verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: ТИШИНА – ЛИДЕРОТ ИМА ЗБОР!

on 7 - 05 - 2014       
¡Triunfaremos! (Ние ќе победиме!) – билборд со ликот на Хуго Чавез. Фото: Eduardo Méndez G., 2007 година

¡Triunfaremos! (Ние ќе победиме!) – билборд со ликот на Хуго Чавез. Фото: Eduardo Méndez G., 2007 година

 

…Миленко го храни Амди, кој го поддржува Никола, кој гостува кај Миленко, за Амди да биде наранет. Бескрајна простачка спирала, медиумско-политички перпетуум мобиле, каде страстите ја заменуваат идеологијата, а демократски обликуваната јавност е во „агрегатна“ состојба на психологија на толпа.

 

Пишува: Сашо ОРДАНОСКИ

 

Модерните масовни медиуми – тоа „нужно зло“ без кое не може да се замисли демократијата – и популизмот делат една главна заедничка карактеристика: не ги сакаат елитите, а го презираат и интелектуализмот, како нешто тешко разбирливо за нивната клиентела, за масите. Тие се, всушност, во постојана заедничка потрага по што поедноставни содржини – тривијалности и сензации од најразличен вид – коишто ќе апелираат на што поголема публика и за политичките и за медиумските потреби: „ниска“ наспроти „висока“ култура; обични луѓе наспроти елита; „народски“ наспроти „кабинетски“ политичари итн. Ваквите едноставни, но емоционално високо набиени поларизации, резултираат со зголемен број гласови кај политичарите и подобар тираж/гледаност кај медиумите. „Повратниот удар“ во општеството потоа ја довршува работата: прилагодувајќи се на „еволутивната“ тривијализација на политичкиот и на медиумскиот дискурс, политичката култура создава простор за натамошно ширење и репродукција на популистички погледи и општествени „вредности“. Со други зборови, Миленко го храни Амди, кој го поддржува Никола, кој гостува кај Миленко, за Амди да биде наранет. Бескрајна простачка спирала, медиумско-политички перпетуум мобиле, каде страстите ја заменуваат идеологијата, а демократски обликуваната јавност е во „агрегатна“ состојба на психологија на толпа.

Општа е медиумско-политичката тепачка кој поуверливо ќе се претстави дека зборува во име на широките народни маси, во форма на „гласот на народот“ – vox populi. Но, Јиржи Пехе, некогашниот советник на претседателот Вацлав Хавел, со право забележува дека во тоа самоповикано „застапување на народот“ и модерните медиуми и модерните популистички политичари се потпираат врз медиократијата, а не врз меритократијата на мнозинството, што „често вклучува напори за манипулација на јавноста со помош на чувствителни прашања коишто имаат добар одглас со атавистичката страна на човековата природа, како што се националистичките чувства, етничките припадности или стравот од странците“.

 

Поистоветување со масата – дури и преку заглупавување, ако треба

 

Значи, за да успеете во популизмот мора да се поистоветите со масата и уверливо да се претставите – додуша, често и без лажна скромност – дека не сте попаметни од неа. Од политичката елита не се очекува со својата просветеност да го предводат дискурсот во јавноста, туку со својата просечност да се прифатливи за мнозинството. Критичкото мислење е подложено на презир, а стандардите на критичкото мислење – јасноста, прецизноста, точноста, релевантноста, почитувањето на контекстот и длабочината на мислата – се извртуваат во своите пропагандистички спротивности.

Следствено, политичарот не треба да ја „дели“ народната поддршка со залагање за јасни вредности и рационални решенија коишто ќе бараат од јавноста да се определи и да избере во понудените алтернативи, туку треба да ја „множи“ народната поддршка со доволно воопштени и магливо презентирани ставови, со што посилен емотивен набој, што ќе апелираат и ќе бидат прифатливи за што поголем дел од јавноста. Популистичкиот лидер станува селебрити, своевидна поп-ѕвезда и медиумска атракција – на пример, тој е ловец на крупен дивеч, владее мачо-боречки вештини (карате, бокс и сл.), многу е заинтересиран за некој високо-емотивен општествен проблем (деца без родители, бездомници, разни страдалници и сл.), но, ако е потребно, знае и да запее во друштво или да кажува шеги на кои сите однапред се подготвени за смеење. Односот меѓу него и народот губи добар дел од елементите на рационален однос (силина на аргументи, рационална постапка за докажување, дебата со погледите на опонентите и сл.) и градењето на политичкиот консензус добива афективни карактеристики, потпрени врз изразени емоции меѓу поддржувачите (како избувнување на потиснатата омраза кон други, на пример), слепа послушност, подготвеност на жртва и сл.

 

Искреност и простодушност поважни од знаење, личен интегритет и квалификуваност

 

Во таков амбиент, кај популистите е изразена тенденцијата искреноста и простодушноста, па дури кога се признаваат и елементарни непознавања или грешки во политиката, да станат поважни својства во политичкото секојдневие од знаењето, личниот интегритет и квалификуваноста на оној што извршува одговорна функција. Всушност, професионалната квалификуваност се третира како ароганција, неспоива со едноставноста на народот. Експертите се тие кои треба да ја операционализираат, а не да ја креираат, волјата на народот. Со тоа слабее претставничкиот модел на изборната демократија (па, следствено, и улогата и важноста на собранието или парламентот, како „дом на демократијата“), а директната комуникација со народот, сфатен како некаков неотповиклив збир на исконска мудрост, станува примарна категорија во политичката комуникација на популистите.

Затоа медиумите, во држава владеена од популисти, мораат да бидат контролирани, цензурирани, замолчени, заглупени. Тишина – лидерот има збор, макар и преку своите медиумски мегафони!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести