verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Поглед зад медиумската пропаганда за бројно семејство

on 17 - 07 - 2014       
Влада, министри, деца и политика. Фото: vlada.mk

Премиер, министри, семејство, деца и пропаганда. Фото: vlada.mk

 

Пред, меѓу и по секој фудбалски натпревар, канонада од главно лошо направени, патетични пропагандни телевизиски спотови во кои поттикот да се прават деца се изедначува со патриотската задача на секој освестен нео-антички Македонец, како „вистински избор“ и единствено вредно нешто во животот, се поистоветува со среќата, успехот и смислата на постоењето, па дури и со поголемата близина до Бога!

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Здравјето, силината, долговечноста и благосостојбата на народот е централната политичка категорија во секоја пристојна популистичка приказна. Оттука, не чуди што една од омилените популистички теми е здодевното, сентиментално, китнесто ламентирање околу важноста на семејството, особено неговата слога и бројност, за просперитетот и виталноста на народот со кого владеат популистите. Во таквата реторика и во нејзините пропагандни медиумски кампањи, како и кај народот, и на семејството често му се припишуваат „свети“ и безвремени вредности, како митски категории со исконски происход и силни традиционалистички белези.

И кај ВМРО-ДПМНЕ состојбата е слична: темата за правењето деца е богобојазлива мантра на нашите популистички десничари, а за хомосексуалноста се користи пропишан партиски дезодоранс од темјан, бидејќи самиот Ѓавол и клетите соросоиди стојат зад идејата за слободен сексуален избор, кои ја поткопуваат светлата иднина на македонскиот народ. На пример, доволно е да прочитате некој ред од Влатко Ѓорчев на оваа тема – „тоа се вредности и идеали од кои не треба да се откажеме“, „семејството и децата се меѓу најважните одлуки што треба да ги донесеме во животот“ и на тоа слични баналности – па да сфатите дека и неговиот, некогаш нескротлив, дух капитулирал пред монотонијата на морализирањата за вечните семејни вредности и за традицијата како единствената можна иднина на нашето минато.

 

НИВНА ПРОПАГАНДА, ОД НАС ФИНАНСИРАНА

Светското првенство во фудбал принуди многу македонски граѓани на неизвесна авантура: да се присетат дека постои и со своите далечински телевизиски управувачи да се обидат да ја лоцираат Македонската телевизија на некој 178-ми канал од богатата кабелска понуда. А таму – на каналот на македонски јазик – вистинско летно популистичко „освежување“: пред, меѓу и по секој фудбалски натпревар, канонада од главно лошо направени, патетични пропагандни телевизиски спотови во кои поттикот да се прават деца се изедначува со патриотската задача на секој освестен нео-антички Македонец, како „вистински избор“ и единствено вредно нешто во животот, се поистоветува со среќата, успехот и смислата на постоењето, па дури и со поголемата близина до Бога! Фалеше само уште пропагандистички предлог за оние саможиви и егоистични македонски етнички поединци кои немаат ниедно или имаат само по едно дете во семејството – па заради тоа се неостварени и фрустрирани лица – да им се стават жолти траки на ракавите, за сите да можеме уредно да ги препознаеме и сочно да ги плукнеме на улица.

Оваа агресивна спортска „забава“, платена со наши пари, која вознемирувачки задира во дефиницијата за смислата на приватноста во демократијата, ме натера малку, со извесна летна летаргија, да се позанимавам со тоа кои се овие „мажишча“, кои се овие семејни светители и големи македонски преродбеници, седнати во Кабинетот на нашиот премиер, кои одлучуваат и даваат директни насоки и трошат државни пари за тоа како народот пропагандно да се превоспитува за темата семејство, слога и деца. Еве што покажува споредбата на достапните и официјални бројки на македонскиот Завод за статистика со пописот на етнички македонското вмро-население во Македонската влада што јас успешно го спроведов изминативе денови…

 

ПОПУЛИСТИЧКА ИМПОТЕНЦИЈА 

Искрено, не бев премногу изненаден што некои едноставни статистички показатели го откриваат длабокото политичко лицемерие што стои и зад ова специфично заглупување на македонските граѓани, кои веќе одамна не посакуваат интелигентна дебата за важни општествени теми. Така, ако ги земете 14-те министри на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, и на тоа го додадете премиерот Груевски и неговата претседателска партиско-државна перјаница Иванов од Охрид, а пописно го одземете извесниот министер без портфолио Горан Мицковски (за кого не може да се пронајде никаква официјална биографија нигде, па е прашање дали човекот, всушност, постои), тогаш доаѓаме до некои суштествени статистички параметри упатни за оваа проблематика:

  • Просечна старост на тимот преродбеници е 42,6 години, што не претставува „цвет на младоста“ за правење деца, бидејќи најголем број деца во Македонија (35,5%) се родени од мајки на возраст од 25-29 години и нешто постари татковци;

 

  • Во тимот пропагандисти на слогата и семејните вредности има (барем) двајца разведени и еден „технички“ неженет (Спасов, колку што разбрав, „ја побарал за жена“ својата партнерка, иако уште не е оженет, а е во статистички поодминати години за тоа), што е полошо од македонскиот просек од околу 15% разведени во однос на склучени бракови во 2014 г.;

 

  • Доколку од тимот се извади министерот Џери Наумоф (еден од десетината задолжени за привлекување на еве-само-што-не-дошле странските инвестиции), кој претставува очигледна статистичка аномалија со шест (со број: 6) деца во своето семејство (а кое, нормално, не живее во Македонија, па не е јасно дали воопшто имаат македонски државјанства), во преостанатиот дел од богобојазливиот тим на Груевски има еден со три деца (Пешевски), двајца со по две деца (Груевски, Јолевски), шесторица со по едно дете (Ставревски, Поповски, Тодоров, Канчевска-Милевска, Самак и Иванов) и четворица без деца (Јанкуловска, Ивановски и Спасов, иако за Јанакиевски не можев да востановам, без да му ја повредам приватноста, дали има или сѐ уште работи на проблемот да добие едно дете). Очигледно, низ густото популистичко семејно сито на нашата вмро-Влада се провлекле бајаги семејни параспури (над 65%!), односно, во просек, вмровскиот дел од владиниот тим што секогаш победува има само 0,9 деца по глава на министерско семејство, што е под македонскиот просек oд 1,4 деца по семејство (според пописот од 2002 г.) и што ги квалификува многу ниско на скалата на блискоста до Бога и многу високо на скалата на општествено-политичката семејно-проповедничка хипокризија;

 

  • Оваа состојба не би се подобрила – напротив! – ни ако во статистиката ги додадете ударните популистички пропагандисти на власта, едни Мартин Протоѓер и Илија Димовски, на пример, или ако го пресметате добриот дух што лебди врз сите нас и врз нашата интернет и телефонска комуникација, Сашо Мијалков;

 

  • Патем, во тимот за полова рамноправност има само две жени, а бидејќи во традиционалниот конзервативен популистички концепт на жените местото им е дома, да готват и да раѓаат деца, следствено, овие две вработени министерки вкупно имаат едно (со број: 1) дете, значи по половина по глава на женски министер, иако лошиот македонски просек е 1,48 дете по жена во државата.

 

ИДНИНАТА Е ВО ПРАШАЊЕ, А ТИЕ…

Ете, така изгледа реалноста во Македонија кога малку ќе ѕирнете зад агресивната државна пропаганда за миење мозоци на МТВ. За нејзината употреба им серија прашања кои остануваат неодговорени. Ако веќе ги има овие спотови, зошто за нивната содржина и мотив нема отворени јавни дебати? Зошто нивните нарачатели не излезат пред јавноста и отворено не ја објаснат нивната намена и цел и конечно, зошто самите медиуми не се позанимаваат посериозно со редицата отворени прашања околу овој пропаганден потег како доминантен во рекламните блокови на каналите на јавниот сервис?

Настрана тоа, што се поставува и просто прашање: зошто нашиве силни патриоти-првоборци не можат да стигнат барем до две, ако не до рекламираните три деца по македонско семејство? Затоа што кариерата и парите им се поважни од семејството? Затоа што сакаат да ја уништат иднината на Македонија, не само со своите дела, туку и со своите не-дела?! Затоа што Груевски, како и за повеќето суштински проблеми на Македонија, има погрешен пристап и виртуелни решенија? Затоа што не се свесни дека Албанците бројчано ќе го надминат бројот на правородени чистокрвни христијани, Македонци, до 2050 г.? Или затоа што барем на некои од нив сексуалните афинитети им се спротивни на меритумот на предложената уставна промена дека бракот во Македонија е заедница на маж и жена?

Конечно, дали низ нивната семејна неоствареност и фрустрираност, како што нѐ учат рекламите на МТВ, треба да се посматраат низата неуспешни и недемократски политики во државата?

Како и за бројни други теми, така и за оваа, популистите поставуваат вистински прашања, на кои даваат погрешни одговори. Ете, пребројте им ги децата, па ќе сфатите дека македонската нова популистичка елита не мисли дека, и кога е семејството во прашање, она што го бара од другите, треба да важи и за неа. Всушност, како и во многу други области, нашите актуелни политички предводници и во оваа област се дури и под неславниот македонски просек. Но, тоа помалку говори за предводниците, а повеќе за оние кои ги бираат да нѐ водат.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести