verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Чаусидис: Новинарите не треба да бидат алатки за останување или симнување од власт на одредена партија

on 21 - 12 - 2015       
Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ. Фото: лична колекција
Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ. Фото: лична колекција

 

Не можете да имате квалитетни новинари за 4.000 денари плата. Од професијата бегаат младите, талентирани луѓе, а таа се „ослободува“ од искусните, образованите затоа што тие се, нели, „скапи“. На крајот на денот, останувате со лош кадар или со кадар кој е комплетно деморализиран, умртвен и се води од максимата „купи ден продади“, вели претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис. Во интервју за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ), таа говори за колективниот нацрт-договор за медиумската индустрија и за потребата од дефинирање на минималната плата во медиумската сфера.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Периодов актуелни се преговорите меѓу партиите за уредувањето на медиумската сфера. Тие упорно не сакаат да ги вклучат медиумските организации во овој процес. Кој е Вашиот став за тоа?

Чаусидис: Ставот е идентичен со тој што јавно го искажавме заедно со ЗНМ и со МИМ. Ние сметаме дека процесот се води нетранспарентно и зад затворени врати. Впрочем, погледнете го односот на политичарите кон медиумите во текот на преговорите. Ги оставаат со часови да мрзнат на студено, се плашат да бидат во ист објект со нив. Тоа многу посликовито и директно ги отсликува и намерите и третманот на политиката кон медиумите од што било друго. Нема потреба од високоумни елаборации и од аргументирања.

 

Која е причината, според Вас, што политичарите не сакаат да седнат на иста маса со медиумските работници и со претставници на медиумските здруженија?

Чаусидис: Причината е сосема јасна. Политиката ги доживува медиумите, новинарите и работниците, но и сопствениците како свои алатки, како слуги што постојат да ги пренесат нивните агенди, да ја одработуваат нивната кауза. Затоа едните се „пријателски“, а другите „непријателски“. Во целата таа поделба, јавноста и граѓаните се сведени на консументи, на кои треба да им се продаде одредена приказна. Тоа е класична пропаганда и нема врска со новинарството. ССНМ и ЗНМ, пак, се еснафски организации што се борат за правото на професијата да биде коректор на власта, да биде толкувач и критичар на општествените процеси. И тука нема компромис. Политичарите го знаат тоа, оттаму и желбата да бидеме игнорирани, тргнати на страна, ако веќе не можат да нè забранат, барем да создадат слика дека не постоиме.

 

Во јавноста почнаа да течат информации околу тоа за што се преговара. Повисоки казни за новинарите, законска регулатива за порталите. Имате ли Вие некоја информација што навистина им се крчка на новинарите?

Чаусидис: Немам, навистина. Предлозите на олеснувачот Ванхауте се во добра насока, ние ги поддржуваме, ама кога ќе ја видите онаа харанга која се крена токму против таквите предлози, интуицијата ви говори дека што и да се „крчка“, не е на добро. Видете, Македонија немаше закон за медиуми, не беше ниту клеветата декриминализирана, па состојбите од пред неколку години биле, од оваа перспектива, сепак, подобри отколку денес.

 

Порталите еднаш беа вметнати во Законот за медиуми, па изоставени. Дали сметате дека интернет-порталите треба законски да се регулираат и што тоа би изменило во оваа сфера?

Чаусидис: Не, порталите во ниту една демократска земја не се дел од медиумските закони. Колку што знам, можеби грешам, ама мислам дека токму за регулирање на порталите, партиите постигнале консезус. Без проблем ги вметнаа во изборниот законик, па сега Агенцијата за медиуми носи одлука да ги изземе од надгледување, затоа што тоа, де факто, е невозможно. Да нè прашаа политичарите навреме, и ние истото ќе им го кажевме.

 

Дали во Синдикатот сте оптимисти или песимисти дека политичарите можат да договорат нешто позитивно за новинарскиот еснаф?

Чаусидис: Вака како што сега решаваат – многу тешко. Ниту сакаат, ниту можат.

 

Што е тоа што треба итно и суштински да се промени во медиумската сфера?

Чаусидис: Тешко е вака кратко во една реченица, ама ќе се обидам. Она што е итно и суштински е да се смени овој доминантен дискурс на медиумите и на новинарите како алатки за останување или симнување од власт на одредена политичка гарнитура. Тоа не е работа на новинарите, нивна работа е да откриваат, критикуваат, контекстуализираат, да ги информираат гласачите за тие да можат самите да проценат која политичка гарнитура, која програма им е поблиска. Тоа не значи, морам сега да објаснам, оти доминанта е тенденцијата работите да се сфаќаат буквално и онака малку приглупо: дека тоа не значи оти новинарите и медиумите не треба да имаат своја уредувачка политика, јасен и јавен, ако сакате, систем на вредности што го споделуваат. Тие работи се подразбираат, но некако не сум сигурна и дека се разбираат. На пример: работа на новинарот е да открива злоупотреба на моќта, корупција, да го открие тоа што власта сака да остане скриено, да поставува прашања во име на тие што немаат привилегија да прашаат, да ги брани маргинализираните, немоќните, да биде гласот на тивкото мнозинство кое трпи неправда и при тоа да биде силен глас. Тоа им е работа, тоа не е нешто што не може да кажете, ама ние не сакаме тоа да го работиме. Во ред, ама тогаш не работите новинарство, туку пропаганда. Е сега, ако некоја власт е криминална, ако е забегана во моќ, корупција и новинарите на тоа укажат, тоа не значи дека се тие опозициски, туку дека се она што треба новинарите да бидат – критичари на власта.

Исто така, итна е потребата за промена и на дискурсот дека секој може да биде новинар, дека новинар се станува со тоа што ќе напишете текст или ќе се појавите на телевизија.

Новинарството е сериозна и одговорна професија, која секаде во светот е ценета, добро платена, но и изложена на критика на јавниот суд доколку не ги исполни високите стандарди на струката.

 

Доставивте свој предлог до владејачката партија, за кој побаравте да биде земен предвид за време на преговорите за медиумите. Станува збор за колективниот нацрт-договор за медиумската индустрија. Која е суштината на овој договор?

Чаусидис: Суштината се сведува на тоа дека само работник кој е задоволен, кој не стравува дека утре може да остане без егзистенција или да биде казнет и деградиран, може да произведува професионален и квалитетен производ. Колективниот договор се носи преку преговарање со работодавците и ги утврдува правилата на игра, условите за работа, правата и обврските, кои потоа и двете страни ги знаат и полесно функционираат.

 

Предлагате најмалата плата за новинарите да биде колку што е државниот просек – околу 20.000 денари. Зошто има потреба од дефинирање на минималната плата во медиумската сфера?

Чаусидис: Затоа што вишокот работна сила и малата побарувачка ја спушти и постојано ја спушта цената на трудот. Не можете да имате квалитетни новинари за 4.000 денари плата. Од професијата бегаат младите, талентирани луѓе, а таа се „ослободува“ од искусните, образованите затоа што тие се, нели, „скапи“. На крајот на денот, останувате со лош кадар или со кадар кој е комплетно деморализиран, умртвен и се води од максимата „купи ден продади“.

 

Какво решение предлагате за хонорарно ангажираните новинари кои тој статус го имаат со години?

Чаусидис: Предлагаме тој статус да не може да биде подолг од една година. Тоа е сосема пристојно време за да се види дали некој одговара на потребите на медиумот.

 

Што е со договорите за работа со кои автоматски новинарите потпишуваат изјава за отказ? Како да се реши овој проблем?

Чаусидис: Колку што мене ми е познато, тоа потпишување откази однапред е напуштена практика од проста причина што со изнесувањето на мојот случај пред Комитетот за правото на здружување на Меѓународната организација на трудот (ИЛО), кој, како што знаете, беше токму таков случај, Владата го смени Законот за работни односи и сега на отказот, работникот мора своерачно да го напише и датумот. Се разбира, однапред потпишан отказ не може да има датум, оти кога ве вработуваат, еве, да речеме, ќе се согласите да потпишете отказ, ама белким нема доброволно да се согласите и кога ве отпуштаат? Јас мислам дека таа практика е сега веќе надмината. Се надевам дека работниците знаат дека такво нешто, како спогодбени однапред потпишани откази, не постојат. Ако не знаат, нека ни се јават, ние нудиме бесплатен правен совет, не само за нашите членови.

 

Што би се изменило во новинарството кога ваквиот договор би се прифатил?

Чаусидис: Сè би се сменило, онака суштински. Уредниците би биле ослободени од притисокот на менаџментот, редакциите би биле повторно она што беа и порано – вистински школи за новинарство, бидејќи постарите новинари не би биле деградирани и туркани по ќошеви, туку нивното искуство и знаење би се употребило како драгоцен ресурс, би се почитувале авторските права, би се запрело насилното подмладување на редакциите со „нови деца“ подготвени да работат за сè помали и помали плати, а на почетниците би им се дале вистински добри услови за напредување и за кариера.

 

Мислите ли дека работодавците позитивно би реагирале на колективниот нацрт-договор? Што очекувате како одговор од нив?

Чаусидис: Видете, работодавците сега се во ситуација на феудалци на кои сè им се може, ама може и глава да им летне од кралот ако тој така реши. Очекувам дека на почеток реакциите ќе бидат лоши, полни со скепса, со ароганција, со потсмевање. Но, синдикатот е резултат на капитализмот, а ние, нели, живееме во капитализам. По природа на работите, ние на крај ќе дојдеме до колективен договор. Прашање е само колку ќе трае тој пат. Јас немам дилеми дека на крајот на денот на сите им е полза да имаат јасни и уредени правила на игра, а колективниот договор е токму тоа.

 

Членуваат ли новинарите во Синдикатот? Дали, можеби, се соочуваат со проблеми ако се синдикално организирани?

Чаусидис: Да, членуваат, не само новинари, но 90 проценти се новинари. Некои јавно, некои тајно, но членуваат. Се соочуваат со проблеми, затоа некаде уредниците и сопствениците не знаат дека внатре имаме членови, но ако ги отпуштат, ако ги подложат на мобинг, ќе дознаат. Се разбира, многу е подобро и полесно кога имаме цели редакции и кога можеме да имаме и каков-таков дијалог со менаџерите. Нашето искуство не се разликува од она на колегите во светот. Таму каде што работниците се организирани, заштитата е поголема и условите се подобри.

 

12398473_10153154974046583_2043373512_o-biofoto-doluТамара Чаусидис (Скопје, 18 октомври 1964) е новинарка, претседателка на ССНМ (Самостоен синдикат на новинари и на медумски работници) и активистка за работничките права на новинарите и за слобода на медиумите. Чаусидис студирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот по филозофија и е дипломиран антрополог.
 Кариерата ја почнува во Македонското национално радио во 1987 година и таму останува до 2001 година, работејќи во одделот за надворешна политика. Известува за преговорите помеѓу НАТО и српските сили за време на интервенцијата на НАТО во 1999 година. Коренспондент е во хрватското „Обитељско радио“ во првите месеци, додека трае воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Понатаму е уредничка на вестите кои ги покриваат главните политички настани на националното радио.
Помеѓу 2001 и 2005 година е кореспондент на македонскиот оддел на „Радио Слободна Европа“, но пишува и за српскиот, хрватскиот и за босанскиот оддел. Од 2005 до 2007 година работи како дел од БИРН (BIRN - Balkan Investigative Reporting Network), во делот на тренинг и на помагање на младите новинари. Од 2008 до 2011 година е уредничка на веб-страницата на „Алсат“ на македонски јазик. Од 2011 година наваму работи како самовработена на различни проекти, како кореспондентка на хрватскиот веб-портал „Форум“, БИРН, како претседателка на ССНМ и како активистка за работничките права на новинарите и за слободата на медиумите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести