verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Битка за почитување на законите или за рекламниот колач?

on 13 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
„Снег“ на ЛЦД телевизор. Фото:  Bernie Dodge, 2008
„Снег“ на ЛЦД телевизор. Фото: Bernie Dodge, 2008

Точно е дека гледаноста на каналите треба да биде репер за популарноста, но во никој случај не смееме да ја ограничиме потребата за следење (поради информирање) само на домашни или, пак, само на странски канали кои се во понудите на кабелските оператори

 

Пишува: Светлана Вељановскадоцент-доктор по меѓународно право

 

Интересна дебата се води деновиве, а е поврзана токму со медиумите како место од каде најголем дел од граѓаните секојдневно добиваат информации, но, исто така, имаат можност да следат и едукативни, забавни, маркетиншки, контактни и други видови програми од домашна и од странска продукција.

Поводот кој беше искористен за оваа медиумска „преписка“ е престанувањето да се емитуваат неколку странски канали на кабелските оператори.

Неколку прашања се отворија во самата дебата и сè уште не успеваме да добиеме одговор на нив токму од најповиканите – медиумите. За што станува збор?

 

ЗОШТО ИМАШЕ ПОТРЕБА ОД ДЕМАНТ?

Првите луѓе на Македонската медиумска асоцијација (ММА) излегоа на прес-конференција за да демантираат дека е нивна иницијативата да се спроведе контрола во медиумскиот простор на Република Македонија, односно дека не се тие иницијатори на почитувањето на одредбите на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги со кој се регулира користењето на медиумскиот простор во државата од сите, што значи дека од неговото почитување не се исклучени ниту кабелските оператори во земјата.

Дел од медиумите овој настан го пренесоа како еден вид оградување на Македонската медиумска асоцијација:

но, всушност, во интерес на сите е доколку навистина не се почитуваат законските прописи тоа да биде иницирано и санкционирано што поскоро, а не како што стои во текстот насловен како Агенцијата за медиуми да ги почитува законите кои важат за кабелските оператори објавен на порталот „МКД“:

„Она што е исто така интересно е дека каналите на меѓународната телевизиска мрежа „Фокс“ веќе две години во Македонија се емитувале со дозвола на бугарскиот Совет за електронски медиуми. Бугарското регулаторно тело издало дозвола за телевизиско емитување на каналите на „Фокс“ и во уште осум други земји од регионот (Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија), при што во процедурата целосно биле прескокнати надлежните органи во земјава.“

Значи, токму напротив, ако не е иницијатор, Македонската медиумска асоцијација требаше, најблаго речено, да ја поддржи оваа мерка преземена од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и да побара од неа уште посовесно да си ја извршува својата работа, односно она што и во Законот за оваа дејност стои дека треба да е во нејзина надлежност (поконкретно членовите 44 и 45 ).

 

СЕЛЕКТИВНОСТ ВО ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тврди дека понудата на странски канали ќе биде контролирана и дека од почетокот на следната година нема да има можност да се емитуваат канали кои емитуваат програма различна од потпишаните договори. Конкретно, тоа е и случај кај исклучените за кои Агенцијата во контрола утврдила дека програмските содржини на тие сервиси не се реемитуваат во согласност со лиценцата за вршење радиодифузна дејност за наведените програмски сервиси. На исклучените канали веќе подолг период се емитувале реклами и на македонски компании, што значи зафаќање во рекламниот колач на домашните телевизии. Инсистирањето да се почитува регулативата им оди во прилог, пред сè, на македонските електронски и печатени медиуми бидејќи токму тие губат доколку рекламите, наместо кај нив, одат надвор. Од тие причини можеби е потребно поголемо обединување на медиумите во оваа сфера, а не нивна конфронтација.

Интересна е и забелешката на кабелскиот оператор „Оне“, според кој:

„Се поставува прашањето зошто токму сега Агенцијата дава налог за исклучување на каналите кои со години се емитуваат со истите содржини и кои закони се промениле во последните седум дена.“ 24 вести

 

ГЛЕДАНОСТ НА ДОМАШНИТЕ И НА СТРАНСКИТЕ ТВ-КАНАЛИ

Кој е повеќе гледан – домашните или странските канали и причината поради која се гледаат едните или другите, исто така, беше тема за дебата. Така, може да се прочита дека:

„Има тенденциозност дека тие канали (исклучените – н.з.) се најпопуларни. Само за илустрација, од гледаноста кај кабелските оператори, 65% од населението ги гледа петтте национални телевизии, а 35% ги гледаат странските канали. Од сите 130 странски канали, ако се симнат неколку, тогаш станува збор за промили, а не за проценти во гледаност.“ Утрински весник

Точно е дека гледаноста на каналите треба да биде репер за популарноста, но во никој случај не смееме да ја ограничиме потребата за следење (поради информирање) само на домашни или, пак, само на странски канали кои се во понудите на кабелските оператори. Голем дел од гледачите имаат специфични барања (сакаат да гледаат спорт или забавни програми). Домашните канали се дефицитарни во овој дел, пред сè, поради фактот што тие се скапи за откупување и најчесто се преземаат само оние програми кои се атрактивни за закупувачите на рекламен простор. Со тоа се согласуваат и претставниците на македонските национални телевизии.

 

ПОДЕЛБАТА НА РЕКЛАМНИОТ КОЛАЧ

Најверојатно, ова прашање е аспектот кој најмногу ги засега членките на Македонската медиумска асоцијација, но и кабелските оператори. Според нивните изјави, премалиот маркетиншки колач во земјава е причина што македонските телевизии не успеваат да создаваат сопствена програма. Податоците говорат дека парите кои се на располагање, преку маркетингот на сите медиуми, вклучително и на телевизиите, се нешто помалку од 25 милиони евра. Кога ќе се направи поделба на петте национални и на 60 регионални и на другите медиуми, ќе дојдеме до една бројка која е премала за сериозно функционирање на телевизиите. Затоа, прво се штеди на продукцијата на сопствената програма.

Втората засегната страна се кабелските оператори. За нив, според 24 вести:

„е битно да ги обезбедат каналите кои нивните корисници ги бараат, при што не можат да се мешаат во маркетинг политиката на каналите и на кој јазик тие ќе емитуваат одредени реклами, односно кабелските оператори со договор се обврзани да ги реемитуваат целосно и без прекини. Решенијата што Агенцијата им ги издава на операторите за исклучување на голем број на атрактивни и скапи канали се многу чудни, бидејќи највеќе оштетени ќе бидат корисниците.“

Според нив, во интерес на „неговото величество – гледачот“ дозволено е сè, па и непочитување на законите?!

Вест дава совети за оние кои имаат склучено договори за определен програмски пакет. Според нив, корисниците на кабелските оператори имаат право да се жалат и да го раскинат договорот само доколку кабелскиот оператор не емитува ист број канали, како што е предвидено со договорот. Тоа значи дека операторите можат да исклучат дел од каналите, но треба да ги заменат со други. Со самото тоа што кабелските оператори ги прават понудите на канали кои ќе ги емитуваат во пакетите за своите корисници лесно може да се заклучи дека гледачите немаат некое големо влијание во нивното креирање (евентуално преку предлог за преземање на некој канал со определени аргументи, но и во тој случај за неговото вклучување би била потребна репрезентативна бројка на заинтересирани гледачи). Нив им останува да се одлучат за оној кабелски оператор кој им нуди најголем број канали, кои сакат да ги гледаат, што не значи дека во целост мора да се согласуваат со понудениот избор.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести