Балконска кражба како политички чин
Објавено во Рецензии
on 19 - 01 - 2016 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: Неоснованите напади на СДСМ врз КУРИР резултираа со упад во просториите од нашата редакција]
Ако на информативно гласило му се случи грабеж со кршење врата и се одземат од службените простории средства за работа, тоа, секако, е сериозна работа. Овој текст јавува за таков настан и дава изобилство фотографии кои треба да покажат – скршена брава!
Веројатно би се очекувало да има и неред во просторијата и други траги… Во секој случај, читателот би сакал да види прецизна вест. И тоа најпрвин околу начинот на кој криминалецот (криминалците) влегле во просториите, штетата која е направена, како и другите елементи од овој чин, кои секој што известува од слични настани би ги барал и би се интересирал да ги обзнани.
Но, написот се фаќа за СДСМ и го обвинува дека тој, со минатомесечните „атаци врз медиумот“, предизвикал упад во редакцијата. Дали се случил криминален или политички чин и како е пресечена оваа дилема?
Линк до оригиналниот напис: Неоснованите напади на СДСМ врз КУРИР резултираа со упад во просториите од нашата редакција
Датум и време на објавување: 11.01. 2016, 15:50
Датум на рецензирање: 18.01.2016
Рецензент: Љубомир Костовски
ОПОЗИЦИЈАТА ЈА СКРШИЛА БРАВАТА!
„По низата напади и закани кои изминатиов период беа упатени врз новинари на КУРИР, просториите на нашата редакција во текот на минатата ноќ беа цел на грабеж, односно провала од засега непознати лица кои насилно упаднаа во нашата редакција. Ова не е првпат просториите на КУРИР да бидат мета на напад. Секоjдневните неосновани атаци врз КУРИР како медиум од страна на разни опозициски структури, но и директно од најголемата опозициска партија СДСМ кулминираа со нов удар врз нашиот медиум“.
Интересен е воведот во текстот кој почнува со обвинување кое сугерира заклучок дека „опозицијата“ ги отворила „вратите“ на редакцијата која е ограбена?! Потоа следува информација од која не можете да сфатите која е штетата, како е таа направена, дали лаптопите се лични или редакциски, дали во нив, евентуално, имало информации до кои некој сакал да дојде… Нема ништо освен грст фотографии кои покажуваат едно исто, една оштетена брава на балконска врата, што е речиси – ништо. Таква брава би скршил, веројатно, и најситен џепџија! Никаков дополнителен податок што би ја покрил сторијата, а особено насловот.
За оние што не знаат, СДСМ навистина барем еден месец, а можеби и подолго, бара од порталот, но и од неколку други медиуми, да се легитимираат – да одговорат „кој е нивниот основач и како заработиле толкави профити кои ги прикажуваат во јавно достапни документи!“ Таа „кампања“ и би немала простор ако медиумот едноставно одговореше на тие прашања, кои, впрочем, ѝ ги должи на јавноста! Сега, одеднаш од „таинствена фирма“ се претвора во „жртва“ и така веројатно треба да престанат прашањата!
Написот, наместо да даде други, елементарни факти за провалата, влегува во шпекулација која за да биде „издржана“, текстот ја „покрива“со закана испратена по мејл, а која кон една новинарка, наводно, ја направил „член на СДСМ“. Од она што тука е ставено како заканувачки текст, ние не го гледаме мотивот – дали е тој политички, сентиментален или некој трет. Го гледаме само откриениот наводен идентитет на заканувачот, како тоа да е доволно?! Впрочем, што кажува дури и фактот дека тој бил член на некоја партија? Ако навистина бил – бидејќи немаме доказ, а познато е дека во големите партии има секакви поединци.
Од друга страна, ако веќе точно го знаеле идентитетот, секако има начин (законски-правни механизми) да се расчисти со тој „заканувач“. Дали тоа ќе ги спасело лаптопите? Тоа е прашање за кое ние немаме одговор, а не гледаме и дека оние на кои им се случил грабежот го имаат, иако од кражбата помина повеќе време.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
релевантни, нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови