verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

20 милиони евра годишно медиумите можат да само да сонуваат, но не и да ги добијат од донаторите

on 24 - 11 - 2015       
Лажна монета од 2 евра. Фото: Европски Парламент, 2010Лажна монета од 2 евра, лажен износ од 20 милиони евра. Фото: Европски парламент, 2010

 

Информациите за некаков износ од 20 милиони евра, кој странските донатори, наводно, го потрошиле за финансирање медиуми и медиумски активности во Македонија, и тоа само лани, покрај тоа што е комплетно неточен, е и крајно манипулативен

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Расфрлањето со бројки, особено со износи пари, а уште повеќе со неточни износи пари извадени од ракав, како да станува национален медиумски спорт. Најновиот таков пример е износот од 20 милиони евра, кој, наводно, претставува сума што странските донатори ја одвоиле за медиумите и за медиумските активности само лани, искажан од претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН), Слаѓана Димишкова, во изјава за „Дневник“, според која:

„Средствата што од фондациите, амбасадите им се даваат на медиумите во Македонија се несразмерно поголеми и одат само за еден дел од медиумите. Минатата година имавме сооднос од 20 милиони евра исплатени од фондациите и амбасадите и 9 милиони евра од страна на државата. Средствата што се од државата одат или се понудени во сите медиуми, но не и овие што се од амбасадите. Знаеме дека таму има критериуми, но нашиот предлог е до 20 проценти да се слеваат во медиумите. На овој начин, со толкави странски средства во медиумите, се создава нелојална конкуренција – – вели Димишкова.

Таа додава дека процената оти за една година се влезени 20 милиони евра странски пари во некои медиуми е збир од повиците на странски институции генерално, кои се однесувале за медиуми и активности поврзани со медиуми.“

Оваа изјава толку многу е далеку од реалноста, па се поставува прашање дали воопшто со неа и вреди човек да се занимава. Но, со оглед на фактот што е искажана од лидер на новинарско здружение (и повторена на национална телевизија – од 50-тата минута), ваква изјава со нејзината фрапантна неточност и срамна манипулативност говори многу и за тоа како се сфаќа суштинската потреба на новинарството за вистинитост по секоја цена, за леснотијата при поигрувањето со вистината, но и за сериозноста на организацијата во чие име јавно се настапува. Уште повеќе, пак, што оваа фамозна и комплетно измислена бројка од 20 милиони евра брзо-брзо беше преземена од медиумските перјаници на власта и искористена во нивната машинерија на манипулации веќе следниот ден:

„Инаку, истите тие странски амбасади кои погоре ги споменавме и пропагандните агенции на нивните земји лани имале за делење 20 милиони евра за медиумите во Македонија кои работат на уривање на Владата на Груевски. И тоа се вика слободно новинарство. А не е слободно ако Владата на државата избрана со мнозинство гласови на граѓаните на „оваа земја“, даде пари, на пример, за реклама дека пушењето е штетно. Тоа е контрола на медиумите. А ова другото не е. Тоа е демократија.“

Кога се соочувате со една комплетна невистина од ваков тип, која, покрај тоа, содржи и силна манипулативна компонента, не знаете од каде да почнете со нејзиното побивање со оглед на бројните аргументи што ги поседувате. Еве, на пример, одовде: долниот графикон ги покажува вкупните приходи на петте убедливо најголеми и највлијателни медиуми во земјава кои заедно вработуваат стотици новинари – комерцијалните телевизии со национална дозвола. Дури 96,4 отсто до ТВ-гледачите во земјава, на прашањето кои телевизии најчесто ги гледаат (страница 34), посочуваат некоја од петте национални телевизии, а само 3,6 отсто некоја од локалните телевизии.

Извор: Агенција за аудиовизуелни и медиумски услугиПриходи на национални телевизии во милиони денари. Извор: Агенција за аудиовизуелни и медиумски услуги

Како што може да се види, сите тие заедно имаат вкупни приходи токму од околу 20 милиони евра (1,23 милијарди денари), но само затоа што „Сител“, како најголема, има приходи кои надминуваат 9 милиони. Комплетно неверојатно е да се поверува дека странските донатори би донирале средства кои се еднакви на вкупните приходи на комерцијалните национални телевизии, односно на вкупниот национален телевизиски пазар. Каде би отишле тие пари? Кому би му биле дадени? За кои редакции? Кои тоа други редакции имаат 50, 100 или 150 вработени, освен телевизиите? Најголемите критички портали, на пример, немаат повеќе од седум до девет вработени и тоа и такви има само три.

Најпосетуваниот критички портал во Македонија, „Плусинфо“, на пример, според агенцијата за мерење на посетеноста „Гемиус“, во 2013 година добил грант од 47,7 илјади евра. Кои се и каде се тие дополнителни 100 критички портали или други видови критички медиуми, кои добиле исти вакви грантови во вкупен износ од 4,77 милиони евра, на пример, а да не говориме за 20 милиони евра? Кои се и каде се тие новинари кои работат во таквите опозициски медиуми? Износ од само 6 милиони евра подразбира 1.000 годишни или 12.000 месечни просечни бруто-плати од 500 евра секоја. Каде се тие 1.000 новинари по критичките медиуми на кои им би била исплатена ваква сума во 12-те месеци од 2014 година? Не постојат, се разбира. Како што не постојат ни овие 20 милиони евра.

Одиме понатаму. Долната табела (десно долу) ги покажува годишните износи на донации за медиуми од страна на Фондацијата „Отворено општество“ Македонија (ФООМ/од мрежата Сорос-фондации).

Извор: ФООМ (отворете го графиконот на посебна страница со десен клик за подобра видливост)
Извор: ФООМ – табела десно (отворете го графиконот на посебна страница со десен клик за подобра видливост)

Како што се гледа, во период од четири и пол години (графиконот е објавен во август 2014 и се однесува од 2009 заклучно со првите шест месеци од 2014 година – десно), Фондацијата има потрошено 937.000 евра. Износот за првите шест месеци од 2014 година е 133.000 евра, но дури и да ја земеме 2013 година со најголем износ од 397,5 илјади евра, за да се креира износ од 20 милиони евра во период од една година, потребно е во земјава за има 50 фондации како ФООМ, кои на медиумите би им доделувале средства. Со оглед на тоа на какви напади е подложена ФООМ, а за ниедна друга фондација или друг медиумски донатор такви напади не сме прочитале ни приближно, односно речиси воопшто, тешко е да се поверува дека мегафоните на власта својот бес постојано би го истурале кон ФООМ и би ги заборавиле сите други донатори, кои според оваа бројка, би требало да доделуваат средства за медиуми и за медиумски активности.

Само овие два примери покажуваат колку оваа бројка од 20 милиони евра, наводно, доделени за медиумите е нереална, што за ова не вреди понатаму да се расправа. Но, она за што вреди да се потроши малку простор е манипулативниот момент на овој фантомски износ, како и на целата изјава. Како прво и основно, многу е тешко објективно да се одреди сумата на средства што странските донатори ја трошат за една година за медиуми и за медиумски активности. Зошто? Затоа што редица проекти се однесуваат на две или три години. Во таква ситуација, ако износот на некој повик е 100.000 евра, а проектот се однесува на три години, не може тие 100.000 евра да се однесуваат само на 2014 година, на пример. Понатаму, што значи тоа кога се вели дека бројката од 20 милиони евра се однесувала на „збир од повиците на странски институции генерално, кои се однесувале за медиуми и активности поврзани со медиуми“? Дури и да е така, а не е ни приближно, зошто се манипулира со ваква бројка и зошто се користи токму таа, ако голем дел од проектите не одат директно за медиумите (како што и не одат), туку се однесуваат, на пример, на активности како засилување на капацитетите и техничка помош за медиумските и за телеком-регулаторите, медиумска едукација, невладини медиумски проекти и слично? Како што и во реалноста и се случува. Тогаш се добива сосема друга слика.

За разлика од МАН, „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ направи преглед на медиумските проекти помогнати од странските донатори во Македонија и тоа не само за лани, туку три-четири години наназад. И иако станува збор за подолг период, севкупната бројка повторно не се ни приближува до износот од 20 милиони евра.

Она што е најважно да се знае за меѓународно поддржаните проекти е следново: Европската унија, на пример, речиси никогаш не доделува средства директно на медиуми за нивното секојдневно функционирање и активности. Некои од националните донатори доделуваат такви средства, но многу ретко, и тоа само ако станува збор за почетни средства за вид на медиум или програма која недостига на македонскиот пазар, вид на емисија која е двојазична, на пример, и ги подобрува меѓуетничките односи и слично. Единствен донатор кој директно помага медиуми е ФООМ, но неговата улога, споредено со мултилатералните донатори и со донаторите што претставуваат национални агенции за меѓународен развој на европските земји и на САД, е релативно мала.

Најголемиот медиумски проект во изминатиов период во најголема мера нема врска со доделување средства за медиумите (има врска само со МРТ), се однесува на три години (2014-16) и е во износ од 1,2 милиони евра. Главни институции што учествуваат во него се Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), Комисијата за заштита на конкуренцијата, новинарската асоцијација и МРТ. Ова е единствен проект што надминува 1 милион евра и тоа за три години. Неговата цел е поддршка на медиумските реформи, а наменат е за засилување на ефикасноста на постојните регулаторни механизми во медиумскиот сектор, подобрување на профилот на медиумската заедница и индустрија, засилување на јавната свест за заштитата на медиумските слободи, важноста на правилата за конкуренција и подобрување на компетентноста на регулаторните тела.

Друг поголем проект во износ од 900.000 евра, кој заврши годинава и кој траеше од 2013 година, се однесуваше на зголемување на административните капацитети на радиодифузниот и на телеком-регулаторите (значи повторно ААВМУ, а овде и АЕК) и се однесуваше на типична техничка помош, при што беше имплементиран од мултинационален тим од експерти.

И двата проекти се финансирани од Европската унија, односно од ИПА-средствата, што значи дека и за двата потпис ставил и министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Има само три проекти со износи поголеми од 200.000 евра: поддршка на двојазичната емисија „360 степени“ на „Алсат-М“, 222.000 евра за две и пол години – помогнато од Холандија, поддршка на Балканската истражувачка и репортерска мрежа, БИРН, 413.000 евра за три и пол години – помогнато од УСАИД и проектот за засилување на независните медиуми на Центарот за развој на медиумите, 486.000 евра за три години – исто помогнато од УСАИД.

Четири се меѓу 100.000 и 200.000 евра (каков што е и „Сервис за проверка на факти во медиумите“ за период од три години) и 12 се со помалку од 100.000 евра, при што најголем дел до нив се со помалку од 50.000 евра, а има и неколку мали проекти со помалку од 10.000 евра. Речиси сите проекти што надминуваат 50.000 евра се повеќегодишни. А, да не говориме за тоа, пак, дека има и такви проекти кои не се однесуваат само на Македонија, туку се регионални. Во секој случај, вкупниот износ е 4,49 милиони евра, при што некои од овие проекти се почнати уште во 2012 година, значи станува збор за три-четири години, а, исто така, треба да се има на ум дека од овие средства 2,1 милиони евра (или повеќе од 46 отсто, односно околу половината) се однесуваат на два проекти на ЕУ, кои многу повеќе имаат врска со медиумските и со телеком-регулаторите, отколку со медиумите како такви. Тоа е она што се однесува на мултилатералните донатори и на донаторите какви што се меѓународните развојни агенции на европските земји и на САД.

На бројката од 4,49 милиони евра, треба да се додадат уште 750.000 евра од 2012 година до средината на 2014 година на единствениот приватен донатор ФООМ и се стигнува до вкупна бројка од 5,24 милиони евра од 2012 година па до денес или по 1,31 милион евра годишно во просек.

Разликата меѓу 20 милиони евра и 1,31 милион евра е драматична, како што е драматично и слободното расфрлање со износи на колешката Слаѓана Димитрова.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести