verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

АЕК или ААВМУ?

on 8 - 04 - 2015       

Алсат-погрешен-наслов-на-вест-crop-resize

 

Фактите во новинарството се светост. Тие се основниот елемент кој читателот го врзува за новинарскиот производ, а на новинарот и на медиумот им дава кредибилитет. Затоа проверката по двапати најмалку, на веќе напишан текст, е нужност на која треба да биде подготвен секој новинар, уште пред да го предаде текстот на уредникот, кој потоа повторно треба да ги провери фактите, но и да направи други уреднички интервенции по потреба.

Алсат - погрешен наслов на вестЛинк до оригиналниот напис: АЕК без повик до МРТ да ги објави опозициските „бомби“

Датум и време на објавување: 30.03.2015, 18:32

Датум на рецензирање: 08.04.2015

Рецензент: Теофил Блажевски

 

„ОТИДЕ ТЕКСТОТ, АЈДЕ НИШТО СТРАШНО!“

Честопати во својата новинарска и уредничка кариера сум бил сведок на погрешни факти објавени во текстови, без оглед дали станувало збор за кратка вест или други подолги текстови од различни жанрови. Овие грешки во фактите, особено во дневното новинарство, најчесто се случувале од „цајтнот“, т.е. брзање производот што поскоро да се стави во оптек пред читателската, слушателската, гледачката публика.

Синџирот на проверка на текстот во нашата практика најчесто е на две нивоа – новинар и непосреден уредник во редакцијата. Неретко, поради преголем обем на работа и притисок на времето, уредникот или му верува во целост на новинарот и знае да не го погледне производот или, пак, сосема бегло го погледнува текстот и сите детали во него. Сето ова доведува до чести грешки во вестите, кои најчесто, во дневната работа знаат да се толкуваат како, „отиде текстот“ и „ајде, ништо страшно, кој забележи, забележал и до утре ќе заборави, а повеќето сигурно нема ни да видат“.

Ова, навидум, може да не им изгледа страшно ниту на новинарите, ниту на уредниците. Но, не е така, затоа што фактите се првиот и основен елемент околу кој нема „преговори“ во новинарството, зашто и најдобриот новинарски производ може да биде „затемнет“ и да создаде негативен впечаток кај јавноста доколку макар и еден факт во него е погрешен, а згора на тоа може да доведе и до погрешно толкување и до забуна.

Пред нас имаме една таква вест која е пишувана од искусен новинар и е публикувана на еден од најпрофесионалните медиуми во Македонија. Тоа е уште еден доказ дека грешки се случуваат секому и секаде и затоа вниманието и концентрацијата треба да бидат постојани.

Веста е релативно коректна. Од аспект на структурата и на вистинитоста, таа е во ред. Главата на веста е погодена речиси во целост, а потоа следуваат и другите елементи што го прават текстот коректен краток извештај за дневен настан.

Вистинитоста е неспорна, нема елементи на коментирање ниту, пак, на пристрасност. Има мали недоследности околу именувањето на институцијата што се споменува во самиот текст, некаде е кратенка, некаде е непотребно наведено подолгото име, има по некоја голтната буква, но тоа е сè. Значи, самата содржина е неспорна.

 

ПРОВЕРКАТА ПО ДВАПАТИ Е НУЖНОСТ

Но, сето тоа, најблаго речено, е засенето со погрешниот факт изнесен во насловот. Имено, настанот се однесува на случувања во Агенцијата за аудиовизуелни медиуми и медиумски услуги (ААВМУ) или скратено како што се употребува, Агенција за медиуми. Во насловот, пак, пишува Агенција за електронски комуникации (АЕК), а за да биде грешниот факт „потврден“, под насловот е закачена фотографија од грбот на АЕК. Крајниот впечаток кај квалификуван читател може да биде прашањето – Како може национална телевизија да не си го знае регулаторот? И, како што обично бива во денешно време, кога се нема многу време за сите информации, по погрешниот наслов и фотографијата, читателот едноставно може да крене раце, да не го прочита текстот и да замине на друга страница на друг интернет-медиум.

Сосема е јасно дека тука станува збор за ненамерна грешка, најверојатно од брзање, а не од незнаење, што, впрочем, се потврдува и од содржината на текстот. Но, токму затоа, да повторам уште еднаш – читањето готов текст двапати и проверка на фактите се нужност која треба да ја применува секој новинар, без оглед дали станува збор за вест во една реченица и без оглед на притисокот на времето, што е неминовност во дневното новинарство.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточен наслов

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

насловот е неточен, со тоа може да се смета како лажна информација

балансираност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

издвоено од фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

несензационален

несоодветен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести