verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Борбата со корупцијата е заеднички интерес

on 9 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Горан Миленков. Фото: Скрин-шот од видео на ДКСК.

Горан Миленков. Фото: Скриншот од снимка од конференција за медиуми на ДКСК од 6 април 2016 година.

Медиумите не смеат да бидат поколебани во своето истражување поради арогантниот однос на некое именувано лице, поради отсуството на соработка или одбивањето да даде податоци.

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Според Законот за спречување на корупцијата, „вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и положба, како и работите од јавен интерес се јавни и подложни на јавна контрола“. Ова особено се однесува на именувани лица на високи функции во власта, кои во своите раце концентрираат голема моќ и во исто време голема можност за злоупотреба на таа моќ и за прикривање на евентуалните злоупотреби.

Интересот на медиумите за начинот на кој именувани лица на високи функции во власт ја остваруваат власта и нивното барање соодветни официјални податоци за евентуални злоупотреби е не само легитимно, туку и задолжително во остварувањето на нивната контролна функција.

Оттука, сосема е оправдан и на место интересот што медиумите го покажаа за движењето на имотот на Никола Груевски кој ја обавуваше функцијата премиер на државата девет години, за кој постои основано (јавно објавените телефонски разговори) сомневање дека ја злоупотребил функцијата за стекнување лична материјална корист и кој и сè уште е активен на политичката сцена.

Она што не може да се оправда е однесувањето  на Комисијата за спречување на корупција.

Прво, заради очигледното одбивање на комисијата да соработува со медиумите:

Второ, заради индициите дека комисијата се обидува да затскрие податоци поврзани со движењето на имотот на Никола Груевски (Првиот антикорупционер го бранеше Груевски дека е „чист“), за што најразработени анализи беа дадени на „Телма телевизија„ и на порталот „Призма“ (во рамките на проектот за независно новинарство).

Како резултат на однесувањето на комисијата, во неколку медиуми дури се отиде и чекор понатаму и се постави прашањето за потребата од формирање специјална Комисија за спречување на корупција (Македонија и сè е специјално: Се крчка ли нова Антикорупциска комисија?)

Еден од клучните партнери во обезбедувањето на контролата над вршителите на власта и на јавните овластувања се независните контролни тела како што е и Комисијата за спречување на корупцијата. На медиумите им е потребна оваа комисија заради добивање релевантни информации и анализи, а на комисијата ѝ се потребни медиумите за распространување на информациите, но и за вршење притисок врз тие што се на власт во случаите кога ќе се утврди злоупотреба со нивно експонирање пред очите на јавноста или, пак, кога комисијата е ограничена во нејзиното дејствување.

Имајќи го ова предвид, медиумите тропнаа на вистинска врата со прашањето за движењето на имотот на поранешниот премиер Никола Груевски и барањето јавноста да биде запознаена со податоците дадени во анкетните листови што според законот требало да ги даде и редовно да ги ажурира.

Отсуството на партнерски однос меѓу медиумите и Комисијата за спречување на корупција е цврст индикатор за несоодветното работење на комисијата и за фактичкото отсуство на овој заштитен механизам од правната мапа на државата.

Оттука, прес-конференцијата на Комисијата за спречување на дискриминација, а во врска со интересот на јавноста за движењето на имотот на поранешниот премиер Никола Груевски, не смее да биде крај, туку треба да биде почеток на интересот на медиумите, како за работењето на комисијата, така и за имотот на Никола Груевски. И токму тоа е најдобриот одговор што ќе дестимулира идни такви обиди за замолчувања – едноставно ќе знаат дека ако ги „предизвикаат“ новинарите – тие ќе одговорат со „копање“.

Во понатамошните анализи може да се тргне од процената за вистинитоста на тврдењата на претседателот на комисијата Горан Миленков дадена во рамките на „Вистиномер“ (Претседателот на Антикорупциска „е скаран“ со „неговиот“ закон), во која што се опфатени прашањето на јавноста, траењето на обврската за следење на имотната состојба на поранешните именувани лица и траењето на обврската за јавно презентирање на анкетните листови на поранешните именувани лица.

Новинарите не смеат да ја остават на мира Комисијата за спречување на корупција и треба да побараат одговор на прашањата:

  • Зошто е направена таква програма која ги брише од веб-страницата на комисијата податоците (анкетните листови) на поранешните именувани лица?
  • Дали работата на комисијата завршува со доставувањето на анкетниот лист на конкретно именувано лице?

На пример, во случајот на Никола Груевски, во неколку медиуми се појави информација дека анкетниот лист на поранешниот премиер е уредно доставен до комисијата:

Притоа, се создаде впечаток дека тоа е доказ за соодветното работење на поранешниот премиер.

  • Меѓутоа, остана неодговорено прашањето дали анкетниот лист кој е добиен од Никола Груевски е испитан од комисијата од аспект на членот 33 од Законот за спречување корупција, според кој се бара детален попис со наведување на основата на стекнување? Што е со деловите каде што е напишано дека основата е непозната? Или, дали го испитала потеклото на уметничките слики кои се појавуваат во анкетните листови, низ призмата на членот 30 од Законот за спречување на корупцијата, а според кој „избрано или именувано лице, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал не смее да прима лични подароци или ветување за подарок, освен пригодни подароци, како книги, сувенири и слични предмети во вредност чија висина е утврдена со закон“.
  • Дали комисијата досега направила анализа врз основа на член 25 од Законот за спречување на корупцијата според кој „избрано или именувано лице, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа и друго правно лице што располага со државен капитал е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин…“?
  • Дали комисијата не мисли дека заштитата на податоците за движењето на имотот на поранешни именувани лица во власта е спротивна на дел од наодите на комисијата на Прибе (mk, en) според која: „Наодите објавени неодамна покажаа сериозни инциденти на политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини. Борбата против овој вид на корупција дефинитивно треба да стане врвен приоритет за земјата. Проблемот со корупцијата е доволно значаен за посебен извештај. Фактот што ова прашање не е во детали разгледано во овој Извештај не е затоа што ова прашање не е од големо значење, туку затоа што неговото третирање во рамките на извештај кој содржи и други прашања нема да му даде доволно внимание. Покрај специфичните прашања кои произлегуваат од тековната криза, предизвикана со скандалот со следењето на комуникациите, кој е и примарен фокус на овој извештај, корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата.“ ?
  • Која е гаранцијата дека Комисијата за спречување на корупција ќе ја остварува својата исклучително значајна улога во изборите (една од гаранциите за фер и демократски избори) кога истата таа комисија не е подготвена ниту да ги сподели со јавноста документите што според закон, треба да бидат достапни секому, а камоли да постапува во случаи на сомневање за злоупотреба на функцијата од именувани лица во власта?

Медиумите не смеат да бидат поколебани во своето истражување поради арогантниот однос на некое именувано лице, поради отсуството на соработка или одбивањето да даде податоци. Напротив, ваквото однесување треба да биде причина поради која медиумите со уште поголема упорност, жар и настојчивост ќе се „нафрлат“ врз именуваното лице и нема да дозволат да се затскрие зад функцијата или погрешното презентирање на законските одредби.

Aнимирана реакција од иницијативата „Заслужуваме подобро“ via GIPHY

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести