на еден сегмент од Министерството за внатрешни работи (МВР).  Меѓутоа, бројките се очигледно дадени со цел кај јавноста да се создаде впечаток за голем ангажман на оваа единица, да се создаде впечаток за транспарентност во работењето на МВР и кај граѓаните да се поттикне чувството на безбедност.

Прикажаните бројки не само што се конфузно прикажани (се повторуваат и мешаат различни категории и очигледно нема воедначен критериум за нивно подредување), туку и сами по себе не се ниту доволни, ниту, пак, имаат некакво значење во формата во која се дадени. „Голото“ пренесување на вака дадените бројки преку медиумите, без нивна натамошна анализа и интерпретација, само создава основа за конфузија и неточна претстава кај граѓаните, или поточно, создава сосема спротивен впечаток од оној кој би се добил со прикажувањето на соодветна статистика.

За да има било какво значење за јавноста приказот во бројки даден на официјалната страна на МВР, тој треба да биде анализиран од страна на медиумите и врз основа на понудените бројки новинарите треба да побараат и да добијат одговори на повеќе прашања – пред воопшто да го објават тој податок или тие податоци. На пример:

  1. Зошто на официјалната интернет страна на МВР се појавува статистика за делувањето на оваа единица, а не на полицијата/полициските станици воопшто, односно на униформираните полицајци? Ова е посебно интересно, но и крајно индикативно, во контекстот на податокот дека единицата за борба против криминалот/алфи/мобилна единица за борба против уличен криминал и покрај тоа што се спомнува, односно во неколку збора „опишува“ на официјалната интернет страна на МВР, не е децидно предвидена со Законот за полиција (таа е формирана со специјално Решение бр. 17.1-235/1 на Министерот за внатрешни работи во 2005 год.), ниту пак може да се добијат податоци за нејзината структура, за мандатот/надлежноста, за бројот на луѓе ангажирани во неа, или, пак, за командната поставеност и одговорноста во целокупниот систем на МВР.
  2. Што значат дадените податоци ако се стават во контекст на внатрешно (со специјално решение) дефинираната надлежност на оваа единица: “наменета за извршување на голем број сложени оперативно-тактички дејствија и задачи“ (присилно запирање патнички моторни возила со кои бегаат опасни лица; присилно запирање автобус; воспоставување на нарушен ЈРМ [јавен ред и мир] во поголем и помал обем; апсење сторители на кривични дела на лице место, односно непосредно по извршено убиство, разбојништво, кражба, дрска кражба, насилство, физички напад; апсење опасни лица кои извршиле киднапирање, уцена, рекет; апсење опасни лица кои се вооружени во затворен простор; решавање заложнички ситуации; спровод на опасни лица.Ако се има предвид ова, што бараат во понудените бројки: приведени лица заради неносење ознаки за обезбедување, мотоцикли без документи, сообраќајни прекршоци, малолетни лица кои консумираат алкохол, приведување странски државјани со нерегулиран престој?
  3. Што значат дадените податоци доколку се стават во временски контекст. Дали има зголемување на активностите на мобилната единица или пак има намалување? Дали можат да се забележат некои трендови на годишен или повеќегодишен план и што значат тие од аспект на безбедноста на граѓаните? Дали постојат области на кои треба да се сврти посебно внимание?
  4. Што значат дадените податоци од аспект на нивната легалност/правна издржаност. Врз основа на што мобилната единица за борба против уличен криминал се занимава со приведување на лица: „по основ на телеграма, спроведување пред суд, издржување на казна затвор“? Имено, воопшто нема податоци за тоа дали и во колку случаи ваквото приведување било потребно, а посебно зошто требало тоа да го направат „Алфите“, односно зошто тоа не можеле да го направат редовните, законски утврдените единици на полицијата. Без такви податоци единствено издржан заклучок е дека редовната, законската полиција, не е способна да ги реализира своите задачи, или, пак, не е во состојба да приреди вакви спектакуларни приведувања!
  5. Дадената слика во бројки бара објаснување од аспект на концептот за човекови права. Имено, вака дадени податоците не нудат никаква претстава за тоа дали со своето делување и прикажаните активности мобилната единица работела во рамките на законот или пак надвор од неговите рамки. На пример, според прегледот даден за месец февруари, оваа единица легитимирала 444 луѓе, додека во март 2013 година легитимирале дури 929 луѓе. Може да се постави прашањето дали успехот на оваа единица се мери според бројот на легитимирани луѓе (колку поголем број легитимирани – толку поуспешна е мобилната единица!?!), или, пак, може да го поставиме прашањето на  постапувањето на припадниците на оваа единица согласно со законот (чл. 61 од Законот за полиција според кој легитимирање се врши:

    “…кога тоа е неопходно заради пронаоѓање на предмети погодни за напад или самоповредување или кога постојат основи на сомневање дека кај нив ќе се пронајдат траги на кривично дело или предмети што можат да послужат како доказ“).

    Доколку го следиме словото на законот тогаш при анализата на овие податоци мора да се постави прашањето: во колку од случаите на легитимирање се откриени: предмети погодни за напад или самоповредување, траги на кривично дело или предмети што можат да послужат како доказ. Доколку во овие легитимирања не се пронајдени вакви предмети – тогаш може повеќе од легитимно и оправдано е да се постави прашањето за самоволие во постапувањето на припадниците на оваа единица, и бројчаниот приказ да добие многу негативна конотација.

    Во овој контекст е и изнесениот податок дека се приведени дури 35 луѓе заради поседување на “НН тревкаста материја“.  Без соодветна анализа за тоа во колкав број од случаите оваа НН тревкаста материја (читај: непознато растение) се покажала како психотропна супстанција, податокот дека се приведени толку луѓе или е бесмислен, или е индикатор за изговор на припадниците на мобилната единица за противправен претрес или приведување, значи без постоење реални основи за сомневање за противзаконитост.

  6. Сепак, најважниот податок или поточно број, а што не е со понудените бројки е за тоа колку од приведувањата направени од страна на мобилната единица – Алфи, завршиле со поведување судска постапка.

 

(продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести