verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Арта Тахири: Основен критериум за напредок во новинарството треба да бидат квалитетот и професионализмот

on 24 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

Арта Тахири
Арта Тахири

 

Пишува: Бењамин Арифи

Арта Тахири е една од најистакнатите медиумски лица во новинарството на албански јазик во Македонија. Нејзиното патување како новинар опфаќа период подолг од две децении и качување на сите скали на професијата, од 1995 година со „Гласот на Куманово“, потоа во ТВ „Феста“ до 2000 година, ангажманот во јавниот сервис МТВ до 2006 година, соработката со ТВ „Еј-би-си њуз“ и ТВ „Клан“ во Тирана… Пред една деценија беше едно од лицата со кои се идентификуваше екранот на ТВ „Алсат М“, тогаш нова телевизија на албански јазик во Македонија, каде се врати по долгогодишна пауза, овојпат како водителка на дебатната емисија „Патот кон“.

Со Арта Тахири разговараме за предизвиците со кои таа самата се соочува во подготвување на емисијата и во професионалните ангажмани, за досегашните успеси, како и општо за ситуацијата во професијата, политиката и во општеството.

 

Се наоѓате на крајот од првата сезона како модератор на емисијата „Патот кон“. Како го проценувате Вашето прво поглавје во оваа нова област на Вашата кариера?

Арта Тахири: Во новинарство сум од 1995 година, што значи повеќе од две децении, уште како средношколка. Секако дека во овие години се соочив со разни професионални предизвици, често сум имала и тешки моменти, но, над сè, сум имала добри периоди, многу интензивни и со многу професионална страст. Во ова долго професионално патување, мојата специјализација била веста, нејзината подготовка и соопштување, иако често можела да биде горка за јавноста, бидејќи во новинарството важи и сега правилото дека „лошата вест е добра вест“. Тргнувајќи од овој факт дека секогаш сум била блиску до настаните, често дознавајќи ја веста во реално време, политичката дебата што ми беше понудена од раководителите на ТВ „Алсат М“ повеќе беше нормален тек во мојата кариера. На крај на првата сезона на политичката дебата „Патот кон“, можам да кажам дека истата беше над моите професионални очекувања и, што е најважно, над очекувањата на раководството на „Алсат М“.

Ова  беше еден бурен период, со многу ангажмани, но кога крајот на сезоната се евидентира со успеси, со достигнувања во поглед на гледаност и, што е најважно, во димензија на довербата , тогаш можам да кажам дека првите чекори во „Патот кон” биле плодни. Кога првиот чекор е сигурен, вториот и тие што доаѓаат по него ќе бидат уште посигурни и со повеќе позитивни ефекти.

 

Оваа е политичка емисија со значителна гледаност, со тежина за гледачите на „Алсат М”, но и за албанската политика во земјава. Дали чувствувате дека оваа тежина сега веќе тежи над вас?

Арта Тахири: Ова е емисија со голема гледаност, дури и податоците од мерење на гледаноста покажуваат дека „Патот кон“ е убедливо најследената политичка дебата во Македонија. Овој резултат повеќе му го припишувам на фактот дека оваа дебата од почетокот настојувала да биде соочување на аргументи, а не на празни зборови. Колку успеала во тоа покажува јавноста, бидејќи оваа е една од тие емисии што јавниот интерес го смета за примарен.

Мора да се каже дека еден дел од заслугите за постигнатиот успех го има и екипата и тимскиот дух што владее во Алсат М, бидејќи без соработка со колегите не би биле тука каде што сме, ни како телевизија, ни како политичка дебата. Секако дека станува збор за голема тежина, но, која благодарение на искуството што го имам во телевизија, и не тежи толку многу. Се трудам секогаш меѓу тежината на „памукот“ и на „железото“ кога е во прашање работата во телевизија, да ја одберам секогаш првата, значи работата да ја вршам со леснотија, без некое оптоварување или влијание од надворешни фактори. Се разбира дека кога една работа ја вршиш со желба и со воља, успехот не недостига. Друга формула нема! Ова може да биде и апел до сите млади новинари. Талентот да, важен е, но талентот без работа останува само неискористен талент.

 

Како ја гледате иднината на оваа емисија? Дали планирате промени во програмата во иднина?

Арта Тахири: Иднината на оваа емисија се очекува да биде продолжување на веќе започнатото патување. Не се очекува да има големи промени во поглед на форматот. Анализата на најважните настани ќе продолжи да биде дел од емисијата, слично како и досегашниот формат, со директни прашања. Со раководителите на Алсат М дискутираме за времетраењето, бидејќи сме забележале дека често има потреба за повеќе време за дебата, пред се поради длабоката политичка криза, низ која минува Македонија.

 

13433999_10206559015559400_605380264_n

 

Имаше полемики дека главните политички емисии не можат да ги соочат парламентарните партии ДУИ и ДПА со другите опозициски партии. Дали тоа е ваш избор или барање на партиите?

Арта Тахири:
Факт е дека во „Патот кон“ учествувале сите политички актери во Македонија,  со исклучок на ВМРО- ДПМНЕ. Учествувала и ДПА, по 10 годишниот бојкот кон Алсат М, беше интервјуиран и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а биле и другите политички лидери на албанските партии. Имало неколку коментари дека во „Патот кон“ не се соочуват ДУИ и ДПА со другите албански партии во Македонија.

Во „Патот кон“ би сакала да има отворени политички соочувања, но вистината е дека ДУИ и ДПА зазеле политички одлуки, кои и ги пренесоа на ТВ Алсат М, дека нема да учествуваат во дебатни емисии со другите политички партии: БЕСА, ДР-ДПА, Унитети и НДП, бидејќи според нив, овие четири партии не се легитимирани на избори. Значи ДУИ и ДПА прифаќаат да се соочат само меѓу себе. Истовремено, соочувањето во политичкиот камп на новите субјекти не беше толку добро. БЕСА не прифаќаше соочување со ДР-ДПА, ДР-ДПА не прифаќаше да седне на дебата со НДП од Фадил Зендели, додека пак прифаќаше да седне со НДП од Весел Мемеди, додека Унитети не правеше такви условувања. Сето ова најдобро ја покажува фрагментацијата  на политичката сцена. Затоа одговорите за неподготвеноста на политичките партии за политичко соочување, сум го рекла и во емисија, не треба да ги бараат кај „Патот кон“, туку кај политичките партии.

Емисијата продолжува да биде отворена, да биде отворен форум за сите политички партии. „Патот кон“ ќе продолжи да ја негува отворената и демократска дебата во општеството на Македонија, ќе има простор за сите политички субјекти, било на власт или опозиција, било македонски или албански, но ќе има значителен простор и за ставовите на експертите и аналитичарите, како и за гласот на граѓаните. И во септември дебатата ќе фокусира на политичката криза, на разговорите, но ова не значи дека нема да се третираат и други политички теми. Во оваа емисија вратите ќе бидат отворени за сите тие што сакаат да го искажат своето јавно мислење за политичките и општествените настани. Бидејќи сме убедени дека јавната дебата во Македонија била многу инертна, ќе се потрудиме да создадеме соочување на ставови, но и на политички опции и на овој начин ќе му понудиме на граѓанинот можност сам да пресуди кој е на правиот пат. Како модератор на емисијата ќе се потрудам да донесам во студиото различни страни, различни луѓе што имаат различни визии и ставови, но заедничко за оваа емисија ќе биде култивираната, аргументирана дебата и без навреди врз лична основа. Секогаш мора да победи идејата.

 

Ако треба да одберете меѓу презентирање на вести и водење на емисијата „Патот кон…“ кој би бил вашиот избор?

Арта Тахири: Всушност јас никогаш не сум се откажала од вестите, бидејќи сметам дека веста не само што е основа на новинарството, туку кога станува збор за телевизијата, таа е душа на телевизијата. Не презентирам вести, но сум уредник на информативните изданија, паралелно со водење на дебатата. Значи, накратко, оддалечувањето од вестите за мене значи оддалечување од телевизијата.

 

Како гледате на фактот дека се зголемува бројот на жени што се здобиле со големи одговорности во албанската медиумска сфера во Македонија?

Арта Тахири: Не го гледам како изненадувачки тренд, туку нешто сосема природно. Сепак овој тренд не е доволен, значи треба да има уште повеќе жени што имаат уредничка одговорност, но и менаџерска во албанските медиуми во Македонија. Можеби не сум јас да поставам мера, значи не сум за статистичка полова еднаквост, но сметам дека ова е позитивен тренд, бидејќи во новинарството жени имало секогаш, конкретно во известување, но според некое непишано правило, уредниците и главните уредници биле мажи, но за среќа оваа дискриминаторска пракса се смени. Се разбира дека не сум за еднаквост или застапеност на жените колку за да се види, туку за квалитетна застапеност, значи основен критериум да се квалитетот и професионалните вредности за унапредување во новинарство. Како кај жените, така и кај мажите.

 

Како ги гледате последните политички настани во земјава и улогата што ја играат албанските медиуми во нив?

Арта Тахири: Фактот што албанските медиуми се двојазични, има свое влијание не само во медиумскиот амбиент, туку и во политичкиот. Секако дека емитувањето и на македонски јазик влијае за да имаат импакт и во македонскиот камп. Истражувачките податоци и разните мерења покажуваат дека Македонците, немајќи сигурни медиуми, често како референтна точка за нивно информирање ја имаат ТВ Алсат М, што е добар и позитивен сигнал кој покажува дека албанските медиуми напредуваат во поглед на професионализмот.

 

Вие сте сопруга на еден новинар и познавач на медиумите. Колку влијаел вашиот сопруг во вашата професија и колку вие во неговата?

Арта Тахири: Да, вистина е. Ние сме бином не само во животот, туку и на работа, бидејќи сме од истата професија. Да не беше новинарството, не знам дали ќе се познававме, бидејќи се запознавме во телевизија, значи дека медиумот е нашата судбина. Сефер Тахири, како што знаете, е новинар и медиумски истражувач во Македонија, со околу две децениско искуство во медиуми, затоа соработката со него му дава позитивни резултати. Заедничко за нас двајца е строгата политичка критика. Сефер се занимава многу со детаљи, бил и сам модератор на политички дебати во Македонската Телевизија, учествува на телевизиски политички дебати. Најтешкиот дел не е дебатата, туку дебатата врз дебатата.

Често морам да ги прифатам критиките, но не секогаш! Сепак ние се исполнуваме еден со друг и секогаш било вака, од моментот кога се запознавме во телевизија. Разменуваме идеи и мислења, а бидејќи соработката е меѓусебна, се трудам да придонесам за да му ги олеснам многуте ангажмани што ги има во факултетот, институтот и во други сфери.

 

Каков е вашиот професионален однос со медиумите во Албанија, бидејќи еден период се биле нивен соработник/дописник за Македонија?

Арта Тахири: Имам многу коректен однос, многу професионален и сметам дека медиумите во Албанија се најсветлиот, можеби најдобриот дел од личната карта на Албанската држава во светот. Тие се многу напред, шампиони се во регионот, ги следат европските технолошки трендови, но и разните барања на јавноста. Значи, можеби во Албанија има многу негативни појави, но медиумите се светлата точка во развојот на општеството.

 

Кога за прв пат ја осетивте тежината од тоа да се биде јавна личност?

Арта Тахири: Ова можеби се случи во 2001-та година, кога беше периодот на оружениот конфликт во Македонија. Бев модератор на вестита во Програмата на Албански Јазик на Македонската Телевизија. Требаше да модерирам многу директни врски од конфликтниот терен со новинарите-репортери и дописниците од Тетово и Куманово, често да имам поканети во студио политичари, меѓународни претставници, аналитичари и новинари и овој амбиент сам по себе ти го создаваше чувството на важност на јавната тежина на новинарската професија.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести