verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Ало докторе“ – проект на медиумите или на Министерството за здравство?

on 14 - 11 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Фото: Влада на РМ

Фото: Влада на РМ

 

Не е јасно зошто медиумите влегоа во овој проект на ваков начин и ја прифатија улогата на „огласна табла “ на Министерството за здравство.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Законот за медиуми на Република Македонија во членот 2 на многу експлицитен начин објаснува дека улогата на медиумите како средства за јавно информирање е:

„дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност.“

Акцентот што се става на терминот „уреднички обликувани содржини“ подразбира дека содржината која ја нуди медиумот треба да е конципирана во согласност со сите новинарски правила, односно да не се претвори во огласна табла за определена активност на некој државен орган или друга институција (приватна или државна).

За жал, една активност на Министерството за здравство, која, генерално, може да се оцени како позитивна за пациентите, се заканува да ги претвори медиумите во огласна табла на овој државен орган. Станува збор за проектот „Ало докторе“, кој постепено се трансформира од активност на Министерството за здравство во проект за рекламирање (запознавање со функциите) на медицинскиот персонал во нашата земја.

Овие наслови во ваква или слична форма многу често може да се прочитаат во нашите медиуми од воспоставувањето на оваа можност за телефонски контакт со специјалисти од различни области. Ако ја прочитате содржината на овие прилози, ќе видите дека во неколку реченици се информира кој лекар бил дежурен во изминатите денови и колку јавувања биле реализирани или, што е уште поподатливо за анализирање, се најавува кој ќе биде дежурен во некој следен термин.

Сакале или не, како читатели (гледачи, слушатели) имаме можност да ги дознаеме сите оние кои се вклучени во „Ало докторе“ од нивните потесни специјалности, па сѐ до функцијата која ја извршуваат на некоја од клиниките во земјава.

 

ШТО САКААТ ДА ПОСТИГНАТ МЕДИУМИТЕ?

Во веќе споменатиот Закон за медиуми, во членот 7, постои обврската:

„Издавачите на медиуми се должни на барање на надлежен државен орган или тело, без надоместок, да објавуваат соопштенија, како и службени изјави на надлежните државни органи или тела во случај на воена состојба или непосредно загрозување на независноста и суверенитетот на Република Македонија, во случај на големи природни непогоди, техничко-технолошки и еколошки несреќи и епидемии кога постои опасност за животот и здравјето на луѓето и сигурноста на земјата.“

Информирањето за тоа кој лекар денес или утре ќе одговара на телефон е далеку од некоја законска основа за таква обврска. Токму од тие причини не е јасно зошто медиумите влегоа во овој проект на ваков начин и ја прифатија улогата на „огласна табла “ на Министерството за здравство.

Неспорно е дека кога почнува некој нов проект од која било сфера, а посебно од здравството, кое е важно за секој граѓанин на една земја, добро е да се информира за начинот на кој тој ќе се одвива. Но, ако од медиумот се бара да соопштува редовно кој кога ќе ординира на телефон, можеби попрофитабилно и за нив би било да побараат ваквите соопштенија да бидат пласирани во делот за огласување, каде би можеле и да ја наплатат својата услуга. Вака, како што сега се практикува, навистина е дегутантно да се читаат (слушаат, гледаат) прилози од типот:

„Докторот Н.Н. подели телефонски совети на 200 пациенти за време на своето дежурство во периодот до 22 часот.“

Ако веќе имаат намера да се вклучат во известувањата за проектот на Министерството за здравство, добро е новинар(к)ите да се позанимаваат со посуштински работи. На пример, на порталот на Здравство 24 мк ќе прочитате дека:

„за медицински совет, соодветна симтоматска терапија и пренасочување на повикот кон службата за итна медицинска помош 194 имало 207 јавувања во 24 часа.“

Овие податоци се минорни и не ги интересираат читателите (слушателите, гледачите) освен ако, евентуално, не го бирале посочениот број па добиле зафатена линија. Многу посуштествено е да се дознаат ефектите од проектот.

 

АНАЛИЗИ НЕМА, ПОПЛАКИ НЕМА

Неколку медиуми делумно понудија такви информации:

Нетпресс“ напиша дека: „најчесто граѓаните бараат совети од областа на педијатријата, доколку чувствуваат некаква болка, за респираторни и кардиоваскуларни проблеми.“

 

А1 он“: „Зголемениот број реализирани повици на линијата и позитивните реакции на пациентите покажуваат дека тие се задоволни од функционирањето на линијата. Сите јавувања се снимаат, искуството е позитивно и досега нема ниту една забелешка од граѓаните.“

 

Плусинфо“: „Праксата покажува дека и само разговор со лекарот им помага на граѓаните за да се смират и да се најде решение, односно да примат соодветна медицинска помош или пак да бидат препратени на понатамошни испитувања.“

Интересен е и заклучокот дека ниту еден од граѓаните кои се јавиле на телефонот на „Ало докторе“ не се пожалите на советот добиен од докторите. Меѓутоа, ова се пренесува само како факт од прес-конференција на претставник од Министерството за здравство без воопшто да биде проверено од новинар(к)ите.

Факт е дека, од страна на медиумите, проектот „Ало докторе“ генерално се третира како позитивен и прифатен од граѓаните за разлика од еден друг проект на истото министерство, „Мој термин“, за кој реакциите се почесто од негативен аспект и покрај обидите на надлежните да го афирмираат и преку медиумите да го наметнат во јавноста.

Сепак, не смее да се заборави дека ,,Ало докторе“ е опција која можеме, но и не мораме да ја искористиме. Верувам дека не е мал бројот на читатели (слушатели, гледачи ) кои иако знаат, немале потреба да го искористат овој телефонски број кој се промовира преку медиумите. Можеби тоа е и причината поради која нема поплаки за него, бидејќи советот кој ќе го добиете преку телефон не мора и да го практикувате ако сметате дека не е соодветен со вашата здравствена состојба.

Објаснувањето дека во Естонија, Молдавија, Англија, Австралија, Германија и во други земји функционира телефонска линија за здравствени совети е сосема легитимно од страна на медицинските власти во земјава, но никаде не можеме да прочитаме дека медиумите во овие земји секојдневно водат статистички податоци и информираат колку граѓани (пациенти) побарале совет на ваков начин.

Се поставува и прашањето дали е ова проект на Министерството за здравство или е проект на медиумите од Република Македонија?

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести