verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Асимптоматски“ не значи отсуство на зараза, туку отсуство на симптоми

on 15 - 06 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Јакимовски: Ако сега се тестираат асимптоматски граѓани, зошто имаме зголемен број на починати??]

Иако написот е објавен во рубриката „Вести“, не се работи за никаква новинарска вест, туку за пренесување од збор до збор на фејсбук-статусот на Стевчо Јакимовски. Тоа значи дека објавениот напис ги повторува не само изворните правописни и печатни грешки, туку и неточностите коишто Јакимовски ги пласира во јавноста.

Оригинален напис: Јакимовски: Ако сега се тестираат асимптоматски граѓани, зошто имаме зголемен број на починати??

Датум на објавување: 11.06.2020, 21:49

Датум на рецензија: 13.06.2020

Рецензентка: Ана Мишковска Кајевска

Јакимовски  се прикажува себеси како разоткривач на наводните лажни вести што ги пласира Дамјан Манчевски. Тоа наводно разоткривање Јакимовски го прави на два начина.

Првиот начин е со поставување на прашањето:

ако сега се тестираат асимптоматски граѓани зошто сега имаме зголемен број на мртви во однос на претходниот период?

Поставувајќи вакво прашање, Јакимовски не само што ни потврдува дека не е експерт на темата, како што и самиот вели, туку и ни покажува дека не ја познава ниту најосновната медицинска терминологија. Имено, поимот „асимптоматски“ укажува на отсуство на симптоми, а не на отсуство на зараза. Оние што знаат што значи „асимптоматски“ не се чудат дека и лица, кај кои не се присутни вообичаените, т.е. очекуваните, знаци на конкретната зараза, можат и да умрат од неа.

Вториот начин на кој Јакимовски се обидува да го разоткрие Манчевски е преку споредба на бројката на новозаразени лица во Северна Македонија со онаа во Србија: На 11.06. во Србија само 1,4% од новотестираните лица биле заразени, додека кај нас таа бројка изнесувала „скоро 18%“. (Процентот е точно 18, а не „скоро 18“, како што вели Јакимовски.) Јакимовски, значи, сака да укаже дека зголемениот процент на новозаразени лица во државава не се должи на зголемениот број на тестирања, како што тврди Манчевски, бидејќи Србија, со сличен број на тестирања по жител, има далеку помалку новозаразени лица.

Само ден по овој фејсбук-статус и неговото пренесување од страна на Курир, висококвалитетниот српски дневен весник „Данас“ објави дека самиот производител на брзите серолошки тестови, коишто примарно се употребуваат во Србија во последно време, вели дека нивниот негативен резултат не укажува нужно на отсуство на зараза.

Ова значи дека процентот, на кој Јакимовски се повикува, не може да се земе како веродостоен показател на бројката на новозаразени лица во Србија. Земајќи ја Србија за споредба, Јакимовски си ја сече гранката на која седи, односно користи аргумент што ни оддалеку не го поткопува тврдењето на Манчевски. Иронијата станува уште поголема ако се земе предвид подбивниот и патерналистички тон со кој Јакимовски му се обраќа на Манчевски: „Дамјанче е сè уште млад и затоа постар Чичо ќе му каже“.

Проблемите со овој фејсбук-статус и неговото објавување како вест не престануваат тука. Дури и ако тестовите што се користат во Србија би давале веродостојни резултати, ситуацијата во двете земји не може издржано да се спореди само врз основа на процентот на утврдени новозаразени лица во еден единствен ден. Уште помалку може да се даде на тој начин издржана оценка на владините мерки за справување со заразата. За да се дојде до такви сознанија треба да се споредат многу повеќе податоци од многу повеќе земји.

Иако, Јакимовски претенциозно ја претставува својата споредбена анализа како удирање на извртените тези право во центар, односно разбивање на лажните вести, резултатот на неговата споредба не е ништо друго освен манипулација – верно пренесена од страна на „Курир“.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести