verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Да му се насмееме на деспотот

on 24 - 12 - 2014       
Познатите „контраразузнувачки обработени“ фотографии од неодамнешните протести каде поединци се обележени со црвени кругови. Извор: непознат - засега...
Познатите „контраразузнувачки обработени“ фотографии од неодамнешните протести каде поединци („внатрешниот непријател“ во овој случај) се обележени со црвени кругови (горе лево, извор непознат – засега…) и фото пародиите на студентите (сите останати фотографии, извор: ФБ). Обработка: СПФМ, 2014

 

„Kога еднаш духот на потсмевот и на моќта на луѓето ќе излезе од шишето, тогаш му нема враќање назад“. (Срѓа Поповиќ и Младен Јоксиќ, Foreign Policy, 05.04.2013)

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Во еден текст објавен во април минатата година во реномираното списание „Надворешна политика“ (Foreign Policy), двигателите на некогашното антимилошевиќево движење во Србија „Отпор“, Срѓа Поповиќ и Младен Јоксиќ, тврдат дека продемократските движења и нивните активисти во светот откриваат дека хуморот е едно од најсилните оружја во бобата против авторитарните режими. Ненасилниот отпор низ хуморот им се потсмева на диктаторите од сите меридијани, низ графити, заразни видеозаписи, низ песна и танц, карикатури, стрипови или стендап-комичари. Според нив, хуморот има клучна улога во градењето на самодовербата кај оние што протестираат, а се покажува и како исклучително успешен метод за привлекување нови поддржувачи на протестите, бидејќи е ефикасен во разградувањето на „малтерот“ на секој автократски режим – стравот.

Дополнително, автократите не знаат кое средство да го применат против сатирата на нивна сметка: забраните и притисоците само ја зголемуваат привлечната моќ на подбивањата, а суетата на диктаторите не може да си дозволи долго да ја игнорира таа „антидржавна“ и „непатриотска“ активност, особено што смислата на автократијата е сите да бидат акутно уплашени за својата иднина, а не народот по цел ден да се смее зад грбот на деспотот! Легитимитетот на автократот во добар дел се темели врз кредибилноста на заканата – како заканата да биде кредибилна ако владетелот е предмет на општ потсмев?!

Но, велат Поповиќ и Јоксиќ, „кога еднаш духот на потсмевот и на моќта на луѓето ќе излезе од шишето, тогаш му нема враќање назад“. Тогаш хуморот од маргинално, станува едно од централните средства за отпор.

 

СМЕЕЊЕТО ТЕ ПРАВИ СЛОБОДЕН

Дел од атрактивноста на студентските протести во Македонија е добрата смисла за хумор што ја манифестираат овие млади луѓе. Треба да сте навистина духовит за на експлицитната закана, што со заокружувањето на поединечни демонстранти ја шират медиумските курири на власта, да одговорите со црвени картонски ореоли закачени на вратот и повик сите да бидат заокружени! И, гледајте го ефектот: таквата прониклива духовитост истовремено е и оружје за исмевање на медиумските поданици на нашиот деспот, но и штит од нивната зла доушничка намера! Ем ги исмеваат курирковците, ем низ насмевката им ги покажуваат забите на отпорот!

Нема добар виц без тензија – поентата, имено, произлегува од парадоксот на невозможното кое, наеднаш, станува возможно! „Смеењето е ефектно – вели Кант – ако произлегува од напнато очекување, од тензија која се трансформира во ништо!“

Но, секој виц мора да содржи барем грам вистина за да може да биде смешен, а во недемократска држава да се каже вистината е веќе револуционерно само по себе. Еве, за илустрација, земете го следниов домашен виц предвид:

Влегува човек да купи бурек. Продавачката му дава четврт со сирење и му бара сто денари. „Па, нели четврт бурек со сирење е педесет денари?“, прашува изненаден купувачот. „Да, четвртот е педесет – и уште педесет за фамилијата“, вели продавачката.

И следниот ден човекот сака да купи четврт со сирење и дава сто денари на продавачката. Таа му враќа педесет. „А бурекот?“, прашува купувачот. „Бурекот се потроши!“, возвраќа продавачката.

Има ли подобар, пократок и подуховит опис на „духот на рекетарството“ во времето во кое живееме – вклучително и автоироничната поента насочена кон нашиот македонски менталитет да се покориме и, веќе следниот ден, да си се навикнеме на тоа, со бурекот, да ни наплаќаат и „фамилијарина“!

Или друг пример: со оглед на добро познатите состојби со независноста на нашето судство, ако кажете дека еден од нашите врвни политички водачи е целосен идиот, во нашиот суд нема да бидете осуден со 10.000 евра парична казна за клевета, туку со десет години строг затвор поради издавање државна тајна! (Ех-ех, од кај знаевте дека баш на него мислев?!)

Хуморот е демократско изразно средство. Тој бара слободна и критичка мисла која прави дистанца и од сопствената замислена големина. Оној што е духовит, тешко се доминира. Она што за демократскиот ум е духовито и што опушта, за угнетениот ум е конфузно, збунувачко, често и „неморално“, во согласност со новиот морал – ред, работа и дисциплина – на кој почива секоја автократија. Духовитоста ја поткопува послушноста, а без послушност нема лојалност за да се регрутираат следбеници.

Смеењето, всушност, те прави слободен. Духовно. Иако со телото, понекогаш, е сосема спротивно – познатиот бурмански комичар Зарганар беше осуден на 59-годишна затворска казна од воената хунта во Мјанмар заради вицовите што јавно ги раскажува, како овој:

Американците велат дека еден нивни сограѓанин, иако инвалид со само една нога, успеал да се искачи на Монт Еверест. Британците се перчат со својот херој кој, иако без раце, успеал да го преплива Атлантски Океан. Но, тоа не е ништо во споредба со нас, Бурманците – ние имаме диктатор кој, иако без мозок, нѐ владее цели 18 години!

 

А ТРИТЕ ЖЕЛБИ, БЕ!?

Кога го гледа човек нашиот популистички лидер – на „отворена седница“ на Владата, на повремени настапи на прес-конференции, понекогаш кога држи говор (кај жените-вмровки, на пример) или кога гостува во „неформална“ атмосфера кај јанко-миленковците на режимот и сл. – како се обидува да биде духовит, човек навистина да се трогне! Од медицината е познато дека смеењето е невролошки феномен кој зависи од различни психолошки варијабили, но со Груевски човек побргу да заплаче од жал, одошто од какви било траги на смеа. Добар дел од неговиот целосен недостаток од смисла за хумор е резултат на немањето чувство за контекст, за тајминг и за парадоксот на апсурдот (што се комплексни културолошки феномени за кои овде немаме време за губење), но кај Груевски не е тешко да се воочи и една потисната несигурност, страв од интелектуална изложеност што, потоа, се компензира со наводна морална супериорност и понизна искреност, исправен пред големите предизвици на историјата што провидението му ги дало баш тој да ги разреши во корист на напатениот народ! Всушност, кога Груевски се обидува да биде духовит, тоа ви е како да замислите талибанец како раскажува шега за сопствената вера.

А, тајната е во тоа што не постои добро чувство за хумор, ако не сте подготвен границите на тоа искуство прво да ги примените врз себе, пред тоа да го практикувате врз другите. Еве, на пример, јас можеби не сум многу духовит, но сум доволно дебел и ќелав за секогаш кога ќе застанам пред огледало да се сомневам дека сум вонбрачен производ на некаква летна авантура на Брус Вилис со некој сентиментален морж!

Да ја скратам приказната: лесно е да им се потсмевате на Заев и на опозицијата, но може ли некој да замисли Груевски да направи шега на своја сметка (за кривите нозе, за неможноста да изговори „р“, за лошиот успех во студирањето, за висината со која го обдарила природата, за изгледот на сопствениот нос, за фризурата – за што било, добога!) со што би ја насмеал публиката? Или тој навистина се плаши дека ако се пошегува на своја сметка – може да му се случи да умре од смеење?!

Всушност, кога го гледате нашиот преродбеник, ви се потврдува старата вистина дека деспотите можат да издржат да бидат мразени, презирани или да им се плашат; можат да истрпат и навреди и закани; но, не можат да издржат луѓето да им се смеат.

Затоа, дајте некој добар виц за Грујо, малку да се посмееме!

На пример:

Фатил Грујо златна рипка, а таа му вели: „Ќе ти исполнам три желби ако ме пуштиш“. И ја пуштил.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести