verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Албанските медиуми во Македонија со објективен пристап кон СЈО

on 25 - 02 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански
Сосема друга приказна - телевизиски станици на албански јазик. Фото: скриншот
Сосема друга приказна – телевизиски станици на албански јазик. Фото: скриншот

 

Фактот што дури 82,7 отсто од анкетираните македонски Албанци имале позитивен став кон специјалната обвинителка Јанева и кон нејзиниот тим се должи и на отсуството на негативна кампања во медиумите што се консумираат од овој сегмент на населението

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Анкетата што ја направи телевизија „Телма“ неодамна, во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка, несомнено кореспондираше со многу актуелни политички теми кои нè мачат сите. Едно од тие прашања е, секако, дали Специјалното јавно обвинителство ќе успее во својата мисија, дали ја има поддршката од јавноста и дали политичарите утре ќе бидат виновни што на оваа нова институција така безмислосно ѝ го трошат времето?

Да потсетиме дека анкетираните на прашањето „Дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да поднесува обвиненија?“, 62,8 отсто се изјасниле со „да“, додека против биле 28 отсто. При тоа, позитивниот одговор кај анкетираните Македонци бил 56,5 отсто, 36,1 се изјасниле со „против“, додека кај Албанците позитивен одговор дале дури 82,7 отсто, а само 10,6 отсто биле против!

„Ова е најјсно изразена волја на граѓаните во однос на сите прашања што им ги поставивме“, вели Атанас Кировски, директорот и главниот и одговорен уредник на „Телма“ и додава: „Дури две третини од граѓаните се за тоа СЈО да има продолжен мандат и тоа е императив и за партиите! Ова секако посебно важи за албанските партии кои не можат да не го слушнат тоа плебисцитарно изразување на волја кај своите гласачи. Индикативно е дека и во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, партија која продуцираше негативна кампања кон СЈО, има 20 отсто од симпатизерите кои ѝ даваат поддршка на Катица Јанева и на нејзиниот тим“.

Кировски смета дека по целата оваа транзициска хаварија која трае повеќе од 20 години кај нас, сè поголема е желбата за правда и таа се олицетворува токму во СЈО.

Врската меѓу СЈО и „Вистината за Македонија“, кампањата на СДСМ, да речеме уште и не на оној начин за кој за неа пишува и говори провладиниот пропаганден сервис, ја отвора таа перспектива дека транзициската спојка политика – финансии ќе падне. Значи, сигурно дека овие ситуации со „бомбите“ на Заев имаа и едно општо влијание, секако, независно од етничката перцепција. Така можат да се оправдаат и промените кај јавното мислење.

ИРИ ќе констатира во декември 2015 г. дека 16 месеци по претходното испитување на јавното мислење во мај 2014 година, покажало дека до октомври 2015 година рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ паднал од тогашните 34 на 24 отсто. Пресметано во проценти или во гласови, тоа значи дека партијата на Груевски за само 16 месеци изгубила една третина од гласовите или 160.000 гласови. Неговите аналитичари можеле да пресметаат дека победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, според истражувањето кое им е омилено да го цитираат, во овој период откако трае бојкотот на опозицијата на Собранието и откако се емитуваат прислушуваните разговори, губела во просек по 10.000 гласови месечно, со што се стопила нивната поддршка од граѓаните и се вратила на ниво од 320.000 гласови, колку што освоија на изборите во 2006 година.

Ова со прислушуваните разговори и формирањето на СЈО на СДСМ му помогнало, според анкетата на ИРИ, од 10 отсто во мај 2014 година, кога имал 283.000 гласа, да се зголеми на 12 проценти во октомври минатата година што е математички гледано за 20 отсто повеќе од гласачкото тело што таа партија го имаше на тие избори, со што и таа се приближила до бројката од 320.000 гласачи.

За таа цел, смета Ѓорги Спасов, Груевски ја блокирал реформата на медиумите, „кои и понатаму се неговото најсилно оружје за зачувување на власта и за победа на изборите“. Тој, како што вели Спасов, „и во овој транзициски период, нив ги користи за целовечерно воспевање на неговите дела и на делата на неговата партија и ги користи не за создавање клима на доверба на што инсистира Договорот од Пржино, туку за заострување на политичката реторика, за ширење на говорот на омраза, за постојано оцрнување и за омаловажување на лидерите на опозицијата и за заплашување на народот од ’нејзините опасни намери’, односно од ’црните сценарија’ кои таа ги подготвувала“. Според Спасов, Груевски ја блокира работата на Специјалното јавно обвинителство за да не дозволи судската правда да излезе на виделина пред закажаните избори во 2017 година.

Комуникологот Сефер Тахири, кој учествуваше на дебатата на „Телма“ по повод оваа анкета и кого го замоливме за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) да искоментира нешто за тоа како непостоењето на црна кампања кон СЈО, односно нормалното и објективно известување, доведоа до толкавата подршка на Јанева и на нејзините колеги, истакна:

„Поради новиот комуникациски и политички контекст, секогаш треба да се прави разлика помеѓу традиционалните и новите медиуми. Истото се однесува и кога ги третираме медиумите на албански јазик во Македонија од аспект на нивниот однос кон политичките актери. Во дел од интернет-медиумите имаше медиумски дискурс, кој беше под директно влијание на политиката, зачинет со стигматизација, демонизација и со оцрнување на личности, групи, но и на политички партии. Истото не може да се констатира за телевизиите на национално ниво: „Алсат М“, „Шења“ и ТВ21, во кои имаме професионален однос кон политичките партии и нивните ставови, во смисла дека им се дава простор во информативните емисии на политичките партии, иако не е исклучена политичко-партиската наклонетост во одредени моменти“.

Но, за разлика од традиционалните медиуми на македонски јазик, продолжува Тахири, во кои личности и политички неистомисленици се ставаат на јавен линч, а дел од тие медиуми и новинари ја преземаат улогата на обвинителството и на судовите, во електронските медиуми на албански јазик тоа не се случува, а главна причина е фактот што во нив не се емитуваа т.н. кампањи од јавен интерес, кои беа финансирани од власта, а кои, всушност, си обезбедија големи финансиски средства за медиумите. И како резултат на финансиската поддршка од страна на власта, во дел од медиумите на македонски јазик имавме пропагандистички дискурс, односно политичката наклонетост ја манифестираа на транспарентен и директен начин, за разлика од медиуми на албански јазик, во кои таа се манифестира на суптилен и софистициран начин, без да има медиумски- партиски конструкции и манипулации на политичката реалност.

Членот на ад хок телото за надзор на медиумите, Љуљзим Хазири, за ТВ21 неодамна изјави дека „некои национални медиуми со својата двојазичност наметнаа нови вредности во медиумскиот простор. Со појавувањето на новите медиуми се збогати медиумскиот простор во Македонија, има повеќе место за дебати, кои недостигаа, особено кај медиумите на македонски јазик. Бидејќи, повеќето од нив емитуваа монолози отколку дебати, додека албанските медиуми се синоним за дебати.

И фактот што медиумите кои емитуваат програма на албански јазик или двојазично беа во групата на оние кои останаа неказнети, би се рекло сè до последните денови на набљудуваниот 100-дневен период, секако објаснува дека, меѓу другото, од нив не зрачеше негативната енергија, која беше карактеристична за дел од македонските мејнстрим-медиуми. Отсуството на црна кампања во некаков генерален преглед на извештаите на ААВМУ за нивните програмски содржини, сигурно значи дека нема црна кампања и во однос на други политички цели.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести