verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Внимавајте, деспотот повторно ќе лаже

on 18 - 02 - 2015       
Од „сериозна“ прес конференција на премиерот Груевски, до монтажата со супер смешниот „мучачос“ за плиткоумните пропагандни обиди на власта - за само две недели. Фото: Влада на РМ (лево) и видео-клип скриншот (десно).
Од „сериозна“ прес-конференција на премиерот Груевски, до монтажа со супер смешниот „мучачос“ за плиткоумните пропагандни обиди на власта – за само две недели. Фото: Влада на РМ (лево) и видеоклип скриншот (десно).

 

Бидејќи владините медиуми не објавуваат ништо за содржината на криминалите за кои детално се говори во телефонските разговори на највисоките функционери на власта, илегално снимени од парадржавата (а објавуваат сè за тоа како власта немушто одговара на необјавените прислушувања!), алтернативните медиуми и информативните интернет-платформи се преплавени од посетители (додека ова го пишувам, некои од објавените прислушувања само на „Јутјуб“ веќе имаат повеќе од 300.000 посетители!), кои сакаат изворно да ја чујат содржината на материјалите.

 

Пишува: Сашо ОРДАНОСКИ

 

„Ништо не е точно и сѐ е можно!“

Ова, накратко, е резимето на суштината на стратегијата што центарот за пропаганда на Груевски, сместен длабоко во партиско-полициските пазуви на македонскиот деспотски режим, ќе се обиде деновиве да ја спроведе како одговор на морталниот предизвик со кој се соочува. Првпат откако е дојден на власт пред десетина години, режимот е натеран во толку тешка дефанзива, што се заканува целиот репресивен и пропаганден апарат, во коишто се инвестирани десетици милиони евра и десетици еминентни полициско-пропагандистички кариери, да се распадне како кула од карти. Експертите на ДПМНЕ за водење валкана психолошка војна (имаше тука и неколку странци, па мислам дека си заминаа) сфаќаат дека е прашање на минута кога Јанкулоска ќе се расплаче на некој јавен настан; дека Ставревски и физички би можел да нападне некого што ќе му постави прашање за скандалите во кои е длабоко замешан. Деновиве самата физичка појава на Мијалков е „најдобро чуваната државна тајна“, не од безбедносни, туку од морални и од политички причини. Тури му пепел кога тајната полиција е задолжена за чување на моралот во општеството.

 

ДПМНЕ: ПРОСТО – ЗА НАЈПРОСТИ

Затоа, деспотијата мора да подготви силен пропаганден контраудар. Фокусот е двоен: Заев мора лично да се дискредитира, а за доказите што тој ги објавува, јавноста мора да се убеди не дека се неточни, туку дека се резултат на странски заговор против Македонија, па заради тоа нивната точност не треба ни да се земе предвид за разгледување. Значи, секој што се повикува на тие докази – е предавник. Просто – за прости.

Суштината на пораката што ја смислила ДПМНЕ, навистина, е одлична: во пропагандата врвот на „убивањето“ на јавноста е кога таа, јавноста, престанува да верува на сопствените очи, уши и здрава памет; кога се доведува во состојба на полусон, кога ѝ се убива љубопитноста да трага по вистината, особено кога вистината е понепријатна од манипулациите со кои секојдневно е услужена од власта. Тоа е тоа. Ништо не е точно и сѐ е можно – па ти снајди се! Просто – за прости.

Подгответе се за нов бран ширење полувистини, лаги и паралаги за тоа кој е тој што соопштува како се дошло до доказите, дека и критичарите на власта, освен што се предавници, и самите се замешани во криминали и сл. Бидејќи од почетокот тврди дека прислушувањето го правела странска служба, власта не може да објавува материјали – кои ги има во посед и кои им „истекле“ кон СДСМ – што се потенцијално компромитирачки за опозицијата, бидејќи нема одговор за тоа од каде им се тие прислушувања; па, затоа, се измислија „македонски анонимуси“ кои (замислете:) го хакирале информативниот систем на СДСМ (како од опозицијата да се толку глупави што таков вид материјали би го чувале онлајн!) и од нив го украле целото прислушно досие – коешто сега е под „ножиците“ за пропагандна монтажа на власта. Просто – за прости.

Како врв на сметката на власта дека јавноста во Македонија ја сочинуваат прости луѓе, кои можат лесно да се манипулираат, ќе биде појавувањето на Груевски на нова прес-конференција (директно и драматично пренесувана на сите медиумски канали и платформи на власта), на која тој уште еднаш (и овојпат подуплашен и очаен, како и минатиот пат!) ќе објасни, поткрепен од новите анонимус-монтажи на старите прислушувани материјали, за вмешаноста на Заев во странскиот заговор против Македонија. За тогаш, белки, се подготвува и протерување од Македонија на (барем) еден амбасадор на соседна земја. Претходната ноќ, како подготовка на настапот на возљубениот лидер, можно е да има и нови приведувања и апсења, нови снимки на „Јутјуб“ од разговорите со Заев во премиерскиот кабинет, нови фабрикации и дискредитации и против другите критичари на власта, за да се крене тензијата во јавноста и на обраќањето на премиерот, кој ја спасува библиска Македонија од светскиот заговор за нејзино уништување, да му се даде нова историска димензија!

Навистина, пропагандистички просто – за најпрости!

 

СМЕЕЊЕТО Е СИЛА, СМЕЕЊЕТО Е МОЌ!

Власта е изненадена од динамиката и од тежината на настаните, но и од упорноста на голем дел од јавноста да дознае што, навистина, се случувало со/во оваа Македонија во изминатите години, документирано низ прислушуваните разговори. Бидејќи владините медиуми не објавуваат ништо за содржината на криминалите за кои детално се говори во телефонските разговори на највисоките функционери на власта, илегално снимени од парадржавата (а објавуваат сѐ за тоа како власта немушто одговара на необјавените прислушувања!), алтернативните медиуми и информативните интернет-платформи се преплавени од посетители (додека ова го пишувам, некои од објавените прислушувања само на „Јутјуб“ веќе имаат повеќе од 300.000 посетители!), кои сакаат изворно да ја чујат содржината на материјалите. Големата партиско-полициска „војска“ на ДПМНЕ не успева да се справи со бламажите по социјалните мрежи и покрај дневните наредби за партиски реакции и „лајкови“ на овие или оние веб-страници и постови. Наредбите и инструкциите им протекуваат во јавноста (види овде и овде) во комични пресврти, што дополнително ја дискредитира позицијата на некогаш моќното Министерство за вистината на ДПМНЕ. Меѓу другото, како што тврдевме пред неколку месеци („Да му се насмееме на деспотот“), нема помоќно оружје во борбата против диктаторите од потсмевот и од отвореното исмевање на лажниот систем на вредности што го наметнуваат деспотиите – на пример, јас и буквално бев пред помочување од смеење на овој мучачос, кој блескаво ја разобличува пропагандната операција на власта, односно на Сони и на Шер, бајката за Горде и за Ставре, кој прави пародија од приватната агенда на властодршците!

Впрочем, погледајте ја немоќта на моќната политичка индустрија на власта во судир со свежината на духот и со упорноста на студентите во Македонија, за да ви стане јасно дека, ако е спречена, како последно прибежиште на автократскиот легитимитет, да употреби брутална сила, деспотијата капитулира пред силината на духот и пред храброста на здравиот разум. Смеењето е сила кога власта е ноќ.

 

СДСМ: СО МАЛИ ЛАЖИЧКИ

Што се однесува до СДСМ и до Заев, тие се влезени во „трка со времето“: не можат да си дозволат големиот број важни докази што ги поседуваат за криминалите на власта да ги објават во еден ден бидејќи така, од една страна, ќе ја задушат растечката силина на сопствената порака; и, од друга страна, јавноста, поразена од количеството, но и од силината на доказите, откако ќе се „замори“ од забавата да ги слуша највисоките челници на власта како лежерно и злобно договараат најодвратни криминални дејства, ќе почне да се плаши и да се повлекува во себе и да ги „пали“ нагоните за извесната (да, валкана, но сепак:) стабилност, наспроти неизвесноста на промените што расчистувањето со криминалите мора да го донесе.

Веројатно затоа СДСМ ја избира стратегијата во релативно мали дози, на подолг рок да ја „храни“ јавноста со деталите од грдата вистина во која живее Македонија со години наназад. Со други зборови, СДСМ разбира дека катарзата во јавноста за дефинитивно губење верба во лагите (често привлечни) и во манипулациите (често исполнети со „ванилата“ на „патриотизмот“ и на „чесноста“) на Груевски мора да дојдат како резултат на автономна, самоспознајна реалност кај граѓаните, како нивна, а не натурена победа против стравот што го чувствуваат од овој насилен и – во тоа сите, помалку или повеќе, се согласуваат – параноиден деспот. Тоа е деликатен процес во кој преголемото и наврапито туркање на јавноста може да ги даде ефектите на нејзино затворање и нагло бегање од реалноста, правејќи ја уште поприемчива на црно-белата „вистина“ што им ја нуди пропагандниот апарат на власта.

Ризикот на оваа постепена стратегија на СДСМ не е само заморот на домашната, туку и на меѓународната јавност („дипломатите“ и др.) кои, на крајот, ќе побараат побрзо затворање на кризата, пред таа да достигне можни димензии што ќе се одразат врз стабилноста на земјата (читај: на Груевски). Тоа го знае и власта, па затоа прави и ќе прави пакости, со кои ќе се загрозува стабилноста на земјата (читај: на Груевски). Деспотот е тргнат надолу; нему му изгледа како легитимна стратегијата да повлече секого што може со себе.

Затоа, препораката е јасна: полека, без брзање и страв, ќе има време и да дознаеме како сме ограбувани и лажени со години, но и да ја сочуваме стабилноста на земјата. Само зачувајте здрав разум и чиста логика – сето друго убаво ќе ве насмее.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Белешки за популизмот: Внимавајте, деспотот повторно ќе лаже

  1. Браво….многу добро кажано а посебно препораката -‘‘Само зачувајте здрав разум и чиста логика – сето друго убаво ќе ве насмее.‘‘

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести