verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прилог на ТВ „Сител“ содржи омраза и меѓунационална нерпеливост, вели регулаторот

on 6 - 02 - 2017       
7427165626_69ff4eba93_k-final
ТВ „Сител“ на удар на членот 48 од Законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги. Фото: flickr/колаж

 

 

ТВ „Сител“ бил предмет на надзор на Агенцијата непосредно пред Нова година (30 декември), а предмет на опсервација биле телевизиските дневници на оваа куќа во 10 и во 23 часот, во периодот од 2 до 6 декември, значи во периодот непосредно пред парламентарните избори (11 декември). Мотивираноста на оние кои правеле контрола е говорот на омраза во овие емисии, односно содржините што поттикнувале или ширеле нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

На веб-страницата на Агенцијата за аудио, аудио-визулени и медиумски услуги (ААВМУ) неодамна е објавена информација која привлекува внимание. Можеби не толку колку што таа би требало да го врзе интересот на медиумите, но, сеедно, покажува своевидно будење на еден надлежен орган за следење на програмите на радијата и на телевизиите, па и на јавноста во целина, кон феноменот што толку долго е присутен во етерот.

Информацијата за која станува збор укажува на соочување на радиодифузерот „Сител“ со членот 48 од Законот за аудио и аудио визуелни и медиумски услуги, кој содржи т.н. посебни забрани. Ова значи дека сителовата понуда, во конкретниот случај, содржи „програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на вооружен конфликт, се поттикнува или се шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност. „Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права“, се вели во тој член.

 

ЧЛЕН ОД ЗАКОНОТ КОЈ ЕДНАШ БЕШЕ АКТИВИРАН

Овој член беше употребен и во случајот на поднесување на предлог на истата Агенција до Комисијата за заштита од дискриминација во случајот на програмите на водителот Миленко Неделковски на „Канал 5“ („Миленко Неделковски шоу“). Тоа се случи во февруари 2016 година, а ААВМУ констатираше дека споменатиот со изјавите и со ставовите искажани во неколку изданија на „Шоуто на Миленко Неделковски“ поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза кон лицата со различна сексуална ориентација, со што го прекрши членот 48 од Законот за аудиовизуелни медиуми, се рече во заклучокот од анализата на секторот за програмски работи при Агенцијата за медиуми по извршениот вонреден надзор врз неколку изданија на посочената емисија. Се констатираше дека телевизијата „Канал 5“ не може само да се оградува од содржините на емисијата, како што правеше пред почетокот на секоја емисија, туку е должна според законите да спречи говор на омраза и дискриминација. Во случајов, Агенцијата констатираше дека тоа е поедноставно, бидејќи станува збор за емисија која е снимена, а не оди во живо и тие можат и мораат да ја прегледаат и да спречат ширење омраза во јавниот простор.

Дури по шест месеци молк, Комисијата за заштита од дискриминацијата ги отфрли оценките на ААВМУ и обидот да се направи проактивен споменатиот член 48 од Законот за аудиовизуелни медиуми. Оваа ситуација, секако, заслужува друг, поширок осврт.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Затоа, да се вратиме на програмата на ТВ „Сител“. Таа била предмет на надзор на Агенцијата непосредно пред Нова година (30 декември), а предмет на опсервација биле телевизиските дневници на оваа куќа во 10 и во 23 часот, во периодот од 2 до 6 декември, значи во периодот непосредно пред парламентарните избори (11 декември). Мотивираноста на оние кои правеле контрола е говорот на омраза во овие емисии, односно содржините кои поттикнувале или ширеле нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност.

Конкретно, се работело за прилозите кои оделе во серија, а имале заеднички наслов „Двојазичноста има цена“, што требало да биде дел од она што беше клуч на нападот врз политичкиот противник на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кампањска цел, која, секако, донесе висока цена за оној кој ја користеше. Прашањето е колку и како тоа влијаеше на атмосферата во земјата на полето на човековите права и колку го подри демократскиот капацитет и меѓуетничката толеранција во земјава, која во тие подрачја и онака има своја постојана „Ахилова петица“.

 

ПРОБЛЕМОТ СО ДВОЈАЗИЧНОСТА

Овој радиодифузер со месеци двојазичноста ја третирал како „проблем кој ќе го урне македонскиот карактер на македонската држава“ (од редакцискиот коментар на ТВ-дневникот на 2 декември, на пример). Се тврдеше постојано дека Македонците треба да ја земат судбината во свои раце и за тоа да се изборат на изборите.

Вестите на „Сител“ тврдат дека двојазичноста ќе создаде последици на економски, социјален и на културен план, а дека 100.000 лица кои не се Албанци по раѓање ќе мораат да учат албански за да ги задржат своите работни места. „Сител“ во ТВ-дневниците во овој набљудуван период прави проценка дека 30.000 од вработените во јавните институции се со возраст над 50 години и дека така тие ќе мораат да изгубат работа, бидејќи ќе биде јасно дека албанскиот нема да можат да го научат. Овој радиодифузер преку постојано „пумпање“ на овие наводни стручни калкулации и проценки, говори во кои струки македонските работници ќе ја изгубат работата, откако, на пример, албанските полицајци ќе ја „преплават“ земјата, дека тоа ќе биде случај со учителите, медицинарите…

Ако внимателно се чита наодот на ААВМУ ќе се види дека уредниците на ТВ „Сител“ за тие свои „анализи“ немале особено многу протагонисти кои тоа со свој „потпис“ би го потврдиле. Како „глас на авторитетот“. Ќе се согласиме, секако, дека тоа не е само нетелевизиски приод (поефикасно е да чуете што мисли некој пред камерата, отколку да бркате бројки од разни графикони по екранот), туку е и проблем на веродостојноста на некои изнесени теории. Еден од исклучоците е доктор Виктор Камиловски кој нè плаши со неуспешни операции заради јазични конфузии во операционата сала, потоа двајца градоначалници (оние на Прилеп и од Аеродром) со некои други конструкции. Разните математички тврдења и политички условувања (вие нам глас, ние ним тоа – двојазичноста – нема да им ја дозволиме) немаат никаква друга поддршка или јасна идентификација или како што во анализата се викаат тие лица – немаат „зајакнувачи“.

 

АКО СОЗДАДЕШ СТРАВ, ТОЈ ЌЕ СИ НАЈДЕ СВОИ ЖРТВИ

Што прави овој радиодифузер? Како што кажува примерот од мајсторите на хорор-филмовите, намерно се конструираат слики кои кај гласачите предизвикуваат страв, напнатост и неизвесност, се создава чувство на нелагодност и морничаво исчекување, во исто време без друга алтернатива, освен заокружување на гласачкото ливче на одредена бројка, која ќе ги ослободи од целата таа создадена тегобност.

Во прилозите на телевизијата која – да потсетиме – е најгледана во земјава, емитува програма на територијата на целата земја, се повторуваат постојано изразите „етнички тензии“, „конфликт“, па и „војна“. Дел од тоа може да се најде во споменатиот член 48! Информациите се наменети на сите етницитети во земјата (освен Македонци, тоа би биле Бошњаци, Роми, Срби и други), а на спротивната страна се Албанците, со што се добива поларизација, односно имаме речиси комплетиран фронт. Пораките се засилувани со цртежи кои прекажуваат замислени преселби на Македонците на истокот на земјата, што е особено „запалив материјал“, бидејќи тие цртежи имаат секако своја силна сугестибилност.

Отежнувачки факт за емитувачот е дека тие содржини, непоткрепени со никакви реални факти, ги употребува во најгледани емисии, кон кои гледачите по традиција повеќе им веруваат во однос на други жанрови и дека во целиот набљудуван период, иако имал простор за тоа, ниту еднаш не го демантирал (не се поправил) изреченото, а би рекле ние и не дозволил спротивставени или контра мислења! Сè оди со голема брзина по еднонасочна улица!

Прилозите се потпишани со имињата на уредниците на емисиите, што секако ја олеснува работата за јавниот обвинител до кого се поднесуваат барања за поведување кривична постапка, со опис на примери од меѓународната, релеватна јуристичка практика.

Дали повторениот обид за активирање на членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги ќе го натера јавниот обвинител конечно да реагира?


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести