verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Најголеми медиумски дезинформации и шпекулации за „Рекет“

on 25 - 12 - 2019       

Случајот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство е вистинска драма во неколку чина и со повеќе заплети. Почнувајќи од самите осомничени – поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, шоуменот Борјан Јовановски (Боки 13) и бизнисменот Зоран Милевски Кичеец, па сè до наводно рекетираниот – жртвата Орце Камчев, еден од најбогатите луѓе во Македонија, близок на поранешната власт и самиот обвинет во случајот „Империја“ на СJO

Пишува: Симона Атанасова

Актерите во оваа драма, начинот на кој што се водеше целата предистражна постапка и судските рочишта за овој предмет кои наликуваат на сапунска опера, со право го прават „Рекет“ еден од најскандалозните случаи во независна Македонија, кој го држи вниманието на јавноста будно половина година и е постојана мета на медиумите.

Но, во купот разни информации кои се појавија во јавноста, од отворањето на предметот па сè до судските рочишта кои се случуваат кон крајот на оваа годинава, јавноста беше бомбардирана и со невистини, дезинформации и шпекулации околу самиот случај и за сите, на еден или друг начин, инволвирани во него. Па, така, „Рекет“ од самиот почеток, освен дезинформации, го следат и низа помали скандали. Видео од броењето на парите и нивното подигнување во „Луј Витон“ чанта осамна во италијански медиум претходно ни чуен ни виден. Исказот што Орце Камчев го дал во Обвинителство се појави на веб-портал, а секојдневие стана да се појавуваат Јутјуб снимки со конфузна содржина на кои се слуша гласот на Камчев.

ВРШЕН ПРЕТРЕС КАЈ ЛИЛЕ СТЕФАНОВА

Откако јавноста дозна за случајот „Рекет“, во медиумите се појави информација дека бил вршен претрес во домот на обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова која го водеше случајот „Империја“, во кој еден од обвинетите е Орце Камчев. „Империја“ е клучна за „Рекет“ затоа што, според обвинението од ОЈО, Боки 13 го рекетирал Камчев, а тој  платил за да добие олеснителни околности во овој случај.

Стефанова на прес-конференција веднаш демантираше дека кај неа бил вршен претрес и потенцираше дека нема никаква поврзаност со „Рекет“ и дека таа не потпишала никаква одлука за „Империја“, туку дека тоа го правела Јанева.

Не е точно дека имало претрес во мојот дом. Не стравувам за својата иднина и нема зошто да бидам инволвирана. Не знам дали Јанева треба да стравува, изјави Стефанова.

УАПСЕНА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА

Дел од медиумите не само што шпекулираа за вмешаноста на Стефанова во „Рекет“ туку отидоа и чекор подалеку и објавија дека таа е уапсена. Од СЈО ја демантираа оваа информација.

Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека обвинителката Лиле Стефанова е уапсена вчера. Воедно апелираме до сите медиуми да не се објавуваат било какви информации, без претходно да бидат проверени.

И Стефанова ја демантираше веста во изјава за „Фокус“.

Најостро ја демантирам информацијата дека сум била уапсена.За секоја идна шпекулација ќе преземам соодветни законски мерки, рече таа.

 

ПОЛИЦИЈАТА ВРШИ ПРЕТРЕС ВО ДОМОТ НА КАТИЦА ЈАНЕВА

ОЈО на почетокот на истрагата ѝ го одзема телефонот на Катица Јанева, но медиумите тоа го преставија како вршење претрес во домот на Јанева, што ОЈО го негираше.

КАТИЦА ЈАНЕВА ПОБЕГНАЛА ВО ГРЦИЈА ВО ДОМОТ НА ЗАЕВ НА ХАЛКИДИКИ

Додека поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, беше на боледување и не се појавуваше во јавноста, дел од медиумите го искористија нејзиното отсуство за да дезинформираат дека побегнала. И тоа ни помалку ни повеќе туку дека се крие во семејната вила на Заеви на Халкидики. Ова набрзо се покажа како неточно, Јанева се врати во СЈО, одржа прес-конференција, а неколку дена потоа беше притворена.

ИСКАЗОТ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ ОСАМНА НА ВЕБ-ПОРТАЛ

Медиумот „Инфомакс“ објави фотографија од исказот кој Камчев го дал во Обвинителство како сведок. Иако јавноста е гладна за информација повеќе поврзана со овој случај, сепак, освен што е неетички и непрофесионално да се објави службена тајна која може да ѝ наштети на истрагата, тоа претставува и кривично дело. За објавување на овој податок, ОЈО поднесе кривична пријава против новинарот.

Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка, пишува во соопштението од Обвинителството.

Медиумите и новинарите мора да направат јасна дистинкција што е јавен интерес, а што е податок со чие објавување може да се направи повеќе штета од корист.

ЗАЕВ И РУСКОСКА ВМЕШАНИ ВО „РЕКЕТ“

Италијанскиот медиум „Ла Верита“, кај кој не се знае како завршиле снимките од безбедносните камери од домот на Камчев, објави текст во кој тврди дека во „Рекет“ се вмешани Заев и обвинителката која го води случајот Вилма Русковска. За ова со демант се произнесе Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски, кој изјави дека се работи за шпекулација.

Тоа е чиста шпекулација затоа што во тој период ниту Русковска била раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ниту пак има вистина во тоа кој и како се јавувал и за што се јавувал, изјави Јовески.

ДИМИТРОВ ВМЕШАН ВО „РЕКЕТ“

Порталот „Република“ објави дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров е вмешан во „Рекет“ без притоа да наведе како е тој вмешан ниту да понуди некаков доказ дека тоа е вистина. Димитров овие обвинувања ги нарече ноторна лага и побара извинување од порталот. Во спротивно тој најави тужби за кои подоцна рече дека нема да ги реализира.

Барам веднаш „Република“ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот ‘Рекет’ и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам, напиша на „Фејсбук“ министерот Димитров.

 

БОКИ 13 РЕКЕТИРАЛ ЗА ДА Ѝ ВРАТИ ПАРИ НА КАРЛЕУША

Српски Курир напиша, а македонски медиуми објавија без да ја проверат информацијата дека Боки 13 го рекетирал Орце Камчев ни помалку ни повеќе, туку „за да ѝ ги врати парите на неговата пријателка Јелена Карлеуша“.

Информацијата виси во воздух бидејќи нема извор, нема никаква потврда, целосно е еднострана и тенденциозна. Кратко по бомбастичната објава, Карлеуша во изјава за „Репортер“ ги демантира тврдењата:

Информациите што ги прочитавте во српските медиуми се апсолутна груба лага. Бојан никогаш од мене не позајмил пари. Никогаш ништо не ми должел, ниту имам сознанија дека е должен некому во Србија. Сè што можам да кажам за Бојан е дека отсекогаш самиот си плаќал сè, никогаш никој не му го платил дури ни ручекот.

ТОРБАТА СО ПАРИ ЗАВРШИЛА ВО ВЛАДА

Кратко по објавата на Ла Верита каде што се гледа Луи Витон торбата со пари, се појавија медиумски објави кои тврдеа дека торбата која осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец ја добиваат од Јордан Камчев, завршила во Владата. По објавувањето на написот, портпаролот на Владата ја демантираше информацијата и ја нарече „лажна објава“:

Ја демантираме веста дека осомничените лица од „Рекет” на 20.2 биле во Владата или во гаражите на Владата. Бараме од порталите „Нетпрес“ и „Дудинка“ да ја повлечат лажната објава и да го објават овој демант.

ЧИФЛИГАНЕЦ ДЕМАНТИРА ДЕКА БАРАЛ ДУЌАН ОД КАМЧЕВ

Сопственикот на градежната компанија „Адора“, Ванчо Чифлиганец, кој беше споменат од страна на Орце Камчев во објавените разговори за случајот „Рекет“, ги демантираше наводите дека барал од бизнисменот дуќан за стоматолошка ординација за обвинителката Лиле Стефанова.

Би сакал одговорно да ѝ соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката се нема случено бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Беспредметно е дури и попатно споменување на моето име, вели Чифлиганец во соопштението што го упати до јавноста.

РЕКЕТИРАНИТЕ ДЕМАНТИРААТ ДЕКА БИЛЕ РЕКЕТИРАНИ

Неколку бизнисмени за кои се појавија информации дека и тие, како Камчев, биле рекетирани, ги демантираа овие тврдења. Ардијан Амзоски и фирмата „Дрим Билдинг“ од Струга ги отфрлија, како што велат, шпекулациите дека Ардијан Амзоски му платил 261.853 евра на Боки 13 за специјалната обвинителка Катица Јанева да му повлече обвинение.

Рекетирањето го демантираше и поранешниот градоначалник на Кочани и сопственик на печатницата „Европа 92” Ратко Димитровски, кој во изјава за медиумите рече дека не им платил рекет од 500.000 евра на Бојан Јовановски, Зоран Милевски – Кичеец и Катица Јанева.

Никој ниту ми се јавувал, ниту сум се видел со Боки 13, ниту од мене барал нешто такво. Ниту пак сакам да се видам со таков човек. Мојата компанија нема ни маркетинг во 1 ТВ, никаква соработка не сме имале, така што ова е дезинформација. 500.000 евра се огромна сума за мене. Не можам да видам 5.000 евра во кеш, не па толку, изјавил Димитриовски за „Лидер“.

РЕМЕНСКИ И ТАТКО МУ НА БОКИ 13 ДОБИЛЕ КУЌЕН ПРИТВОР

Целосна дезинформација е дека на Јовановски и Ременски, која воедно е потпретседателка на Собранието и висок функционер во владејачката партија СДСМ, им бил одреден куќен притвор.

Во соопштението, кое Кривичниот суд го испрати до медиумите, се вели дека Ременски и Јовановски добиле одредени мерки за претпазливост, но никаде не пишува дека станува збор за куќен притвор.

ЈАНЕВА СМЕСТЕНА ВО ХАШКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШУТКА

Една од шпекулациите поврзани со овој случај беше тврдењето дека во истражниот затвор во Шутка, осомничените за „Рекет“, Бојан Јовановски (Боки 13) и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се притворени во Хашкото одделение и оти поради тоа се привилегирани. Ова е лажна вест.

Јанева како што потврди директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Есад Рахиќ, беше сместена во обична ќелија, а како една од причините за тоа е да се оневозможи контакт со првоосомничениот во овој случај, Бојан Јовановски (Боки 13), кој е сместен во Хашкото одделение.

МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ВМЕШАН ВО РЕКЕТОТ

Портлот „Инфомакс“ донел целосно погрешен заклучок од сведочењето на Орце Камчев за време на судењето за случајот „Рекет“ кој за време на вкрстеното испрашување од Боки 13, во судницата рекол дека на една од средбите меѓу останатите бил присутен и министерот за здравство Венко Филипче. И толку. Во ниту еден контекст тој не тврдел дека Филипче е дел од рекетот. Откако заврши рочиштето, Камчев во изјава за медиумите објасни дека Филипче не бил вмешан во бизнис-зделките на Боки 13.

Ако Венко Филипче барал нешто на тој состанок, да знаете, сигурно ќе беше пријавено. Јас и Венко Филипче со години сме пријатели. Над 20 години. Тој работеше во нашата болница одреден период. Тој ми беше пријател и ќе ми биде пријател. Бојан Јовановски имаше идеја да се прави некое јавно-притватно партнерство за некоја болница. Ние му рековме дека тоа не држи вода иако тој може преку некои негови врски тоа да го лобира. И тоа беше тоа на состанокот, додаде Камчев по судењето.

Медиумите мора да бидат особено внимателни во нивното известување и да се држат до проверените факти и информации и покрај комплексната ситуација врз која е поставен и се развива целиот случај и високиот профил на личностите инволвирани во него. Медиумите, особено во вакви чувствителни ситуации, треба строго да се држат до професионалното новинарско известување засновано на факти и докази. Во таа смисла, сè што ѝ се сервира на јавноста треба да биде проверено и потврдено, а не преку сензационализам и дезинформации дополнително да се подгрее атмосферата.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести