verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Број на вработени во јавната администрација: Термините се важни!

on 1 - 10 - 2015       
Илустрација на поимот „власт“ од учебникот „Граѓанско образование за VIII одделение“.

Илустрација на поимот „власт“ од стр. 4 на учебникот „Граѓанско образование за VIII одделение“ (2010), објавен од МОН на РМ.

 

Кога медиумите ги претставуваат бројките, останува нејасно дали се тоа луѓе кои работат во администрацијата или луѓе кои добиваат плата од буџетот на државата.

Пишува: Проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Не случајно темата ги преплави медиумите. Станува збор за трошење на парите на граѓаните, за можноста за злоупотреби, за задоволување потреби и интереси на граѓаните, за континуирано прикривање податоци од државата и за постојана конфузија која власта ја создава во однос на актуелните бројки.

Во медиумите се дадени интересни податоци. На пример,

„Сè до целосното воспоставување на Регистарот и подготовката на првиот Годишен извештај утврден со новиот закон, Министерството користи податоци добиени преку вкрстување на базите на повеќе релевантни институции.“  

Овој податок е извлечен од соопштението на Министерството за информатичко општетсво и администрација, пренесено во неколку медиуми (еМагазин, Радио Слободна Европа).

Во други медиуми, интересот е свртен кон буџетот на државата од каде што се презентирани податоци за средствата што се издвојуваат за плати (Таратур).

Во неколку медиуми се направени компаративни прикази на издвојувањата за администрација со издвојувањата во регионот и во Европа (Капитал, Фокус).

„Македонскиот центар за европско образование објаснува дека според мадридскиот критериум, ако сакаме да бидеме дел од Европската унија ќе мора да имаме мала и ефикасна јавна администрација, а не ваква како сегашната.

Во дел од медиумите се искажани ставови, перцепции и изведени се заклучоци за тоа што значи зголемувањето на администрацијата. На пример, во „Фактор“, под насловот „ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА: Партиска пирамида на моќта!“, се дадени мислења на експерти според кои:

„Дефинитивно е јасна политиката на власта со даноци од сите да ги вдоми своите членови и да обезбеди стабилно гласачко тело. На тој начин опозицијата го финансира индиректно вработувањето на членовите на партијата на власт и ја зголемува политичката моќ на противниците. Бројот административци се множи со два кога се пресметуваат бројот на гласови. Сепак, тоа што го прави е трајно погубно и за македонската економија. Секоја власт за да има шанса на изборите мора да вети дека нема да ги отпушти, а потребно е плус да се вработуваат оние кои се потребни да работат и плус да се подобрува кадровската структура.“

Целиот овој интерес за администрацијата и за буџетските трошења, поставувањето прашања за бројки, изведувањето причинско-последична поврзаност со изборите и свртувањето на вниманието на квалитетот и на ефикасноста на администрацијата, е многу позитивна појава и претставува облик на контрола на власта.

Меѓутоа, се стекнува впечаток дека интересот за оваа тема има многу краток век, што е можеби уште поважно, медиумите како да се задоволуваат со површинско загребување и не се впуштаат во посериозна анализа на проблемот. Ваквиот пристап не само што не им овозможува на граѓаните да добијат целосна и соодветна информација, туку придонесува за зголемување на конфузијата што ја создава власта.

Прв чекор во која било анализа и изведување заклучоци треба да биде расчистување на поимите.

Имено, кога медиумите ги претставуваат бројките за кои станува збор, останува нејасно дали се тоа луѓе кои работат во администрацијата или луѓе кои добиваат плата од буџетот на државата. Мешањето на овие поими води кон изведување сосема погрешни заклучоци и го оневозможува поставувањето на вистинските прашања. Според Законот за административни службеници (донесен во 2014 година), административни службеници се оние кои вршат административни работи:

„Административни работи се стручно-административни, нормативно-правни, извршни, статистички, административно-надзорни, плански, информатички, кадровски, материјални, финансиски, сметководствени, информативни и други работи од административна природа.“

Прво прашање што би требало да го постават новинарите е: дали бројката од 128.253 лица за која зборува Министерството за информатичко општество и администрација, се однесува само на луѓето што вршат административни работи или, пак, се однесува на сите оние кои добиваат плата од буџетот на државата.

Доколку станува збор за сите луѓе што добиваат плата од државата, тогаш треба да се побара Законот за вработените во јавниот сектор (донесен на истиот датум како и Законот за административните службеници).

Според членот 14 од овој закон, како вработени во јавниот сектор (значи луѓе кои добиваат плата од буџетот на Република Македонија) се сметаат:

„групa I – работни места на административни службеници, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради вршење на работи од административна природа,

 

групa II – работни места на службени лица со посебни овластувања, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето заради извршување на посебни овластувања,

 

група III – работни места на даватели на јавни услуги, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради вршење на работи поврзани со дејностите од јавен интерес согласно со закон, кои не се од административна природа и

 

група IV – работни места на помошно-технички лица, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради одржување, обезбедување, вршење на превоз, како и други помошни и технички работи со кои се обезбедува непречено функционирање на институциите.“

Секоја од овие групи понатаму се дели на подгрупи.

Не е сеедно дали зборуваме за првата група или за третата група, на пример. Бројот на вработени во третата група е поголем во државите кои се дефинираат како демократско-социјални и во кои државата е подготвена да пружи поголем број услуги на своите граѓани. Овие бројки се помали во државите кои тежнеат кон либерализам во кои приватниот сектор е тој кој ги пружа услугите и за тоа им наплаќа многу повеќе на граѓаните. На пример, не е сеедно дали има повеќе или помалку учители во јавните училишта, дали има помалку или повеќе доктори во државните болници, дали има поголем или помал број социјални работници…

На пример, ставот „Многу административци, малку квалитетни услуги“ и податокот „Сè уште нема регистер на вработени во јавниот сектор“ може да се сметаат за две сосема различни работи, кои се однесуваат на различни закони или, пак, да се однесуваат на исто прашање. Имено, непостоењето на регистер оневозможува диференцирано прикажување на вработените во јавниот сектор и граѓаните немаат податок за тоа колку луѓе работат како административни службеници, колку како овластени службеници, колку како даватели на услуги, а колку како помошно технички кадар.

Многу правилно е поставен насловот „ПРАШАЊЕ ОД МИЛИОН ДОЛАРИ

„Колкав е бројот на администрацијата, поточно на сите оние што земаат плата од државниот буџет, како и во јавните претпријатија, и понатаму останува прашање од милион долари.“

Меѓутоа, во ова светло станува проблематичен насловот „Административен камен околу вратот на Македонија

„Благодарение на длабоките административни реформи што ги направи Маргарет Тачер во деведесеттите години од минатиот век, економијата на Англија процвета и го достигна нивото што го имаа економиите на Франција и на Германија.“

Имено, активностите кои ги има спроведено Маргарет Тачер се, всушност, активности насочени против сиромашните, а во прилог на богатите. Спроведувањето на ваков вид активности во држава во која повеќе од 30 проценти од населението живее под прагот на сиромаштијата, може да има само негативни последици за поголем дел од луѓето (послаба здравствена заштита, помалку образование, помалку социјална помош и услуги).

Во овој контекст, треба да се преиспитаат и изјавите на дел од политичарите и на експертите. Само како пример:

„Јас ќе ви кажам само една бројка, а еве вие пресудете сами колкави бројки се вртат во јавноста за нашата државна администрација. Администрацијата на Европската унија, односно администрацијата која опслужува 28 земји и 500 милиони луѓе, брои вкупно 30.000 луѓе. Значи, тука е администрацијата од Европската комисија, од Советот на Европската унија, од многубројните агенции… Е сега, колку жители имаме ние, а колкава администрација имаме? Нашата администрација само служи за да се вдомат партиските војници. Па еве само во Секретаријатот за европски прашања има 600 вработени, за Рамковниот договор се ангажирани 1.770 вработени. Па што работат тие луѓе? – прашува Димова.“

Не станува збор за лажни податоци (како што утврдија одреден број медиуми „СДСМ и Димова со лажни податоци за европската администрација“), туку за бројки кои се однесуваат на различни групи. Погрешната споредба во изјавата на Димова придонесува за конфузијата. Спомнатите 30.000 административци на ЕУ не ги опслужуваат земјите-членки туку самата унија како организациона целина. Тие земји си имаат сопствени администрации, социјални служби и јавни сектори (односно, сопствена администрација). Меѓутоа, тоа не го менува „страшниот“ факт за 1.770 вработени во Рамковниот секретаријат (рамно на три средни по бројност министерства) и легитимното прашање на Димова (кое треба да го постават и новинарите) што тие 1.770 луѓе, всушност, работат!

Имајќи го ова предвид, новинарите можат да постават серија од прашања:

  1. Зошто нема транспарентен начин на прикажување на податоците за вработени во јавниот сектор, каде што ќе бидат прикажани групите вработени во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор?
  2. Врз основа на што се димензионира буџетот доколку нема реални податоци за бројот на вработени?
  3. Зошто во буџетот не се јасно издвоени буџетските издвојувања во согласност со овие категории на вработени?
  4. Како се градат стратегии и политики во отсуство на прецизни податоци?

Без расчистување на поимите и без овие прашања, резултатот може да биде или борба со ветерници или удирање токму по службите што се во функција на едно демократско-социјално општество и чија намена е задоволување на потребите и на интересите на граѓаните.

 

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести