verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Авторизацијата на текстот, деавторизација на новинарот

on 16 - 01 - 2016       
Актерите во контроверзното интервју: Шон Пен, Хоакин Гузман, викан Ел Чапо и Кејт дел Кастиљо. Фото: скриншот
Актерите во контроверзното интервју: Шон Пен, Хоакин Гузман, викан Ел Чапо и Кејт дел Кастиљо. Фото: скриншот

 

Интервјуто на актерот и активист Шон Пен со најпознатиот криминалец во светот, Ел Чапо, подигна многу прав. Мејнстрим медиумите му забележаа на авторот дека на „наркобосот“ му дозволил да даде авторизација на интервјуто, премолчувајќи дека тоа е речиси вообичаена практика и кај најголемите новинарски имиња.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Најпознатиот нарко-криминалец Хоакин Гузман, викан Ел Чапо, пред шест месеци на спектакуларен начин побегна од најчуваниот затвор во земјата, преку тунел кој со километри водел од неговиот тоалет, преку шини со моторцикл на нив, сè до светлината и до слободата. Неодамна, тој е повторно, по третпат уапсен и се наоѓа зад решетките. На ова му претходеше долго интервју што тој го водеше со актерот Шон Пен, како репортер на магазинот „Ролинг стоун“. На веб-страницата на магазинот може да се прочита дел од тоа интервју, а и да се погледне 17-минутна репортажа од средбата меѓу Чапо и актерот.

 

СРЕДБА СО КРИМИНАЛЕЦОТ КОЈА ГО ПРЕДАДЕ

Нема двојба дека потребата да се сретне со славни имиња практично го открила Чапо и го олеснила неговото повторно апсење. Од друга страна, мексиканските власти најавија дека ќе потегнат некакво барање за одговорност на Пен и на неговата помлада мексиканска колешка Кејт дел Кастиљо, која била посредничката заради полесен контакт со бегалецот и нивен преведувач. И тоа е едната страна на овој проблем, за кого да оставиме да се развие, бидејќи, не дека не е интересен и за оваа рубрика, туку сè уште го немаме обвинението на мексиканското правосудство, како основа за евентуална тема на релација криминал – медиуми.

Магазинот „Роу стори“ (Raw story) во јануарскиот број отвори дебата со оние критичари на потегот на Шон Пен да води и да објави разговори со Ел Чапо, во која збор земаат, главно, политичари и новинари што потегот на актерот го оценија како неетички. Можеби, како што тврди „Роу стори“, дел од нив и самите би сакале „да постигнат гол“, ама кога тоа нема да им успее, наоѓаат маани кај тие на кои им успеало да стигнат до најсокриваниот човек на планетава.

 

АВТОРИЗАЦИЈАТА И ЕТИЧНОСТА

Суштината на, условно, неетичноста е како Пен дозволил насилниот шеф на нарко-картелот Синалоа да се потпише на конечната верзија на интервјуто, објавено во магазинот „Ролинг стоун“, што ја повредувало новинарската етика. Едно правило на новинарството е да се осигура дека оваа тема, како и сите други, треба да го штити јавниот интерес и вистината. Ама ако се носи (испраќа во случајов) на интервјуираниот текстот за авторизација, во потсвест новинарот, односно репортерот секогаш ја има потребата содржината да му се допадне на оној кој дава виза, а тоа е во случајот Ел Чапо. Тој ја има моќта да одлучи која и каква „вистина“ ќе излезе на светлината на денот, при што јавниот интерес да имаме интервју со посочениот, односно објективното соочување со овој супер познат лик, ја губи вистинската цел, односно, како што велат во Америка некои, „го претрпува првиот пораз“.

„Овозможувањето на кој било извор на контрола врз содржината на приказната е неоправдано“, смета Андреј Симан, претседател на Друштвото на комисијата за професионален новинарска етика на САД, а мислењето го објави на својот блог пост. „Практиката на пред-одобрување ја дискредитира целата приказна. Писателот, кој во овој случај е актер и активист, може да ја напише приказната во поповолна светлина и да ги изостави непријатните факти, во страв тие евентуално да бидат одбиени“, додава тој.

Симан е, сепак, обвинет дека неговата комисија се разбудила од длабок сон, бидејќи, новинарите речиси редовно, иако се обучени да опстојуваат во таа професија и подобро да ги познаваат етичките правила, да ги доставуваат текстовите (обично интервјуата) на проверка, односно авторизација.

Интервјуто со Ел Чапо во „Ролинг Стоун“. Фото: скриншот
Интервјуто со Ел Чапо во „Ролинг стоун“. Фото: скриншот

Притоа, во овој магазин се вели дека приватни интереси често имаат големо влијание во вестите од САД и честопати го корумпирале интегритетот на медиумите во земјата. Вообичаено е новинарите да знаат дека не треба да бидат критични кон оние фирми што им даваат реклами и така ги финансираат нивните работни места. За тоа се говори ретко или нималку, за да не се налутат сопствениците на медиумите или оние кои се нивни финансиери!

 

КАВГИ ОКОЛУ ДОЛЖИНАТА

Професорката Жане Трпевска од Македонскиот институт за медиуми смета дека од аспект на новинарската етика, ставот на Андреј Симан е исправен. Журналистот мора да внимава само на јавниот интерес и во принцип тој мора да има дистанца од соговорникот и да има критички однос кон чие било дејствување, додека давањето на текстот на авторизација го релативизира тој однос. Новинарот не треба да дава текст на авторизација, а оној кој е цитиран или интервјуиран може да реагира по објавувањето ако нешто не е во ред со одговорите или изјавата.

Од искуство на потписникот, исто така, може да се рече дека авторизацијата на текст, обично интервју со „големите ѕверки“ во општеството, е правило, а дека честопати потоа има и кавги, особено кога интервјуто е предолго, па мора да се скрати. На медиумите потоа не им се дава дозвола за објавување или се проблематизира правото искажаното да го прилагодат на својот простор или време.

Публицистот Дејвид Сирота во 2006 година подигна доста прав кога во својата книга „Непријателско преземање“ (Sirota, David Hostile Takeover: How Big Money and Corruption Conquered Our Government—And How We Take It Back. Three Rivers Press) го отвори и прашањето на одржување на специјални односи на одредени медиуми и новинари со врвни политичари од Сенатот или Конгресот, па и со Белата куќа. Вниманието на политичарите се добива преку консултации, со давање интервјуа на „додатна корекција“ или дури и со давање текстови за трети лица на „аминување“ во стилот „што мислите, дали е добро ова да го објавиме“… Таа врска меѓу мејнстрим медиумите и високата политика, која преминува во пријателство, потоа се користи за да се добиваат на привилегиран начин вести или сознанија од креаторите на настаните и на тој начин да се добие привилегија на пазарот, да се „победат“ конкурентите.

 

ИСКУСТВА НА ПОРТПАРОЛОТ

На ова реагираа и многу познати весници, како „Њујорк тајмс“, кој книгата на Сирота најнапред ја пофали и ѝ даде позитивна рецензија, кога таа се појави, а потоа и стана бестселер, но потоа нападна одредени ставови во неа. Се одеше дотаму да се приговара дека споменатиот не е новинар и дека нема точни сознанија за работата во редакциите. Но, Сирота беше долго време портпарол кај Демократската партија (кај Бил Клинтон, на пример) и добро ги знае релациите меѓу високата политика и журнализмот.

„Роу стори“ смета дека споменатиот вид на етички прекршок се јавува почесто во новинарството отколку што медиумите би го признале. Случајот на Шон Пен се отвора бидејќи тој, како автор, и не припаѓа на кругот на новинарите – професионалци , односно неговото дејствување изгледа како „крадење на лебот“ на професионалното новинарство.

Факт е дека интервјуто, а потоа и барањето авторизација, им помогнаа на ФБИ и на мексиканската полиција да го лоцираат Ел Чапо, а деновиве и третпат да го уапсат! Исто така, треба да се спомене дека Шон Пен не зел ниту долар хонорар за сторијата!

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести