verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Британското напуштање на Европската Унија во новинарскиот сленг

on 19 - 07 - 2016       

 

Правилната транскрипција на „Brexit“ на македонски јазик e „брексит“. Фото: Вистиномер

Правилната транскрипција на „Brexit“ на македонски јазик e „брексит“. Фото: Вистиномер

 

 

„Brexit!“ Велика Британија ја напушта Европската Унија со референдумска одлука на своите граѓани. Веста драматично одекна во медиумскиот простор и зазеде приоритетно место во европските и во светските информативни медиуми. Во македонските – исто така. Практично невозможно беше да не се одрази и на јазикот, како основно комуникациско средство.

 

Пишува: Лилјана Петрушевска

 

Новинарскиот сленг е посебен сленг на новинарската бранша и опфаќа зборови, кованици, скратеници, преосмислување и други јазични средства кои произлегуваат од новинарската работа, ѝ служат нејзе и, многу често, им се разбирливи само на новинарите. Така, на пример, кога еден новинар или уредник зборува за „глава“, тоа во новинарскиот сленг се однесува на воведот на текстот. Сленгот, практично, е посебно комуникациско средство на секоја бранша.

 

РАЗНОЛИКО ТРАНСКРИБИРАЊЕ

Новинарскиот сленг во последниот период се збогати со уште една кованица, „Brexit“, изворно создадена од зборовите „Britain“ и „exit“. Како што веднаш може да се забележи, новоскованиот збор се однесува на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија и е наменет да ја замени токму таа реченица: „Велика Британија излегува од ЕУ“. Ваквата замена во новинарскиот стил е многу честа појава зашто новинарскиот стил подразбира стегнатост во пишувањето за со што е можно помалку зборови да се искаже што е можно повеќе содржина.

Се разбира, во македонските медиуми неопходно беше оваа кованица да се транскрибира зашто секој обид да се направи превод на овој новосоздаден збор ќе се сведеше на многу неуспешна калка (на пример: бризлез), која би била дури и смешна при употребата.

Во транскрипцијата, пак, важат веќе утврдени правила, па зачудува фактот што овој збор доби различни интерпретации во медиумите.

Во дел од нив, транскрипцијата резултираше со „Брексит“, каде латиничната буква „х“ е заменета со „кс“, а зборот е напишан со голема почетна буква:

Брексит и македонските евроинтеграции

Шојбле: По Брексит ЕУ да се фокусира на конкретни прашања

Камерон: Не сум таен приврзаник на Брексит

Самит на ЕУ за Брексит: Мал напредок и уште многу работа

Наспроти овие примери, во други медиуми од транскрипцијата на „Brexit“ произлезе „Брегзит“, исто така со голема почетна буква, но со замена на латиничното „х“ со кириличните „гз“:

Камерон: Брегзит претставува ризик за мирот во Европа

Илјада адвокати со писмо до Камерон за Брегзит

„Дејли Телеграф“ за Брегзит, а „Гардијан“ за останување во ЕУ

Пост Брегзит ефект: Расте поддршката за проевропските партии

Во други, пак, сретнуваме „брегзит“, каде транскрипцијата е идентична како во претходните примери, но се употребува мала почетна буква:

 Озборн лобира во Г-20 за подготвеност од евентуален брегзит

НАТО и Источна Европа: меѓу сплотеност и брегзит

Јункер: Жалните херои на брегзит го напуштаат бродот

Ројтерс за брегзит: Европската историја може да тргне наназад, можен е распад на Унијата

Најмалкубројни се случаите кога транскрипцијата на „Brexit“ резултира со „брексит“, каде зборот се пишува со мала почетна буква и латиничното „х“ се транскрибира со гласовната група „кс“:

Гоув: По „брексит“, Велика Британија би била како БиХ, Србија и Албанија

 

ПРАВИЛНО УПОТРЕБЕНО ЕДНАШ, AMA ПО ГРЕШКА

Како што може да се види од посочените примери, формата „брексит“, со мала почетна буква и со транскрипција на латиничната буква „х“ со „кс“, се среќава само кај еден медиум, но по пребарувањето на повеќе содржини што го содржат овој новосоздаден збор кај истиот медиум, се доаѓа до заклучок дека и таа единствена употреба на посочениот начин повеќе се должи на случајност отколку на почитување на правилата.

А, всушност, токму таквата употреба на овој новосоздаден збор е најсоодветна и најмногу ги задоволува јазичните стандарди.

Имено, според „Правопис на македонскиот јазик“, англиската латинична графема „х“ во сите позиции се заменува со гласовната група „кс“ на кирилица. Колебањето меѓу новинарите во поглед на транскрипцијата на оваа графема е проблем што се провлекува подолг период, всушност, по углед на транскрипцијата на името на добро познатиот фестивал „Exit“, кој во нашите медиуми без никаква основа во правилата за транскрипција стана „Егзит“. Потоа, по углед на името на овој фестивал, се правеше грешка и при транскрипцијата на „Grexit“, па се пишуваше „Грегзит“, но тој збор не многу долго се употребуваше со оглед на фактот што Грција, сепак, остана во Европската Унија, па за тоа повеќе и не се зборува толку често.

Од друга страна, во врска со колебањето дали зборот да се напише со голема или мала почетна буква, треба да се вратиме на семантичката анализа на зборот, односно да утврдиме што значи тој. Како што појаснивме на почетокот на оваа лекција „брексит“ се однесува на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија. Значи, на излегувањето! Тоа значи дека во фокусот на значењето на новосоздадениот збор е дејството, излегување од ЕУ. Оттаму, од јазична гледна точка, „брексит“ треба да се пишува со мала почетна буква зашто како збор означува дејство, односно е општа именка.

Значи, да заклучиме: излегувањето на Велика Британија од Европската Унија се нарекува брексит. И, токму како што е напишано овде, бидејќи станува збор за новосоздадена општа именка, се пишува со мала почетна буква. И, се разбира, без наводници.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести