Чаршиски муабет од дрвен адвокат?
Објавено во Рецензии
on 7 - 07 - 2016 Автор: Александар Пешев[Рецензија: Одземен чешкиот пасош на Сашо Мијалков…]
Сензационалниот наслов е соодветен на остатокот од текстот. Не се нотираат изворите на информациите и нема докази дека објавата е базирана на факти. Серијата коментари се насочени кон лична дискредитација, нема докази дека именуваната страна е побарана за реакција, поради што овој текст е едностран, со јасни елементи на политичка пристрасност.
Линк до оригиналниот напис: Одземен чешкиот пасош на Сашо Мијалков…
Датум и време на објавување: 06.07.2016
Датум на рецензирање: 06.07.2016
Рецензент: Александар Пешев
„ЛИЧНА КАРТА“ НА „ОПАСНИОТ“
Воведот почнува со коментари кои создаваат слика за ексдиректорот на ДБК како опасна личност.
„Малубројни се оние кои се осмелиле да отворат одредени скандали или афери поврзани со него. Речиси секој што се обидел тоа да го стори, завршил со добивање кривична пријава за навреда и за клевета, вклучително новинари и политичари“.
Воведот презентира наводно општо позната информација, но за вакво изразување во текст во најмала мерка потребна е атрибуција во форма на изјава. На читателот му останува нејасно кој ја прави ваквата констатација, по што се продолжува со уште една непотврдена информации во форма на чаршиски муабет: дека Мијалков често е на релација Скопје – Прага. Потоа следи клучното тврдење:
„Но, до пред неколку дена. На Мијалков му е одземен чешки пасош заради вмешаноста во криминал“.
БРОЈНИ НОВИНАРСКИ ПРОМАШУВАЊА
Покрај тоа што не е наведен изворот на информацијата, не се исполнети уште ред професионални стандарди:
- Нема докази дека е направен напор да се провери информацијата со надлежна институција, на пример, чешкото дипломатско претставништво или чешкото МНР;
- Нема информации дека е направен обид да се добие коментар од Сашо Мијалков;
- Недостигаат информации околу тоа дали Мијалков е чешки државјанин, кога му бил издаден пасош и на која основа;
- За каква вмешаност во криминал станува збор? Не се презентираат информации за кои конкретни наводни криминални дејства на поранешниот функционер наводно му бил одземен пасош, кој наводно го поседува.
Наместо одговор на овие прашања, се редат коментари:
„За многу кратко време Мијалков ќе патува во правец Скопје – Идризово, каде му е обезбеден де лукс престој од неколку години. Затоа сега мора да бидат казнети, така што ќе бидат збришани од политичката сцена“.
ОЗБОРУВАЊЕ, ЧАРШИСКИ МУАБЕТИ, ШПЕКУЛАЦИИ, ПАРТИСКО НАВИВАЊЕ?
Се создава впечаток дека авторот на текстот менува неколку улоги во текот на изразот: од озборувач кој пренесува чаршиски муабети, преку шпекулатор или сезнајко до судија и, на крај, – партиски навивач! Се прејудицира дека Мијалков ќе биде затворен, но како и во остатокот од текстот, нема атрибуција, извор на информација или докази и факти. Сето тоа подразбира повреда на неколку професионални начела: нема докази дека објавената информација е точна и проверена, нема почитување на презумцијата на невиност, односно се коментира за обвинувања без постоечка судска постапка, а виден е напорот за лична дискредитација. Притоа не се прави разлика меѓу мислењата, веста и коментарот.
Политичката пристрасност на објавата јасно се идентификува во коментарот дека „Во ноември, Македонија ќе добие нов Премиер“ и дека „Тоа нема да биде ниту еден од досегашните. Груевски заминува во историјата!“.
Крајот на објавата се обидува да извлече неиздржан, недокажан заклучок и во отсуство на факти повторно се коментира:
„Она што без тронка резерва може да се заклучи е дека Мијалков, а и неговиот брат, не сакаат да бидат експонирани во јавноста. Она по што се разликува Сашо Мијалков од брат му е леснотијата со која поднесува тужби за клевета и бара високи отштети“.
Имаме непрофесионална објава која, освен што е еднострана, се базира на непроверени информации, а во отсуство на факти прејудицира дека на поранешен функционер му следи затворска казна, а сето тоа за да се изведе политичко навивање.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови