verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Андреј Жерновски се пријавувал како невработен

on 18 - 03 - 2013       

Едностран напис, со елементи на клевета и обид за нарушување на угледот на опозицискиот кандидат за градоначалник Андреј Жерновски, на сметка на кандидатот на владејачката партија, Владимир Тодоровиќ.

Рецензија: Андреј Жерновски се пријавувал како невработенЛинк до оригиналниот напис: Андреј Жерновски се пријавувал како невработен

Датум и време на објавување: 14.03.2013, 20:54

Датум на рецензирање: 15.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Единствен извор на фактите кои се опишани во текстот е телевизија Сител, од каде што порталот Курир ја презел веста за Жерновски. Порталот не направил обид да ги провери овие факти, па според тоа, не може да се каже дали фактите се проверени, точни и веродостојни.  Најмалку што можел порталот да направи е да ги провери сите факти кај самиот кандидат за кој се зборува во написот.

Со оглед на тоа што се наоѓаме среде изборна кампања и што сите кандидати се постојано меѓу новинарите, мошне е веројатно дека лесно би стапиле во контакт со Жерновски, кој самиот, ден потоа, одговори на овие навредувачки наводи.

Освен тоа, написот содржи со докази непоткрепени факти за целината на изборниот процес (наводот дека кандидатот Тодоровиќ „убедливо води“ пред Жерновски).

Извори на информации: Единствен извор на информациите е телевизија Сител. Телевизијата не може да се смета за официјален, релевантен и веродостоен извор. Освен тоа, информацијата на телевизија Сител (изворникот) исто така не се потпира на официјален и веродостоен извор.

Веста на Курир, пак, целосно се потпира на информациите што ги објавува телевизијата, без да направи обид да ги провери, да дополни или да спротивстави со други извори на информации.

Содржајност: Написот не е сеопфатен, со оглед на тоа што не е прашана втората, директно засегната страна, за сериозните обвинувачки наводи. Ставот на засегнатиот Жерновски  имавме можност, ден потоа, да го дознаеме преку други медиуми, кои објавија вест за неговата прес-конференција, на која тој најави тужба за клевета на телевизија Сител и за новинарката од Вечер, кои првично ги објавиле обвинувачките и деградирачките наводи за него.

Ден потоа, значи, Жерновски, чувствувајќи се повикан и лично засегнат, но не и прашан од медиумите, одговори дека станува збор за невистини и ги демантираше сите наводи објавени на Сител, објаснувајќи дека оттаму погрешно разбрале дека има два стана, заведени од промената на името на улицата на која тој живее.

Пристрасност: Написот изобилува со политичка пристрасност и наклонетост кон противкандидатот на Жерновски, Владимир Тодоровиќ, за кого се вели дека е во убедливо водство пред Жерновски. Уште повпечатливо е и коментирањето дека „кандидатурата на Жерновски е еден од поочигледните примери за лошите кандидати на СДСМ“, што е наведено уште во првата реченица од текстот. Пристрасноста, всушност, „се чита“ низ целиот текст, кој е обид целосно да се оцрни и деградира кандидатот на опозицијата.

Потпирајќи се на непотврдени наводи (кои подоцна ќе се покажат како клевети, барем според исказот на (засегнатиот), написот тврди дека Жерновски соработувал со извесна градежна фирма, со што се објаснува неговото поседување на три стана. Со овие непотврдени наводи, се спинува теза дека Жерновски, всушност, е дел од она што во Македонија колоквијално се нарекува градежна мафија.

Коментирање: Низ целиот текст, всушност, се пренесуваат коментаторски елементи, кои се измешани со наводите со претензии да бидат факти. Целта е да се оцрнат ликот и делото на кандидатот Жерновски. Почнувајќи од тоа дека е „најлош кандидат на СДСМ“, потоа дека „нема ниту еден настап по кој се памети“, дека „прави обид своето вработување да го реши како градоначалник“, дека „иако без приходи… има три стана, што е реткост и кај оние кои се најуспешни во своите професии“. Овие коментари се клевети и навреди, поради кои Жерновски веќе најави судска разврска.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот, во кој е предадена една наводно „сензационална“ информација, веднаш го информира и упатува читателот дека во написот ќе се критикува личноста, чие име е наведено.  Во самиот наслов, кој е очигледно тенденциозен, има елемент на деградирање и навреда на опозицискиот кандидат за градоначалник на општина Центар.

Говор на омраза: Во написот има очигледен обид за деградирање на личноста на кандидатот Жерновски  и за дискриминација по политичка, но и по социјална основа. Имено, на Жерновски за грев му се зема тоа што претходно немал ниту ден работено во стопанството, како што бара телевизијата, туку бил „само“ советник или пратеник. Не можат и не е задолжително сите кандидати за градоначалници да биле вработени „во стопанството“. За достоинствена работа се смета и таа во другите области на општествениот живот, вклучувајќи ја и политиката. И секако, не може да биде предмет на критика тоа што некој во одреден дел од животот бил невработен, ниту пак да се тврди дека тоа што некој има повеќе станови задолжително мора да биде резултат на успех во работата и во кариерата (што ако станува збор за наследство, на пример?).

На Жерновски му се замерува и тоа што наводно примал социјален надомест за невработени (нејасно е дали е тоа точна информација) и дека бил на апанажа, иако тоа се законски дозволени можности и социјални права, а овде се сугерира дека станува збор безмалку за кражба и злодело.

Овој текст е класичен пример на деградирање на една личност, низ стигматизација поврзана со неговиот социјален статус.

Заклучок:  Целта на овој едностран текст е да го оцрни кандидатот на опозицијата за градоначалник на општина Центар, именувајќи го како „најлош“, „невработен“ и слично, со што се инсинуира на слабост во неговата способност за работа. Станува збор за напис кој дискриминира по социјална и политичка основа, со намера да се фаворизира противкандидатот на Жерновски.

Написот на Курир, иако е преземен од телевизија Сител, не прави обид да ги провери фактите што ги преобјавува, што го доведува во категорија на едностраност, политичка пристрасност и продолжување на негативната кампања која провладините медиуми  ја спроведуваат кон кандидатите од опозицијата.

Рецензија: Андреј Жерновски се пријавувал како невработен

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести