verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: УШИТЕ НА ГОЛЕМИОТ БРАТУЧЕД

on 14 - 11 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Бомба со крилја - дел од уметничка инсталација на  галеријата на горните спратови од блиската зграда, падната врз автомобил. Поведени немаше. Фото: Edward Simpson, 2006

Надреално: бомба со крилја – дел од уметничка инсталација на галеријата од горните катови на блиската зграда – падната врз автомобил. Повредени нема. Фото: Edward Simpson, Лондон, 2006

 

Медиумите се меѓу првите жртви на автократијата, бидејќи тие се „сврзното ткиво“ помеѓу трите столба на автократското владеење: клиентелизмот („кооптацијата“, што би се рекло во теорија), репресијата и легитимацијата.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Контурите на „бомбата на Заев“, таа долго најавувана „турска серија“ во македонска политичка продукција, веќе се исцртуваат. Како што зборува упатената чаршија, наскоро би требало да се забавуваме – бидејќи демократските солзи одамна ни пресушија – со еден фељтонизиран и документиран список на државни злоупотреби и илегални активности откриени „а ла Сноуден“, во кои ќе има за секого по нешто: од фалсификување избори и кривотворење документи, преку пикантерии за криминогениот „светоглед“ на фамилијата, до ридови транскрипти од нелегални операции на надлежни институции и реки пари завртени на погрешни воденици. Ќе има разочарани партиски кадри, коалициони партнери и сопруги. Во центарот на нештата ќе биде активноста на македонската тајна полициска служба, тој долгогодишен свет храм на овдешната политичка валканица, со своите високи минариња на злото и гласните камбани за ширење смут и магли.

Власта тоа го насетува и веќе ги подготвува своите одговори и контраудари. Груевски, демократскиот јунак на македонската национална преродба, повторно ќе биде пригодно отсутен од земјата барајќи странски инвеститори во Намибија и на Огнената Земја, бидејќи нему дребните прашања за слободата и за почитувањето законите не му се ни до колена во споредба со мисијата и капиталистичкиот сон секое македонско семејство да има барем по еден вработен во државната администрација. Во негово име ќе говори дефиле од пониски налутени партиски апаратчици и „новинарските“ ѕвезди и комети на пропагандната канцеларија на власта. Во канта-тропај медиумите веќе се доставени освежените стари листи на предавници и странски агенти, за – за секој случај – да се поткопа кредибилитетот на оние кои сѐ уште имаат смелост на овој распоп да му кажат дека под мантијата му се ѕирка само опашка од лаги. Од фиоките се вадат и последните списоци за апсење, оние што како македонските кубури за појас се држат „за зло не требало“, не би ли се свртело вниманието на јавноста на друга страна. А и некој меѓуетнички инцидент нема да е отповеќе, ако откритијата на опозицијата навистина предизвикаат поголемо внимание во домашната и странска „секое чудо за три дена“ јавност.

Што ќе се поткисели од таа маштеница на СДСМ останува да видиме. Но, целата приказна повторно ќе биде поучна за улогата на ушите на Големиот брат во недокваканите општества како македонсково.

 

ИГРА НА ТРОНОВИ

Постојат неколку причини заради кои секоја недемократска власт и нејзината мачо-врхушка е фасцинирана од можностите и од злоупотребата на тајните служби.

Прво, бидејќи во медиумите, во партијата и во институциите на демократијата е згасната дебатата и се загушува секој обид за смислена расправа или јавна критика на политиките на власта и на од нив произлезената реалност, деспотите имаат проблем да дознаат каква е вистинската атмосфера во општеството, што се зборува „меѓу народот“, односно – уште пострашно – зошто народот молчи. На модерните деспоти им е јасно дека ни на резултатите од секојдневното анкетирање на јавноста не може до крај да му се верува, бидејќи тие самите знаат колку енергија и ресурси се потрошени за граѓаните да се заплашат, да се замолчат. Од друга страна, не може деспотот да си дозволи да биде изненаден од реакцијата на јавноста бидејќи цената на таквото иненадување може да биде многу висока. Гадафи, на пример, затечен, го вадеа од некаква канализациска цевка, за недолго потоа, целосно изненаден, да го вратат во вечната канализација на ликвидираните деспоти. Во некои други времиња, деспотот ќе се облечел во обични алишта и ќе залепел лажна брада за да се прошета по пазарите и по плоштадите и таму да се увери во мислењето на јавноста за неговото владеење. Денешните автократи се ложат на помислата дека нема потреба за лажни бради и мустаци, кога тајната служба е во состојба секојдневно да им доставува извештаи од анализите произлезени од прислушувањето или од следењето на опонентите.

Второ, не се само конкурентите мета на тајните служби – напротив, што позрела автократска власт, толку помалку „надворешни“ опоненти, па добар дел од работата на службите оди на прислушување и на шпионирање на сојузниците, сопартијците, колегите и на пријателите, на нивните сопруги и куртизани. Во таа игра на тронови, неретко цел е и семејството, кумовите, кумашините и сватовите, целата таа камарила од различни подлизурковци и пајташи, размножени низ медиумите и по кабинетите, со своите мали агенди, големи суети и непостоечки карактери. Поучна е лекцијата од историјата дека голем дел од деспотите, на крајот, завршуваат со предавство на најблиските, оние кои или сакаат да бидат калифи на местото на калифот или навреме го напуштаат „бродот“ што пропушта како решето. „Заштитените сведоци“ не се измислица на владеењето на правото во модерната демократија. За секој Цезар секогаш се наоѓаат по неколку Брута.

 

ДЕМОКРАТИЈА СО ДАЛЕЧИНСКИ УПРАВУВАЧ

Трето, бидејќи во автократиите спроведувањето на политиката е вертикално, од горе надолу, и нема размена на мислења, ниту институционална или вонинституционална дискусија за политиките – како што ќе каже преродбеникот, така е! – општествените текови не се управуваат низ дистрибуција на идеи и преку силата на аргументите, туку преку контрола на луѓето и на нивното однесување, нивното гласање, нивната послушност. А, нема подобра служба од тајната за контрола на луѓе: оној директор украл нешто, овој член на комисија има љубовница, некој судија има „погрешна“ сексуална ориентација, а едикојси новинар е слаб на коцка… Со малку притисок помешан со закана за компромитација, лојалноста е загарантирана и далечински управувана.

Четврто, нема деспотија без правење пари, а проширената фамилија на власт е експерт за берзански, оф-шор, надворешно-инвестициски, корпоративни и други материјални „мижи-бутај“ редистрибуции. Сам Господ знае како звучат телефонските разговори меѓу Субрата и некој негов контакт во Владата, на пример…

Конечно, има нешто воајерско, потиснато сексуално, во читањето туѓа приватност. Тој вид на уживање во инвазијата на приватноста е типична за секоја деспотија. И за тоа нема лек, иако донекаде помага медицинското набљудување.

Македонската современа автократија е уморна. Уморна е и нејзината приказна. Овде често повторуваме дека конзистентноста на приказната – во политиката воопшто, а особено кога популизмот и автократијата се во прашање – е од посебна важност. Затоа медиумите се меѓу првите жртви на автократијата, бидејќи тие се „сврзното ткиво“ помеѓу трите столба на автократското владеење: клиентелизмот („кооптацијата“, што би се рекло во теорија), репресијата и легитимацијата. Топлата прегратка на тајните служби, пак, е последното прибежиште на тираните, деспотите, автократите и диктаторите, бидејќи им дава растечки лажно чувство на контрола и на сигурност. Останува да видиме што (и дали?) ќе открие „експлозивната направа“ на Заев за односот меѓу македонската тајна служба и македонските медиуми, во кој телефонските врски се жешки и редовни.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести